Насловна / Архитектура / Интервју со Дејан Метикош: Квалитетен проект може да испорача само ценет и соодветно платен професионалец

Интервју со Дејан Метикош: Квалитетен проект може да испорача само ценет и соодветно платен професионалец

Дејан Метикош е роден 1978 година во Скопје. Во 2007 година дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје; Градежен факултет, насока – патишта и железници. На истиот факултет 2011 година се стекнал со звање магистер по технички науки од областа на градежништвото. Во 2007 година работи кратко време во проектанската фирма „Чакар и партнерс“, а потоа се вработува во Градежен Институт „Македонија“ А.Д. (ГИМ). Дејан Метикош, почетокот на својата професионална кариера во Градежен институт „Македонија“ (ГИМ) ја започнува како млад инженер, каде преку посветена работа и континуиран напредок поминува низ сите хиерархиски скалила, за на крајот да ја преземе функцијата директор за продажба.

Во своето 18-годишно работење во ГИМ изработил повеќе проекти како одговорен, главен проектант или координатор, меѓу кои позначајни се: Основен проект за изградба на автопат Коридор 10д, делница: Прилеп – Битола; Основен проект за рехабилитација на железница Коридор 8, делница: Куманово – Бељаковце; Докомплетирање на проектна документација за автопат Кичево-Охрид; Основен проект за изградба на автопат Коридор 8, делница: Требениште – Струга; Изработка на проектна документација – идејно решение за брза сообраќајница преку Бокакоторски Залив, Основни проекти за изградба на наплатни станици на автопатите на А1, А2 и А4, Основен проект за изградба на експресен пат А3, Делница: Штип – Кочани и други.

На седницата одржана на 4 октомври 2025 година, Собранието на Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ) го избра м-р Дејан Метикош за претседател на Комората за мандатниот период 2025-2029.

Порта 3 Ви го честита изборот претседател на Комората и Ви посакува успех во работењето. Ако не се лажам првата средба ја остваривте со министерот за транспорт со фокус на подобрување на законската регулатива. Како планирате Комората да учествува во унапредување на законската регулатива во инженерската струка?

Ви благодарам на честитките. Првата средба со министерот за транспорт не беше случајна – таа е јасен сигнал дека архитектите и инженерите мора да бидат во „првата борбена линија“ при креирањето на законите. Мојот план е Комората да го продлабочи дијалогот со надлежните институции, од каде што потоа преку формирање на стручни тимови ќе има главна цел: подобрување на регулативата, давање предлози за измена на регулативата и застапување на интересите на професијата и заштита на јавниот интерес. Нашата цел е инженерскиот печат да добие законска тежина која ќе гарантира квалитет, а не само формалност.

Во Вашата програма наведувате дека се потребни реформи во правилниците и актите на Комората? Што суштински ќе се реформира во нив?

Суштината на реформите е во ефикасноста и транспарентноста. Многу од нашите внатрешни акти се застарени и не кореспондираат со динамиката на модерното инженерство.

Мојот приоритет е целосно „осовременување“ на законската рамка на Комората. Не ни се потребни козметички промени, туку јасни и недвосмислени правни акти кои ќе ја осигураат правната сигурност на секој член. Тоа ќе го постигнеме преку три клучни столба на реформата:

Прво, воспоставуваме јасни надлежности и ефикасност. Со ревидираниот Статут, деловниците, правилниците и упатствата, точно ќе се дефинира кој за што одлучува, со што се става крај на правното талкање . Воведуваме официјални правила за онлајн и хибридни седници, со што ја зголемуваме ефикасноста и ќе овозможуваме поефикасно работење на органите и  усогласување со актуелната законска рамка и современите професионални практики.

Второ, гарантираме транспарентност и демократичност на процесите. Процесите во Комората, а особено изборниот процес, мора да бидат кристално чисти и транспарентни. Ќе го утврдиме правото на жалба и ќе воведеме двостепеност во одлучувањето, со цел остварување на правото на правна заштита.

Трето, воведуваме дигитална интерактивност. Нашата веб-платформа ќе стане централен јазол на информации преку дигитален регистар на сите акти. Но, одиме и чекор понатаму, односно ќе воведеме електронски систем за предлози и иницијативи од страна на членовите.

Ова усогласување со современите професионални практики е единствениот пат до развиена институција која не само што издава овластувања, туку вистински го предводи и го штити инженерскиот сектор во Македонија.

Ценовникот за минимална вредност на инженерските услуги во високоградбата се донесе по долготрајна борба. Дали и колку се применува? Најавивте контрола на неговата примена, на кој начин ја планирате? Најавивте и негово редовно ажурирање во согласност со пазарните услови, кога членовите да го очекуваат?

Борбата за усвојување на ценовникот беше само првата фаза, сега следува главната битка – неговата имплементација. Свесни сме дека на терен сè уште има обиди за негово заобиколување. Согласно приоритетите, во иднина ќе следуваат следниве активности:

  • Прво ќе се заложиме за усвојување и ставање во функција на ценовниците за линиска инфраструктура и за геотехника во високоградбата.
  • Потоа, ажурирање на тарифникот за урбанизам и на ценовникот за високоградба согласно досегашните искуства со нивното користење, како и нивно усогласување согласно денешните пазарните услови, инфлацијата и цената на трудот.
  • Во однос на  примената на ценовниците и нивна контрола, планираме дигитално да се поврземе на порталот за интероперабилност со сите надлежни институции преку e-uslugi.gov.mk и ќе овозможиме електронско поднесување за новите овластувања и продолжување на постоечките. Паралелно,  ќе воведеме целосно дигитална кореспонденција на службите на Комората со членовите. Дигитализацијата на процесите во сите инволвирани институции, кои учествуваат во процесот, ќе биде главен чекор кон контрола на примената на ценовниците.

Што се случува со ценовниците за инженерски услуги за нискоградба и линиски инфраструктурни објекти и за инженерски услуги за геотехника? Кога ќе биде нивното објавување во „Службен весник“ и ставање во задолжителна законска рамка?

Овие ценовници се мој  приоритет. Недозволиво е секторот за нискоградба, каде се движат најголемите капитални инвестиции, да нема ценовник со заштитни цени за инженерскиот труд. Првата верзија од Ценовникот за линиска инфраструктура со геотехника е поднесен до ресорното министерство и очекуваме негово усвојување во најкраток можен рок. Без овие ценовници, тендерските постапки често завршуваат со нереално ниски цени кои негативно влијаат на квалитетот на проектите.

Дали е потребна ажурирана верзија од Тарифникот за вредноста на работите од урбанистичко планирање и доколку е потребна – кои чекори планирате да ги преземете во таа насока?

Како што претходно напоменав, апсолутно е потребна ажурирана верзија. Урбанизмот е темелот на сè, а моменталните надоместоци не ја рефлектираат одговорноста на планерот. Ќе иницираме формирање на работна комисија  која ќе соработува со (Министерството за транспорт, ЗЕЛС) за ажурирање на Тарифникот.

Најавивте соработка со бизнис-заедницата и изнаоѓање на механизам за воведување на минимална инженерска плата. Кој е тој механизам и кога очекувате да се загарантира минималната плата на инженерите?

Иако Комората нема директни законски овластувања да ги пропишува платите во приватниот сектор, ние имаме должност да го штитиме достоинството на професијата. Минималната плата на инженерот не е само социјално прашање, туку прашање на безбедност и квалитет на градбата.

Нашиот план за соработка со Стопанските комори се заснова на два клучни принципи:

  1. Реална цена на трудот: Преку доследна примена на Ценовникот за инженерски услуги, создаваме услови фирмите да наплаќаат реални цени. Тоа автоматски отвора простор за достоинствени плати на инженерите. Со Стопанските комори ќе работиме на воспоставување препорачан долен праг на плати за носителите на овластувања, со цел да се спречи потценување на инженерскиот труд.
  2. Задржување на кадарот: Во дијалог со бизнис-заедницата, мораме да постигнеме консензус дека инженерот е стратешки партнер, а не административен трошок. Само со гарантирана минимална инженерска плата можеме да го запреме „одливот на мозоци“ и да го мотивираме младиот кадар да остане во македонското стопанство.

Комората ќе биде мостот помеѓу инженерското знаење и стопанството, инсистирајќи на тоа дека квалитетен проект и сигурен објект може да испорача само ценет и соодветно платен професионалец.

Дигитализацијата е актуелна тема во сите области. Што планирате да преземете во однос на дигитализацијата и како ќе се ефектуира кај членството? Претходното раководство имаше активност за воведување на Коморски дигитален сертификат – КДС, кој ќе биде поврзан со сите надлежни институции и со нивните дигитални платформи. До каде е неговото воведување?

Дигитализацијата на Комората ја гледам како примарна алатка за отстранување на бирократските бариери и враќање на фокусот кон суштината на инженерската работа. Мојата цел е Комората да престане да биде административен товар и да стане брз и транспарентен сервис кој работи во реално време за своите членови.

Овој процес на унапредување ќе го реализираме преку три клучни столба:

  1. Интегриран дигитален систем. Наместо застарени процедури, воведуваме систем кој ќе биде директно поврзан со државните платформи за одобренија за градење и урбанизам. На овој начин, институциите по автоматизам ќе го проверуваат статусот на инженерот, со што трајно ќе се оневозможи злоупотреба на инженерскиот печат од страна на неовластени лица. Дигиталната трага е најдобрата заштита на нашиот професионален интегритет.
  2. „Комора на дланка“ – Автоматизација на услугите. Целосно ќе го дигитализираме внатрешниот систем на КОАИ. Секој член ќе има свој личен дигитален профил преку кој ќе може да ги подмирува обврските, да аплицира за нови овластувања и да ги следи своите барања без да го напушти своето биро. Комората мора да ја следи динамиката на пазарот и да биде побрза од потребите на своите членови.
  3. Електронска платформа за транспарентност и иницијативи. Дигитализацијата за мене значи и демократизација. Воспоставуваме интерактивен систем за предлози и иницијативи, каде секој член ќе може електронски да поднесе предлог за измена на пропис, тарифник или законско решение. Дополнително, преку дигиталниот регистар на акти, истите ќе бидат јавно достапни. Сакаме да изградиме систем во кој работата на Комората ќе биде видлива и лесно проверлива.

Унапредувањето на работата на КОАИ значи премин од аналогна во паметна институција. Со воведувањето на овие дигитални алатки, не само што го модернизираме работењето, туку создаваме механизам за фер пазар каде знаењето и овластувањето ќе бидат соодветно заштитени и вреднувани.

Во програмата најавивте и годишни тематски настани и конференции со стручно избрана тематика и предавачи. Планирате ли годинава одржување на некој настан?

Комората мора да биде центар на знаење. Од тие причини Комората ќе формира Комисија за континуирано усовршување со именување на претставници од сите професионални одделенија кои ќе ги идентификуваат специфичните потреби за секоја струка.

  • Изработката на план за обуки ќе опфаќа:
  • БИМ – формирање на Координативно тело, изработка на стратегија за имплементација на БИМ, обуки за основи на БИМ преку дигитални платформи – BIM Basic e-learning програми, проценка на БИМ зрелост во РМ со вклучување на сите клучни надлежни институции, организирање на панел-дискусии и Денови на БИМ.
  • ЕВРОКОДОВИ – обуки кои ќе понудат практично искуство во проектирање на конструкции според европски стандарди со примери од реални проекти,
  • ФИДИК – обуки кои ќе понудат практично знаење и искуство во примена на ФИДИК услови за градежни проекти, управување со договори и решавање на реални случаи од градежната пракса,
  • ПРОЕКТЕН МЕНАЏМЕНТ – обуки кои ќе нудат вештини за планирање, организација и успешно спроведување на проектите од почеток до крај.
  • Обуки соодветни за секоја професија, во координација со соодветното професионално одделение.

Потоа, во план е креирање на годишен календар за обуки и воспоставување Е-платформа за учење (LMS) каде што инженерите ќе можат да следат онлајн обуки.

Исто така, Комората има идеја да формира „Регионални инженерски јадра“ со именување на координатори за сите региони во државата за подобра организација на регионални настани и поблиска комуникација со членството. Се планира организирање на  „Отворени средби со членството“.  Средбите по градови, каде раководството и стручната служба ќе се сретнат со членството за разговор за нивните специфични проблеми (локален урбанизам, комунални прашања и сл.). И секако на крајот да организира годишни стручни настани согласно програмата на сите одделенија.

Како главен проектант сте работеле уште 2020 година на комплетирање на проектна документација за автопат Кичево-Охрид, должина 57 километри, колку што и изнесува веќе епската делница. Комплетиран ли е проектот конечно?

Проектот за автопатот Кичево – Охрид е веројатно најголемиот предизвик за македонската инженерска фела во последните децении. Мојот ангажман во 2020 година, како дел од поширок проектантски тим, беше насочен кон финализирање и дополна на проектната документација со цел да се надминат сериозните инженерски пречки кои се појавија во текот на градбата. Проектантскиот дел во голема мерка е заокружен, но овој пат е лекција за сите нас: во инженерството неопходно е целосно почитување на професионалните стандарди и процедури за проектирање на ваков тип на инфраструктурни објекти.

Сте работеле во 2018 година и на основен проект за подземната сообраќајница на дел од бул. „Македонија“ до ул. „Павел Шатев“. Дали ова значи проект за поврзување со подземната сообраќајница под Дајмонд мол што ја изведе „Лимак“? Градоначалникот најави наскоро поврзување, но не ги претстави проектите.

Да, тој проект од 2018 година е клучна алка што треба да го поврзе централното градско јадро со јужниот дел на Скопје. Станува збор за комплексно сообраќајно решение кое беше неопходно за да може целиот тој реон (вклучувајќи го и проектот на „Лимак“) да функционира како една целина заедно со останатите изработени проекти кои се планираат да се изведат во блиска иднина . Проектната документација е подготвена и таа дава јасни одговори на сите технички предизвици. Сега останува на институциите да ја следат таа стручна насока. Како проектант, горд сум што учествував во креирање на визијата за модерно Скопје, а како претседател на Комората, ќе го поддржам секој проект што нуди долгорочно решение за урбаниот метеж.

Неретко кај колегите преовладува мислење дека до овластувања издадени од Комората се стигнува лесно, покрај општите документи, потребна е само референтна листа (мин. 3 референци) и копија од лиценцата од фирмата која ги потврдила референците. Некои сметаат дека има простор за злоупотреби, сте размислувале за воведување полагање стручен испит за архитекти и инженери?

Ова е прашање за кое во фелата долго се дебатира. Моменталниот систем со референтни листи е подложен на субјективизам и за жал, на одредени злоупотреби.

  • Мојот предлог: Сериозно ја разгледуваме можноста за воведување на државен стручен испит за сите инженерски дисциплини, слично како што е случајот во правосудството или во медицината.
  • Овластувањето не смее да биде само парче хартија добиено по автоматизам. Тоа мора да биде статус што се заслужува со знаење. Дигитализацијата ќе ни овозможи следење на секој проект и точно ќе се знае кој инженер на што работел, со што ќе го елиминираме „фиктивното“ потпишување проекти.

Голем број комори во регионот а и во светот се составени од основните одделенија (архитектура, градежништво, електрика, машинство), а некаде се и посебни комори. Нашата КОАИ има дури 12 одделенија. Нели е тоа премногу и распливнување, кога знаеме дека се елаборати кои се составен дел од проектите. Во најмала рака за да не се правиме „погломазни“ од што сме, нели мислите дека барем може да се соберат во едно одделение наречено на пример Други инженерски струки, по примерот на другите комори?

Честопати се поставува прашањето дали 12 одделенија во рамките на КОАИ се премногу. Мојот одговор е дециден: Напротив, тоа е нашата најголема предност. Секое одделение во Комората не е само административна единица, туку посебен столб на техничката интелигенција на оваа држава.

Инженерството денес е прецизна и високоспецијализирана дејност. Модерното градење веќе не е само прашање на бетон и архитектура; тоа е комплексен систем каде секоја струка има своја незаменлива улога.

Нашата сила лежи токму во таа мултидисциплинарност. Кога настапуваме пред државните институции, ние не зборуваме само во име на една професија, туку во име на целиот инженерски сектор. Секое одделение носи своја специфична експертиза, свои уникатни законски обврски и етички одговорности.

Мојата визија е да го зајакнам идентитетот на секое одделение посебно, но истовремено да го унапредам нивното заедничко делување. Комората мора да функционира како еден силен, синхронизиран организам. Специјализацијата ни дава квалитет, а единството ни дава моќ да го заштитиме достоинството на секој инженер, без разлика на неговата струка.

Ние не сме само збир на одделенија, ние сме единствената институција во Македонија која го поседува целокупниот технички и стручен капитал потребен за градење на иднината. Тоа е богатство кое треба да го негуваме и штитиме.

Испрати коментар

Scroll To Top