Насловна / Совети / УРЕДУВАЊЕ НА ЕДНО И ПОЛСОБЕН СТАН

УРЕДУВАЊЕ НА ЕДНО И ПОЛСОБЕН СТАН

Image

Различните вкусови и сензибилитети ја бојат сликата за домот на различни начини, па не е секогаш лесно да се најде изглед, идеја која ќе го направи домот поубав и попривлечен и ќе ги усогласи можностите со желбите. Тоа е особено тешко кога становите се мали, како станот на нашиот редовен читател. Тој бара совет за уредување на неговиот едно и полсобен стан. Би сакал амбиентот да одговара на моментните трендови во уредувањето. Во дневната соба треба да организира и работен дел, а седечката гарнитура ноќе треба да се отвора во лежај за спиење. Детската соба и кујната се одделени во посебни простории.

За мал стан каков што е овој многу е важна функционалноста. Таа се огледа во физичкото раздвојување и јасното дефинирање на намената на секоја просторија. Влезниот простор може да се опреми со гардеробен плакар и комода за чевли. Дневната соба со големина 320 х 520 сантиметри, покрај барањето да делува пространо треба да содржи дел за работа, а ноќе да служи и за спиење. Затоа најдобро решение е собата да се подели и тоа со ниска комода. Комодата е поставена така што е создадена јасна граница, а притоа собата не е поделена по целата височина што е многу важно кај помала квадратура. Преграден вака, просторот не губи на прозрачноста. Во преден план е дневниот престој, а одзади е делот за работа. Комодата може да е составена од коцки со димензии 50х50х37 сантиметри во висина од 1 метар изработени од лакиран медијапан. Светол мебел со сјајна метална конструкција зафаќа малку простор. Во работниот дел има работна маса, стол и полици за книги на ѕидот. Кујната е доволно голема во неа покрај елементите во една линија да се смести и трпезариска маса. Детската соба има лежај кој дење служи за седење, работна маса и гардеробен плакар. Ѕидот над лежајот и работната маса може да се искористи за сместување на конзолни полици за книги.

 

Билјана СТЕВКОВСКА-САВИЌ, дипл.инг.арх.
bibisavic@yahoo.com
Обајвено во број 93.

Испрати коментар

Scroll To Top