Насловна / Дневни Вести / Почнува легализацијата на дивоградбите

Почнува легализацијата на дивоградбите

rusenje-divogradbi-rasadnik-6.jpg

Скопје – Легализацијата на дивоградбите во земјавапочнува од идниот месец.  Законот за постапување со бесправно изградени објекти е изгласан вчера воСобранието и ќе стапи на сила осмиот ден по објавување во Службен весник, а ќе важи во наредните шест години.

Граѓаните ќе имаат можност да ги легализираат куќите по едно евро за квадрат, а ќе им бидат потребни само три документи: уверение за државјанство или копија од лична карта, доказ за приклучок на комунална инфраструктура или сметки за јавни услуги и геодетски елаборат за утврдување на фактичката состојба на објектот со имотен лист.

Ценовникот за геодетски елаборат ќе биде донесен на наредната владина седница, а како што денеска на прес-конференција истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, цените за индивидуалните објекти нема да бидат повеќе од едно евро.

Заклучно со вчерашниот ден во Агенцијата за катастар на недвижности се евидентирани 310 илјади дивоградби на целата територија на државата.

Измена во законот е тоа што покрај првично предвидените објекти кои беа опфатени, сега е предвидено да бидат третирани и градбите од локално значење, односно сите видови градби (доградби и надградби) предвидени со Законот за градење, а ќе може да се легализираат и јавните здравствени установи. Овие објекти ќе се легализираат согласно надоместокот за уредување на градежното земјиште или т.н. комуналии. 

Преку амандманска расправа во Собранието, направена е и измена во рокот во кој општините треба да ја издадат урбанистичката согласност. Така, наместо првично предвидените три месеци сега општините во рок од шест месеци ќе треба да ја издадат урбанистичката согласност по приемот на барањето, а во период од пет години легализираниот објект да го вградат во идните урбанистички планови.

Предвидено е и прекинување на постапката доколку со барањето не се поднесат потребните документи се додека тие не се обезбедат.

– Граѓаните воопшто не треба да се плашат доколку не обезбедат некој од документите. Тоа може да биде случај со геодетскиот елаборат. Општината по службена должност ќе направи прекин на постапката со што се додека трае овој закон ќе имаат можност да го достават документот, потенцира министерот Јанакиески.

Според него, донесувањето на Законот за постапување на бесправно изградени објекти претставува финално решение на еден проблем со урбаниот хаос со кој Македонија се соочува години наназад.

Во следниот период предвидено е организирање на јавни трибини на кои граѓаните ќе бидат подетално запознати со роковите за поднесување на барања за легализација, а викендот ќе се одржи и обука за вработените во единиците за локална самоуправа кои во најголем дел треба да го имплементираат законот.

Сите средства од легализацијата на индивидуалните објекти ќе се слеаат во општините, а објектите кои нема да бидат легализирани ќе бидат третирани согласно одредбите од Законот за градење и ќе бидат отстранети од страна на надлежните инспекциски служби. (МИА)

Испрати коментар

Scroll To Top