Насловна / Интервју / Скопје уште долго ќе талка во лавиринтот на сопственото пронаоѓање

Скопје уште долго ќе талка во лавиринтот на сопственото пронаоѓање

vlatko_korobar_thumb.jpgпроф.д-р Влатко П. Коробар, архитект

„Јавните објекти денес треба да сведочат за рационално трошење на јавните фондови, за свеста за рационално трошењена енергијата, зашто преку нив се отсликува карактерот на едно време и актуелното сфаќање на јавниот интерес“.

 

Архитектот Влатко П. Коробар е добитник на Големата годишна награда на Асоцијацијата на архитекти на Македонија за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2010 година за објектот основно училиште со градинка „Нова“. Според архитектите, првонаградениот објект се карактеризира со квалитетно проектантско решение, комплексна програма, дневна светлина во сите простории, ненаметлив ентериер и екстериер, и современи материјали. ААМ го одбра трудот на Коробар во конкуренција од 11 објекти реализирани во текот на минатата година.

Професоре коробар, за почеток, едно општо прашање, што претставува за Вас големата награда за 2010 година од страна на вашите колеги од асоцијацијата на архитектите на Македонија?

Се разбира дека наградите годат. Кој ќе ви каже поинаку, тоа веројатно го прави или од лажна скромност или заради некакво изместено разбирање на значењето на наградите. Едноставно, сè си има свое место – дилемите и возбудата на проектирањето, предизвиците и маките на изведбата, задоволството од изведениот објект, но и задоволството од наградите. Посебно е задоволството кога наградата ја доделува професионалната асоцијација на архитектите. Но, морам да кажам дека тоа не е награда само за архитектот, туку истовремено е награда и за инвеститорот, зашто таа ги верифицира неговиот избор и неговата инвестиција, па и поради тоа задоволството ми е уште поголемо.
vlatko_korobar_2.jpg
Претседателката на управниот одбор на ааМ, Даница Павловска, смета дека овие награди се еден вид проверка на архитектите. какво е Вашето искуство и мислење во однос на наградите?

Наградите ја имаат токму таа цел: од продукцијата во еден определен период да укажат на оние дела кои се издвојуваат и кои досегнале едно рамниште кое е над просекот или вообичаеното, и освоиле некои нови територии на струката. Наградите се значајни за професијата, но и за пошироката јавност, зашто преку нив би требало да се посочи на правците во кои треба да се размислува за просторот, да се обликува просторот на нашето секојдневие, без оглед на тоа дали станува збор за јавен простор или простор кој има определен степен на приватност. Сепак, сметам дека наградите на полето на архитектурата сè уште го немаат досегнато неопходниот степен на јавност и влијание што треба да го имаат, па оттаму потребниот степен на нивна општествена релевантност сè уште не е досегнат.

Каков предизвик беше за Вас да се проектира објект за најмладата возрасна група?

Секој проект носи свои предизвици, но кога станува збор за објекти во кои имате генерациски компактна група на корисници тогаш предизвикот е уште поголем зашто треба да проникнете во потребите и сфаќањата на просторот на таа возразна група. Посебен предизвик е да се проектира за најмладата возрасна група на корисници. Перцепцијата на просторот се менува низ времето, а на определен начин, таа е и генерациски кодирана. Од тие причини, проектирањето на ваков вид објекти е исклучително возбудливо и е поврзано со континуирани дилеми како да се проектира простор во кој ќе се учи, но истовремено и тој самиот ќе подучува. Се надевам дека обликував простор кој ќе им биде добар „учител“ на децата.

Според Вас, со што се издвојува модерната приказна за кампусот “Нова“, во однос на другите наши постоечки предучилишни, основни и средни образовни институции?

Сега веќе слободно може да се зборува за еден вид кампус на образовните институции „Нова“. Оваа приказна започна пред десетина години со изградбата на објектот на гимназијата, а нејзиниот успех се темели на посветеноста и визијата на управувачкиот тим на интернационалните училишта „Нова“. Се разбира, еден ден кампусот ќе биде во целост оформен, кога ќе биде изграден спортскиот и културен центар. Но, она што треба да се одбележи е фактот што, наспроти општото убедување дека станува збор за многу скапи изведби, цената по квадратен метар на објектите не отстапува значително или е многу блиску до вообичаената цена за ваков вид објекти кои се градат кај нас. Тоа се должи на внимателното дефинирање на програмските содржини, планирањето на просторот и умешното искористување на локацијата, која и покрај релативно малите димензии остава недвосмислено чувство на пространост и отвореност. Сакам да споменам дека успешната приказна на „Нова“ е резултат на заедничките напори на сите, на менаџментот, наставниците и помошниот персонал, кои секој во својот домен ги одржуваат и просторот и процесите што се одвиваат во него на едно постојано високо рамниште.

Дали имате чувство дека во нашето општество затајува проектирањето и изградбата на објекти од овој вид на јавен карактер?

Долго време, во текот на оваа „никако-да-заврши транзицијата“, објектите од јавен карактер беа целосно заборавени. Кога се појавија, веројатно заради долгиот прекин во нивната изградба, изгледаше како да не знаеме како да се однесуваме кон нив, па имаме екстремни ситуации. На една страна тие сосем несоодветно и непотребно се облекуваат во скапо руво што не им прилега, или на друга страна имаме „лимени бараки“ што треба да бидат училишни спортски сали, а кои со малку повеќе промислување можеа да бидат повеќенаменски центри на локалните заедници, без притоа драматично да се зголеми нивното чинење. Кај инвестициите во јавни објекти клучна е фазата на програмско осмислување на објектите, но кај нас, приоритет имаат брзите резултати. Јавните објекти денес треба да сведочат за рационално трошење на јавните фондови, за свеста за рационално трошење на енергијата… , зашто преку нив се отсликува карактерот на едно време и актуелното сфаќање на јавниот интерес.
vlatko_korobar.jpg
Живееме во време кога барањата и парите на инвеститорите се посилни од каква било професионална архитектонска етика. Дали мислите дека после сè, е возможно да дојде до едуцирање на инвеститорите, и да се престане со правење компромиси од страна на вашите колеги – компромиси со кои честопати се нарушува јавниот простор?

За жал, во целиот овој транзиционен период јавниот простор е најранливата категорија на простор, кој практично нема свој стопан. Затоа и толку лесно се посегнува по него. По долготрајниот период на изместена претстава за тоа како треба да се однесуваме кон јавниот простор, ќе треба да помине многу време пред да почнеме да се однесуваме вистински урбано. Дотогаш архитектите и урбанистите ќе мораат да ја одиграат својата улога на „чувари“ на јавниот простор, улога која особено ним им припаѓа, но која од разни причини ја имаат заборавено.

ААМ со отворено писмо побара од Владата на рМ и од Собранието на рМ да се повлече од расправа предлогот на Законот за постапување со бесправно изградени градби. какво е вашето мислење по однос на ова прашање?

Прашањето на бесправната градба е исклучително сложено прашање, како што е сложена и разновидна и самата структура на бесправните објекти, но и мотивите што стојат зад нивната изградба. Затоа и не е можно брзо и едноставно решавање на проблемот. Секое решение мора да појде од фактот што не смее да се амнестира општествено неодговорното однесување во просторот, но и дека е неопходно да се заштитат најранливите категории граѓани за кои бесправната градба била единствениот начин за решавање на егзистенцијални прашања во отсуство на други општествени механизми за нивно решавање. Целиот процес не смее да го доведе во прашање јавниот интерес во просторот и да ги ограничи или оневозможи идните капитални инвестиции, особено инфраструктурните, кои се од општ интерес.

За да се дојде до огромен зафат наречен „Скопје 2014“, претпоставувам потребен е некаков поттекст од архитектонска, политичка, психолошка, национална и културна смисла? кој е тој поттекст, според Вас?

За вистински одговор треба да ги прашате или барем да ги подложите на анализа неговите автори. Веројатно станува збор за збир од сè ова што го наведовте, но во една нивна изместена перцепција. За жал, имам впечаток дека сепак ќе мора да живееме во тоа Скопје од 2014 година. Опозицијата веќе се декларира дека, во случај ако дојде на власт, ќе ги доврши сите започнати објекти, а практично сите значајни објекти се започнати. Од друга страна, позицијата разбирливо ќе продолжи да работи на него, та ми се чини Скопје од 2014 година нема никако да нè одмине. На поведрата страна од работите, ако таква во овој контекст воопшто може да има, по преполнувањето на центарот можеби конечно ќе почнеме да размислуваме за целиот град и за фактот што Скопје не е само центарот.

Зошто, според Вас професоре, ни недостасува граѓанска култура во спречувањето на урбаниот хаос? Што е тоа што недостасува за да се дојде до некаква граѓанска иницијатива која би подразбирала демократско и отворено спротиставување на какво било загрозување на јавниот простор?

Од една страна граѓанскиот сектор кај нас е сепак сè уште во рана фаза на развој, а од друга страна за отворено и демократско изразување на своите ставови за сè, па и за прашањата на просторот, е потребен демократски амбиент кој кај нас, за жал, недостасува. Видовте што им се случи на нашите студенти, кои сакаа да го изразат своето мислење за изградбата на црква на градскиот плоштад. Оние што се задолжени за планирањето и уредувањето на просторот сè уште сметаат дека највисокиот дострел на демократичност во процесот на урбанистичко планирање се јавната презентација и јавната анкета, па и не знаат како би требало нè само да артикулираат, туку и да поттикнуваат други видови иницијативи и начини на изразување на ставовите и интересите на граѓаните за просторот.

Се гледа ли крајот на оваа мачна транзиција во нашево архитектонско доживување на Скопје?

Крајот не се гледа. Напротив, работите сега се уште посложени. Ако порано имавме неизградени градски делови со планови за нивната иднина, сега имаме изградени градски делови без да ја знаеме вистинската слика на нивната иднина. Скопје уште долго ќе талка во лавиринтот на сопственото пронаоѓање.

Дејан Буѓевац

Испрати коментар

Scroll To Top