Собранието на Македонија се наоѓа наспроти паркот „Жена борец“ во Скопје. Објектот е конципиран во модерен архитектонски јазик, во форма на надворешен петоаголник со внатрешен (затворен) двор, со специфичен масивен, разигран волумен и со присуство на чисти фасадни елементи.
Објектот е сутерен (каде биле сместени работилници), помошни простории, приземје, прв и втор кат – простории кои од 1939 до 1944 год. се во употреба како Управна палата на тогашната локална управа на Кралството СХС.

Објектот има четири влеза – свечен влез, влез за надворешни посети, службен влез, влез за пратеници и како посебен влез е влезот во внатрешниот двор.
– 1939-1944 год. (до ослободување на Скопје во ноември) е зграда на локалната управа на Кралство СХС.
– Од 1944 год. по Втората светска војна, во зградата е сместена целокупната понова администрација на македонската народна власт, Претседател на Д.Р. Македонија, Народното Собрание, Владата и Уставен суд.
– 1991 год. со осамостојување на Македонија, сместен е кабинетот на Претседателот на Р Македонија.

Почетоците на објектот досегнуваат во 1930 година кога е распишан конкурс за проект кој го добива архитектот Виктор Лукомски, а изграден е 1932–1938 година според проектот на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак. Тој работел во Кралевската банска управа за Вардарска бановина. Се јавува како ревидент на повеќе архитектонски проекти. Бил ревидент на проектот за Резервната калорична централа за Хидроцентралата „Св. Андреја“ во Скопје во 1933 година на Милан П. Пеќинар.

Од 1954 – 1963 година на постоечкиот објект, во внатрешниот двор доградени се „Свечената сала“ и „Сала 2“, а ентериерно се уредени постоечките помали сали.
Во 1963 година зградата е видно оштетена од земјотресот, по што е преземено нејзино санирање и реконструкција.
Во 1966/67 година е реконструирана и ентериерно уредено Парламентарната сала, а доградени се уште две нови сали (Сала 3 и Сала 4).
Во 2004/05 година е извршена реконструкција на влезовите, со изведба на натстрешници над секој влез.

Во 2010 година започнува голем зафат на реконструкција на објектот кој трае до 2016 година (2017 год.). Со овој зафат извршено е комплетно санирање, зајакнување на објектот со нови конструктивни елементи – армирано-бетонски платна и столбови со што е истовремено овозможено и да се изведе надоградба на уште еден кат, во кој се сместени работните простории (кабинети) на секој пратеник и сали. Комплетно е направена промена на фасадната столарија; иведена е нова фасада –контактна, а делови се поплочени со мермерни плочи од травертин-мермер.

За да не се наруши изгледот на старата (постоечка) фасада, надоградбата е повлечена од надворешната страна на објектот. Две нови сали за комисии се поставени под две мали, стаклени куполи.
Во внатрешниот двор, изграден е нов објект со катност како и целата зграда и истиот со топли врски-мостови е поврзан по катови со објектот.
Над централниот дел на објектот, на независна конструкција –поставена е „Мултифункционалната сала“, со стаклена купола, изведена од челична конструкција.

Оваа сала е поврзана со топла врска со ходникот на последниот кат – надградениот.
Надвор околу објектот, партерот и внатрешниот двор се поплочени со гранитни плочи.
Внатре, свечениот влез, холот и трокраките скали од приземје до први кат се поплочени со бел мермер, а ходниците со терацо.

Во свечениот дел се ентериерно опремени Охридска и Струшка соба, во длаборез од резбарската школа од Охрид, како и гипсени декорации, изработени од Дримколските мајстори.
Малиот свечен салон, салата на Уставната комисија, ресторанот и кабинетите се ентериерно уредени со дрвени ламперии во интарзија. Од вградена орнаментна содржина е обработката на кабинетите и ентериерот, дизајнирани од Д. Инкриостри (1935-1937 год.), во резба, „Сала Длаборез“ со комплетно обложување на ѕидовите, таваните со дрво, каде се аплицирани во резба вегетабилни и зооморфни стилизирани мотиви, втемелени на народната уметност и традиција. Изведбата е доверена на Глиша Костовски – столар, резбар од Тетово со неговата тајфа.

Направена е конзервација на облогите од резба, гипсаните елементи во кабинетите и салите.
Во дел од просториите изработени се нови ентериерни решенија.
Во Парламентарната сала, реновирана во 1999 год. најзначајни се мозаиците на ѕидовите, од уметникот Газанфер Бајрам.
Во 2013 год. е направена конзервација и реставрација на резбата во кабинетот на Претседателот на Собранието (Сала Длаборез).

Објектот до 2010 годинаимаше статус на заштита. Земајќи ги предвид сите вредности на објектот, неговата автентичност и состојбата во која се наоѓа, се упатува препорака до надлежните органи за заштита на културното наследство и останатите носители на одлуки, да се изработи елаборат со кој ќе се отпочне процесот за прогласување на овој значаен објект како културно наследство на модерната во РС Македонија од прва категорија. Препорака при следни реконструкции да не се нарушува дополнително автентичноста на објектот во екстериерот и ентериерот.
Извор: https://mmmn.icomos.org.mk/buildings/MNSK02
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија