Планетата е во трансформација. Економска, енергетска, општествена и многу други. Парадигмите се менуваат од ден на ден, додека тековите на моќ продолжуваат да ги обликуваат силуетите на нашите градови, оставајќи зад себе структури кои е сè потешко ресурсно и општествено да се оправдаат. Во тек е големо преиспитување, које конечно би можело да доведе до попаметни физички трансформации и да му даде на поимот на одржливост, по речиси четири децении, поцелосен смисол.
Дека ништо не е случајно потврдува и местото на одржување на овогодинешниот Светски конгрес на архитекти на UIA (28 јуни – 2 јули) под слоганот Becoming. Architectures for a Planet in Transition – Barselona, еден вид „град – манифест“, чии компактни блокови на Илдефонс Серда, не ги проектира за да му угоди на кралот или униформната естетика, туку за да ги реши техничките, инфраструктурните и општествените проблеми на градот и да им обезбеди на сите жители исто сонце, воздух и зеленило.

Овој глобален настан собра повеќе од 250 говорници и околу 10.000 учесници од повеќе од 130 земји, отворајќи шест тематски линии на прашања што длабоко го преиспитуваат односот на архитектурата кон сопствените и глобалните предизвици. Опсегот на теми се протегаше од соживот на различни видови и урбаната екологија до општествената меѓузависност и колективното право на простор.
Она што би можело да го направи настанот преломен е воведувањето на нови опипливи категории со забележливо отсуство на buzzwords како што се sustainability и climatic, со кои изобилуваат официјалните наративи во последните години.
Се зборуваше за архитектура за вонредни ситуации, достапноста на суровини во време на криза, повторната употреба на објекти и материјали, политичката економија на практиката и несигурната работа во рамките на самата професија, деколонизацијата на просторот, растечката потреба за достапно и квалитетно домување, за архитектурата на взаемна грижа со која се гради јавното добро.

На овој конгрес можеше да се информира дека архитектурата не само што долго време не е примарно прашање на естетиката, туку дека заради опстанокот на архитектонската професија, нужно е нејзино итно поместување од естетски категории и спектакуларност кон скромност и општествена одговорност. Овој став беше јасно изразен преку една од пленарните комгресни сесии на која каталонскиот архитект Жорди Бадиа беше домаќин на лауреатот на Прицкерова награда Шигеру Бан.
Во своето воведно обраќање, Бадиа го отвори болното прашање за современата криза на општественото значење на архитектот, предупредувајќи дека итно треба да престанеме со инсистирање на набљудување на архитектурата од перспектива на естетските категории, бидејќи на овој начин професијата неизбежно ја губи својата општествена важност и релевантност во светот што се менува. Шигеру Бан ја потврди оваа критиката на Бадиа преку неговиот добро познат став и отворено признание дека е разочаран од професијата токму затоа што архитектите генерално сакаат да работат за привилегирани луѓе кои имаат моќ и пари, подигајќи им споменици кои им ја материјализираат таа моќ во реалноста.

Шигеру Бан во разговор со Жорди Бадиa
Наспроти ова стои архитектонски опус инспириран од привременоста и минливоста – кои речиси неизбежно водат кон исчезнување, како едно од најдлабоките прашања што Бан ги решава, меѓу другото, преку своето децениско хуманитарно делување. Работејќи со структури направени од хартија и картон, тој покажа како архитектурата се материјализира преку концептот на „повлекување“, ставајќи се во служба на човекот и заедницата во моменти на најголеми кризи, земјотреси, глад и поплави.
Невидливост: Премолчена и неискажана категорија на конгресот
Токму овие ставови и дејствија потврдуваат дека вистинската промена во праксата не бара нови технократски манифести, туку радикален пресврт во етиката на професијата: премин од архитектурата на спектаклот и естетското докажување на архитектура на повлекување и ненаметливост, па е можеби Becoming Invisible таа седма премолчена и неискажана категорија на конгресот. Оваа „невидливост“ не е уметнички гест, ниту илузионистички трик, туку свесна одлука на архитектот да го стави авторското его во втор план и да го пренасочи вниманието кон ресурсите и реалните потреби на општеството, со експериментална работа и емпириско докажување in situ.

Примери за воздржана и одговорна архитектонска пракса беа прикажани и преку пленарна сесија каде, меѓу другото, работата и размислувањето на швајцарско-српското студио TEN беа презентирани од основачот Лукас Буркарт, покажувајќи неколку реализации од регионот. Меѓу нив секако е куќата на Авала, наградена од жирито како Куќа на годината 2020 (портал Градња), која покажа како работата на архитектите на терен, заедно со сопственикот и локалните мајстори, со употреба на локални материјали и почитување на природните карактеристики, ја претвора куќата во „скоро невидлива“ – како што рече еден од членовите на жирито.

куќа на Авала
Меѓутоа, врвот на архитектурата на емпатија и разбирање претставува нивната „Куќа за пет жени“ во Босна и Херцеговина, изградена за социјално маргинализирани жени, со директна соработка со идните корисници и локалните претприемачки капацитети, а во чиј изглед е вткаена „еден вид таписерија што постојано го менува изгледот“ (TEN Studio, Куќа на годината 2025).

Куќа за пет жени на конгресот во Барселона
Умееме ли да одговориме на темата?
Концепциски продолжението на главната конгресна програма се одвиваше преку паралелни конгресни програми, а една од нив е (policy) семинар и придружната изложба на Советот на архитекти на Европа (ACE) насловена Form Follows Transformation: Moments that Redefine Europe’s Existing Buildings. Името на оваа програма ја претставува еволуцијата на познатиот модернистички постулат на Луис Саливан – Формата ја следи функцијата, со што преку нова парадигма се најавува пресврт во развојот на современата архитектура и градовите
Во ерата на транзиција, во која естетското докажување отстапува место на одговорноста за ресурсите, трансформацијата на постојната наместо новата градба станува императив. На овој начин, и токму преку тематската насока на конгресот Becoming Circular, отфрлен е надминатиот модернистички концепт на tabula rasa, кој во текот на дваесеттиот век значеше целосно расчистување на теренот за создавање нови архитектонски форми. Спротивно на тоа, архитектот повеќе не е автор кој создава нов споменик на празна подлога, туку оној кој се прилагодува и свесно својот архитектонски израз го внурнува она што е веќе изградено.

Сесија на отворено
Фактот дека во Европа околу 90% од постојниот градежен фонд ќе остане во употреба и во 2050 година, и дека градежниот сектор е одговорен за речиси 40% од глобалните емисии на стакленички гасови, со потрошувачка на огромни количини суровини, енергија и земјиште, го прави концептот на дпроектирање „од нула“ целосно неодржлив во однос на ресурсите, па како алтернатива се се наметнува прилагодување и повторна употреба на постојните објекти (adaptive reuse).
Ова ја отвора и фантастичната тема за урбаното рударство (urban mining) – третирање на затечените објекти и градежниот отпад како еден вид рудници на материјали, што во голема мера ја елиминира потребата за експлоатација на нови ресурси од природата.
Моменталните достигнувања во конкретизирање на примената на ова ново правило се прикажани преку придружната изложба, како и презентацијата на неколку селектирани европски проекти: Проектот USquare во Брисел (авторски тим: Callebaut architecten, BC architects & studies и evr-Architecten) е извонреден пример за кружна градба во која ископаната земја и градежниот отпад се преработени на лице место во акустичен малтер и елементи за повторна употреба, што потврдува дека архитектот повеќе не само што проектира нова форма и структура, туку и ја координира циркулацијата на постојните ресурси.

DHub – Disseny Hub Barcelona, Laurens Bekemans (BC Architects & Studies)
InGrid: Единствен претставник од регионот
Во конкуренција од 111 предложени европски проекти, меѓународното жири избра 20 проекти за изложбата, меѓу кои, како единствен претставник од регионот, беше вклучен и проектот за пренамена на индустриската хала „Новкабел“ во Нови Сад (InGrid – Schneider Electric Hub) од бирото „Забриские“ од Белград. Во истоимената публикација на АCЕ, меѓу 36-те реализации, беше вклучен уште еден објект од Србија – реконструкцијата на Работничкиот универзитет во Нови Сад од страна на „Кузманов и партнери“.
Овој настан на ACE ја отсликува и пошироката европска архитектонска политика, која се оформува веќе неколку години преку директивите на ЕУ, вклучително и иницијативи како што е Новиот европски Баухаус (NЕБ), а го насочува редефинирањето на европската архитектонска практика преку длабока почит кон затечениот простор. Всушност и самата Барселона, а особено нејзиниот индустриски кварт El Poblenou, веќе подолго време не е само место на теоретска дебата, туку жив полигон каде оваа воздржана архитектура се отелотворува (embodies) преку соработка со затекнатата материјалност – преку свесно и доследно спроведено урбано рециклирање.
Ова може непосредно да се види преку достигнувањата на Џорди Бадиа и неговата канцеларија (BAAS arquitectura) во некогашната индустриска, а сега иновативна област 22@ – преку примерите на Музејот на современото каталонско сликарство Can Framis, потоа огранокот на Историскиот музеј на Барселона Oliva Artes (MUHBA Oliva Artés) и деловната зграда180 (Pallars 180), проектирана од традиционалните (еколошки) рачно изработени тули.

BAAS arquitectura, Can Framis (Barcelona, El Pobleno)
Филозофијата на циркуларност беше презентирана и преку еден од таканаречените „колатерални настани“ на конгресот преку иновативен технолошки опсег – јапонско-кенискиот проект за користење на „црна памучна почва“ (Black Cotton Soil – BCS) во Кенија предводен од јапонскиот архитект Изуми Саката (OSA Japan) во соработка со инженери од компанијата INVAX и локални експерти.
Станува збор за експанзивна глинеста почва карактеристична за делови од светот што некогаш го сочинувале суперконтинентот Гондвана, создадена со долгорочно распаѓање на вулкански базалт. Поради своите лоши карактеристики, оваа почва најчесто се отстранува како отпад; меѓутоа, современите методи за стабилизација, базирани на употреба на вулканска пепел и вар, хемиски спречуваат апсорпција на вода, со што се создава можност за трансформирање на овој материјал во стабилни, високо отпорни градежни блокови.

јапонскиот архитект Изуми Саката
Дали (веќе) сме станале невидливи?
Каде нашата архитектонската сцена се (про)наоѓа во овие општи трансформации, дали сè уште сме во длабока изолација од глобалните трендови и новите парадигми, и дали и на кој начин ние како професија (неволно) веќе станавме невидливи и направивме „чекор назад“ – останува отворена тема за наше длабоко локално преиспитување.
Следниот Светски конгрес на архитекти е за помалку од три години, и од нас зависи да се обидеме да го преточиме нашиот индивидуален професионален просперитет во „колективен успех“, со цел да го постигнеме нашето официјално присуство во рамките на придружните програми и изложби на националните комори и организации на архитекти (UIA Member sections) во Пекинг 2029. година.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија