Насловна / Архитектура / Скулптуралната експресивност на натур бетонот

Скулптуралната експресивност на натур бетонот

janko_konstantinov_thumb.jpgИН МЕМОРИАМ Јанко Константинов, архитект и ликовен уметник (1926 – 2010).

Јанко Константинов архитектуратаја доживуваше како ликовна и визуелна игра, во која суштината на материјалите и рафинираноста на обработката на архитектонските детали е изразена преку органското проникнување на внатрешните и надворешните простори.

Архитектот Јанко Константинов ја донесе и ја внесе современата светска архитектура во нашите простори. Тој во оваа архитектура го вгради својот особен белег и ја издигна на високо авторитативно ниво, експонирајќи ја во вонрегионални рамки. Јанко Константинов студирал на Ахитектонскиот факултет во Белград, а професори му биле познатите проектанти и педагози: Александар Дероко, Милан Злоковиќ, Мате Бајлон и Никола Добровиќ. Дипломирал кај професорот Мате Бајлон во 1952 година со дипломската работа Урбанистички план на крајбрежјето на Охридско Езеро од центарот на Охрид до Билјанини извори и хотел со покриен пливачки базен. По завршувањето на студиите, краток период работел во Скопје (станбена зграда во Кичево, училиште во Куманово, работнички дом во Скопје), со реминисценции од делата на Ле Корбизје, и особено од Оскар Нимаер.

ИСКУСТВО

Во 1954 година Константинов заминал на специјализација во Кралската данска академија за архитектура и уметност во Копенхаген. Оттогаш, па сè до крајот на 1964 година, работел во странство. Во тој период Константинов е во центарот на актуелните светски збиднувања во архитектурата, имајќи можност да работи во најелитните проектантски бироа. janko_konstantinov_2.jpgВо Данска работел со познатите архитекти како што се Јакобсен, Маркелиус, Шлеге и Расмусен. Запознавајќи се со сензибилитетот на овие архитекти, а пред сè со творештвото на Алвар Алто (со кого работел во 1957 година во Јувескула, Финска), со нивниот однос спрема дисциплинираноста во творечкиот чин, Константинов ја открил суштината на материјалите (тула, дрво) и рафинираноста во обработката на архитектонските детали. Од 1955 до 1958 година тој бил архитект проектант во шведската престолнина Стокхолм, во бироата на С.Трегорд, Н. Кехингер и Г.Летсторм (училиште во Хелсингорден, училиште во Фалун, техничка висока школа во Стокхолм, администрација и трговски центар и станбена населба во Хелсингорден). Во 1958 година го проектирал музејот во градот Олборг во Данска, во кој се сублимирани неговите настојувања да создаде амбиентална архитектура, изразена преку органското проникнување на внатрешните и надворешните простори. Во овој проект, успешно спроведениот третман на зенитно осветлување, ќе стане негова трајна преокупација при создавањето на подоцнежните творби. Од 1958 до 1964 година, Константинов престојувал во Лос Анџелес, во САД, каде што работел како проектант дизајнер во ателјето на Виктор Груен, а подоцна и во ателјето „Даниел и Џонсон Медехал“. Контактот со делата на Франк Лојд Рајт и Еро Саринен, како и соработката со повеќе архитекти кои биле ученици на овие големи американски архитекти, ќе има есенцијално значење за односот на Константинов кон архитектонската форма. Скулптурата блиска на архитектонскиот израз, формата што прераснува во скулптура, откривањето на експресивноста на натур бетонот, станаа долгорочна определба во неговиот архитектонски израз. Од проектите од овој период се издвојуваат: покриениот пливачки базен во Лос Анџелес 1960-1962 и Научниот центар за Јужна Калифорнија 1962-1965. Овие објекти се карактеризираат со пластика и со студиозен приод во изработката на фасадната матрица што се мултиплицира во фасадно платно, и создава возбудлива ликовна содржина на објектите.

СКОПЈЕ

Како етаблиран и афирмиран проектант од Калифорнија, Константинов сепак одлучил во 1964 година да се врати во Скопје по катастрофалниот земјотрес, па носен од своите патриотски чувства и ентузијазам, тој даде свој придонес во изградбата на разурнатиот град. Во Скопје изработил значајни архитектонски дела по јавни конкурси. Во 1965 година работел во македонската група под покровителство на владата на СФРЈ и на Обединетите нации, на планот на централното подрачје на Скопје. Од овој период е и сеизмолошката станица во Валандово. Од 1966 година работел во ИСП на ГП Бетон. Тогаш се изработени неговите највредни конкурсни проекти: „Младински дом, седум секретари на СКОЈ“ во Загреб, Собрание на град Скопје, Трговски центар во Скопје, споменик на Илинден во Крушево, МАНУ во Скопје, административна зграда на ГП Пелагонија, Ормен банка во Техеран, повеќенаменска кула во Кувајт, вила во Грција и вила во Солун. Во овој период се проектирани и изведени неговите архитектонски ремек-дела: Педагошка гимназија „Никола Карев“ во Скопје 1965-1968; Медицински центар во Скопје 1968-1970; janko_konstantinov_3.jpgТелекомуникациски центар за ПТТ во Скопје – прва фаза 1972-1974 и шалтер салата, втора фаза 1979-1980. Кај Телекомуникацискиот центар се чувствуваат ликовни белези инспирирани од градителската традиција на ова поднебје. Во наредната фаза се објекти во кои Константинов преминува од доцна модерна уметност во постмодернизам. Во тој стил е изграден хотелот „Александар Палас“ – репрезентативно здание за кое градот имаше потреба. Така беа изградени објектите на „Те мобајл“ МК во комплексот на Македонски телекомуникации. Тој соработувал со фирмата „Магос дизајн центар“ од Скопје. Според неговите идеи се проектирани и изградени впечатливи објекти во центарот на градот, во стилот на постмодерната со карактеристични овални стаклени површини. Составен дел на неговиот опус се проектите од сакралната архитектура инспирирани од средновековната градителска традиција. Тука се православните храмови за Битола, Струмица, Прилеп, Кавадарци и други објекти.

НАГРАДИ

Архитектот Константинов е носител на бројни награди: Борбина плакета за архитектура во Македонија во 1969 година за Педагошка гимназија “Никола Карев“ во Скопје; Борбина плакета за архитектура во Македонија за 1975 година за Телекомуникацискиот центар во Скопје; наградата 11 Октомври на СР Македонија за архитектура и уметност во 1975 година за Телекомуникацискиот центар во Скопје; наградата Андреј Дамјанов во 1994 за севкупното архитектонско творештво и др. Во угледното италијанско списание „Л аркитектура“, Бруно Зеви искажа афирмативни зборови за Телекомуникацискиот центар на нашиот архитект.

СЛИКАРСТВО

Творечкиот опус на Јанко Константинов нема да биде целосен ако не го споменеме неговото учество во групата „Денес“ заедно со Борко Лазески, Јован Грабуловски, Димитар Кондовски и Славко Брезовски. Оваа група сликари и архитекти, основана во 1953 година, имаше значаен придонес во афирмацијата на модерните движења во областа на ликовниот свет во Македонија. Јанко Константинов е творец кој поседува двоен творечки код. Со едниот од тие кодови проектира монументални градби со препознатливи облици, а со другиот код создава ликовни творби во акварел техника. Уште како гимназијалец од 16 години, во Битола работи во ателјето на прочуениот руски иконописец Иван Мељников (иконостасите во црквата Св. Богородица во Битола и во село Трново). На Архитектонскиот факултет во Белград негов професор е прочуениот акварелист Светислав Страла. Како голем естетичар, Јанко Константинов е инспириран од убавините на својата земја. Најчести мотиви му се пејзажите од Охрид, кои во 1995 ги изложи во МАНУ со наслов “Охрид во акварел“. Во другите акварели се среќаваме со професионалниот архитект кој во една беспрекорна перспектива ги прикажува староградските амбиенти. Чудесни се и неговите акварели каде што ги слика мостовите од својата поширока татковина, особено Дубровник, Ровињ и други од циклусот „Југославија во акварел“, а потоа „Балканот и светот во акварел“.

“БЕТОН“

При изработката на голем број проекти работени во ИСП на ЈП „Бетон“ работеа следните архитекти: Душанка Балабановска, Марија Грчева, Љупчо Гогов, Ленка Јанева, Мимоза Капсарова, Драган Крстов, Бранка Деловска, Костадинка Пемова, Цветанка Панчевска и др. Од ГП „Пелагонија“ работеа архитектите Македонка Иванова Чаушевска и Македонка Лазарева. За овој текст се користени материјали од проф. д-р Раде Волињец, д-р Коста Балабанов, проф. Георги Константиновски и искажувања од колеги архитекти.

janko_konstantinov.jpg

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top