Роберта Кола е извршна директорка на компанијата Simone Micheli Architectural Hero и координаторка на Одделот за графички дизајн и визуелна комуникација. Вешта дизајнерка и многу внимателна кон новите трендови, Роберта е одговорна за визуелен и графички дизајн, комуникација и настава. Присустна е на светски саеми и состаноци и одржува меѓународни настани, предавања, конференции и работилници во истакнати културни институти и универзитети, вклучувајќи ги POLI. Design, NAD, Универзитетот во Фиренца, Универзитетот Bicocca, SPD Polytechnic School of Design, Италијанскиот институт за дизајн (IDI), IULM во Милано, Accademia del Lusso и многу други.

Во 1990 година го основала студиото за визуелен и графички дизајн De Stijl. Во 2003 година, заедно со архитектот Симоне Микели (1964-2025), ја основа компанијата Simone Micheli Architectural Hero со канцеларии во Фиренца, Милано, Пунталдиа, Дубаи, Рабат и Бусан. Активностите на компанијата се насочени во повеќе области: од мастер планови и архитектура до ентериер, и од дизајн на производи до визуелен дизајн, комуникација, организација на настани, настава и обука.
Во рамките на Денот италијански дизајн во светот, Амбасадата на Р.Италија и Италијанската Трговска Агенција во Скопје во соработка со Архитектонскиот факултет Скопје при УКИМ, организираа Мастерклас по архитектура и дизајн, кој се одржа на 11 март во аудиториумот на Архитектонскиот Факлутет во Скопе. Темата на овогодинешното издание на Денот на Италијански Дизајн во светот е „РЕ-ДИЗАЈН: Регенерирање на простори, објекти, идеи” со фокус на користење на дизајнот за обновување и подобрување на урбаните средини, објекти и социјални врски.
На мастеркласот што го одржа Роберта Кола во Скопје ги сподели своите размислувања за професионалното патување и дизајнерската филозофија на Симоне Микели, познат по својот „херојски” пристап кон дизајнот, кој ги спојува високотехнолошкиот футуризам со одржливи и емотивни сензорни искуства. Позната е неговата визија за просторот како „лабораторија за иднината“, каде приоритет е човечката благосостојба и „луксузот на времето”, наспроти материјалната акумулација. Предавањето исто така истражи како проектите во внатрешната архитектура и визуелната комуникација придонесуваат за повторно генерирање на идентитетот на местата и обликување нови дизајнерски наративи.

Роберта Кола и Симоне Микели
Порта 3 разгивараше со Роберта Кола за Simone Micheli Architectural Hero, нејзините размислувања, за идентитетот, визиите и ставовите.
Simone Micheli Architectural Hero е компанија која се занимава со широк спектар на области од урбанизам до архитектура и ентериер, од дизајн до визуелизација, графика, комуникација и организација на настани. Која од овие области ја сметате за најкомплексна? Дали е архитектурата на врвот на човековото творење?
Секоја област во која работиме, претставува дел од еден единствен дизајнерски екосистем. Не постои хиерархија, туку севкупна визија. Урбанистичкото планирање, архитектурата, внатрешното уредување, дизајнот, комуникацијата: тоа се различни компоненти што се однесуваат на истата нарација за идентитетот.

Aquatio Cave Luxury Hotel & SPA
За да се покријат сите овие области неопходни се експерти од различни дисциплини. Колку вработени брои вашата компанија Simone Micheli Architectural Hero?
Ние сме околу седумдесетина професионалци. Нашата сила лежи во единството, односно во тимската работа: архитекти, дизајнери, графички дизајнери, проектни менаџери и специјалисти, кои се поврзани со заеднички идентитет и сличен метод на работа.

Villa Parlapiano
Зошто “Architectural Hero”?
Симоне секогаш велеше дека фразата „Архитектонски херој“ изразува став; херојот не е индивидуална фигура, туку етички стремеж кон подобрување на светот преку дизајнерскиот проект.
На тој начин се изразува намерата: да се проектира на исконичен, идентитетски и на препознатлив начин, но првенствено, тоа да биде искрено човечно.

Lord Of Verona
Вие сте извршен директор на Simone Micheli Architectural Hero и координатор на графички дизајн и визуелна комуникација. Што се подразбира под визуелни комуникации?
Визуелната комуникација е доследна и стратешка транслација на идентитетот во слики, знаци, простор и атмосфера. Не претставува декорација, туку преку нејзе се изразува значење.
Секој проект мора да има јасен, препознатлив и емотивен наратив. Од архитектура до графика, од инсталации до настани, сè треба да комуницира на ист јазик. Тоа е природното продолжение на архитектонскиот проект.

Big dream in a little tower; Torre di Maiano
Кои се новите трендови во дизајнот?
Ние не ги следиме трендовите, туку ги надминуваме.
За Симоне, ние бевме креатори, а не „креативци“. Нашата цел не е да толкуваме моментален моден тренд, туку да генерираме силен, препознатлив и безвременски идентитет. Трендовите се минливи феномени; архитектурата мора да има поширока визија и подлабока смисла.

Micheli house, Firenze
Ние сме заинтересирани за создавање искуствени, импресивни и кохерентни простори, коишто можат да ни предизвикаат возбуда денес, но и во многуте следни години.
Вистинскиот современ луксуз не е следењето трендови, туку градењето автентични, исконски и одржливи изразни средства, што имаат храброст да бидат уникатни.

Terigi Building
Одржавте мастерклас и во Скопје. Присуствувате на многу конференции и одржувате предавања и работилници во сферата на дизајнот. Кој е фокусот на работилниците и предавањата?
Фокусот е секогаш на визијата. Не учиме стил, туку метод.
Зборуваме за дизајнерски идентитет, мултидисциплинарен пристап и кохерентност помеѓу концептот и изведбата. Ја истражуваме врската помеѓу архитектурата и комуникацијата, просторот и брендот, естетиката и одржливоста, поттикнувајќи директен дијалог со професионалци од нашите области.

Parco Acque Ai Cappuccini
Голем дел од работата на Simone Micheli Architectural Hero е фокусирана на релаксација, задоволство и луксуз. Голем дел од објектите се во угостителство и велнес центри. Кој реализиран објект го сметате за најзначаен?
Секој проект претставува основен чекор во нашата работа.
Не постои „најважен“ проект: најважниот е секогаш следниот, бидејќи тој ни овозможува да се развиваме и да се движиме понатаму.

L’Oasi del Parco
Заедничко и препознатливо за проектите и реализациите на бирото се закривени, заоблени, сензуални и форми. Прав агол ретко се сретнува. Зошто ги преферирате овие форми?
Заобленоста претставува динамичност, флуидност и енергија. Таа е инклузивна, гостопримлива и никогаш агресивна.
Тоа не е естетски избор сам по себе, туку прецизна желба за создавање примамлив, хармоничен простор што изразува благосостојба.

Private SPA Sarajevo
Дали мислите дека вештачката интелигенција може да ги замени архитектите и дизајнерите? Или е само алатка која помага и отвара нови можности?
Вештачката интелигенција е извонредна алатка, но останува алатка. Може да поддржува, да забрзува и да проширува оперативни и аналитички способности, но не може да генерира визија.
Повторувам, ние сме креатори, а не креативци. Ние не создаваме привлечни слики следејќи алгоритам или тренд: ние градиме кохерентен и препознатлив идентитет, сценарија и изразни средства. Ова произлегува од културата, чувствителноста, искуството и одговорноста.
Вештачката интелигенција може да ни помогне во процесот, но автентичниот чин на проектирање и дизајнирање, оној што му дава значење на просторот, останува човечкиот.

Atomic spa – Bolle Blu
Вашата компанија покрај седишта во Италија, има канцеларии во Рабат, Дубаи, Бусан. Дали мислите дека во Азија, која многу брзо се развива, денес се најголемите иновации во архитектурата и дизајнот?
Азија денес претставува извонредна лабораторија за експериментирање и брз развој. Тоа е динамична средина, отворена за иновации и меѓународен дијалог.
Сепак, верувам дека иновациите не припаѓаат само на еден континент. Тие произлегуваат од средбата меѓу културите, од културното спојување, од способноста за интегрирање на традицијата и технологијата. Иднината на архитектурата ќе биде сè повеќе глобална и меѓусебно поврзана, но со силни и препознатливи локални идентитети.

BARCELÒ MILAN

Palazzo Gatto Art Hotel & Spa

iSUITE Hotel e spa

YOU.ME Hotel Trieste
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија