Египет реализира еден од своите најголеми земјоделски и инфраструктурни проекти, чија цел е дел од пустинското земјиште западно од делтата на Нил да го претвори во нови обработливи површини. Проектот е познат под името „Нова Делта“. Сепак, не станува збор за нова река, туку за сложен систем од канали, цевководи, пумпни станици и постројки за преработка на вода. Задачата на овој систем е водата од различни извори да ја донесе до подрачјата кои досега биле главно неплодни и непогодни за земјоделство.

Трошоците за проектот достигнуваат 800 милијарди египетски фунти. Планирано е системот да обезбеди вода за околу 924.000 хектари. Водата ќе се обезбедува преку две главни траси, од кои секоја е долга околу 150 километри. Енергетската инфраструктура во склоп на проектот има вкупна моќност од 2.000MW. Еден од најважните објекти е постројката „Нова Делта – Ел Хамам“, проектирана за преработка на околу 7,5 милиони кубни метри вода дневно.

Проектот “Нова Делта“ би требало да го зголеми домашното производство на житарици, зеленчук и други земјоделски култури, да ја намали зависноста од увоз на храна и да отвори нови работни места. Покрај земјоделските површини, планирана е и изградба на патишта, дистрибутивни центри, складишта и пратечка инфраструктура. Проектот е започнат во 2021 година, и реализиран е во повеќе фази. Одредени негови делови се завршувани етапно, а во мај годинава свечено е пуштен во работа.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија