Насловна / Вести / ЕУ издвојува 2,5 милијарди евра од Фондот за модернизација за енергетски проекти во 11 земји

ЕУ издвојува 2,5 милијарди евра од Фондот за модернизација за енергетски проекти во 11 земји

Европската комисија и Европската инвестициона банка одобриле за исплата 2,5 милијарди евра од Фондот за модернизација за 51 енергетски проект во 11 држави членки на ЕУ. Најголем дел од овие средства овој пат е наменет за Романија, која добива околу 636 милиони евра за повеќе проекти во енергетиката и сообраќајот. Меѓу нив се развој на самостојни батериски системи за складирање на електрична енергија, поддршка за производство на електрична енергија од обновливи извори преку договори за разлика, вложување во нови капацитети од обновливи извори со интегрирано складирање за јавните субјекти, развој на капацитети за складирање за јавните власти, како и проекти за електрификација на железничкиот и патниот сообраќај. Средствата за Романија опфаќаат и набавка на нови електрични возни единици за меѓународен железнички сообраќај, купување на нови електрични локомотиви, поддршка на набавка на возила со нулта емисија во патниот сообраќај, обнова на јавните возни паркови со пратечка инфраструктура за полнење, како и вложување во паметни мерни системи.

Унгарија добива над 552 милиони евра, меѓу другото и за развој и дигитализација на електроенергетската мрежа, енергетска ефикасност на јавните згради и модернизација на системите за далечинско греење. Чешка добива околу 516 милиони евра, за проекти кои вклучуваат фотонапонски електрани за домаќинствата, енергетска ефикасност на јавните згради, модернизација на јавното осветлување и проекти за топлински пумпи.

За Грција се наменети околу 234 милиони евра за електрификација на мали пловила, енергетска ефикасност во индустријата и унапредување на енергетската ефикасност во јавните и индустриските објекти. Полска добива 180 милиони евра за складирање на топлинска енергија во системите за далечинско греење, складиштење на електрична енергија за домаќинствата и енергетска ефикасност на образовните, здравствените објекти и резиденцијалните згради. На Литванија и се одобрени 169 милиони евра за енергетска ефикасност во земјоделството, модернизација на јавното осветлување, обнова на јавните згради, декарбонизција на индустријата и развој на инфраструктура за електрични возила.

Хрватска добива 109 милиони евра, меѓу останатото и за геотермална енергија во системите за далечинско греење, зелена транзиција на јавните установи кои управуваат со националните паркови и парковите на природата, користење на обновливи извори во земјоделството и во преработката на земјоделски производи, како и замена на ладилните системи и системите на топлински пумпи кои користат медиуми со висок потенцијал на глобално затоплување. Потругалија добива околу 81,4 милиони евра за проекти за енергетска модернизација на јавните институции, додека средства се одобремни и за Естонија, Летонија и Словенија.

Фондот за модернизација се финансира со приходи од продажба на емисиони единици во склоп на системот на ЕУ за тргување со емисии. Наменет е за државите членки со пониски приходи, со цел да ги модернизираат енергетските системи, да ја подобрат енергетската ефикасност и да го забрзаат преминот на чисти извори на енергија.

Испрати коментар

Scroll To Top