Насловна / Вести / Нови решенија и процедури за хуманизација на просторот

Нови решенија и процедури за хуманизација на просторот

Министерот за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи, директорот на Агенцијата за планирње на просторт Огнен Апостолски и 17 градоначалници на скопските општини, општините од скопскиот регион и Градот Скопје потпишаа Меморандум за изработка на Просторен план на скопскиот регион во нацрт фаза. Ова е нова практика за транспарентно донесување на ваквите стратешки документи што ќе се применува и за другите просторни планови, а произлегува од новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање.

Нацрт-верзијата на Планот веќе се изработува во Агенцијата за планирање на просторот, а откако ќе ги помине процедурите во Владата и ќе има стручна расправа, се очекува до крајот на годината да биде усвоен од Собранието. Потоа следува предлог-верзијата и донесување на планот во Собранието, што е планирано за следната година. Душица Трпчевска Анѓелковиќ, раководител на Одделението за просторно планирање во Агенцијата за просторно планирање и еден од раководителите на Планот, објаснува дека скопскиот регион има Просторен план од 1985 година, меѓутоа изменетите општествено економски и политички прилики и изминатиот рок на важноста на планот наметнале потреба за изрботка на нов. “Ова е регионален просторен план кој претставува разработка на Просторниот план на Република Македонија. Измените во однос на претходниот план се наметнуваат сами по себе бидејќи се работи за еден нов општествено економски систем. Изменета е методологијата на работа за да се усогласи со современите услови, зашто имаме нова административно територијална поделба на регионот, пазарно стопанство кое наметнува поинаков пристап во економските анализи. Има и методолошки измени во пристапот кон културното наследство бидејќи според новиот

Закон за култура за потребите на изработка на просторни и урбанистички планови се изготвува елаборат кој се вика заштитно конзерваторски основи, што го изработува Министерството за култура и го воведува во својата годишна програма. Такас, она што досега Агенцијата го работеше како експертен елаборат со својот стручен тим сега е обврска на Министерството за култура, односно конзерваторските центри, а наша обврска е основните плански решенија за заштита на културното наследство според тие конзерваторски основи да ги вградиме во планот. Со тоа третманот на културното наследство треба да се издигне на највисоко стратешко ниво”, вели таа. Во Планот делот за индустрија се изработува како посебен сегмент, но Трпчевска Анѓелковиќ вели дека во моментов е се уште рано да се излезе со конкретни предлози. Локациите нема да бидат тесно утврдени, но ориентационо ќе се дадат предлози кои понатаму ќе се разработат со планската документација од пониско ниво. Туризмот исто така се третира со претходно консултирање на сите документи како што се Стратегијата за туризам, Стратегијата за регионален развој, која се уште не е донесена, Стратегијата за земјоделство и шумарство, а се користат и официјални статистички податоци и се оди на тоа максимално да партиципираат локалните власти, зашто планот е за нив.

Виолета Дракуловска, раководител на Секторот за просторно планирање во Агенција за планирање на просторот, додава дека овој стратешки документ ќе биде основа за урбанистичката документација од понизок ранг. Документот има и управувачки карактер, го решава управувањето, организацијата и уредувањето на просторот. “Очекуваме со овој план да се разрешат оние колизии кои се јавуваат на територијата на регионот, како што се проблемите со урбаната експанзија, со инфраструктурата, односно комуналната и патната мрежа, проблемите во однос на заштитата на животната средина и природата, проблемите со дефинирањето на заштитните зони и режимите на културното наследство. Планот ќе даде насоки и препораки во однос на кои ќе се даде на кој начин да се развиваат градот и населбите”, појаснува таа. Министерот за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи, пак, вели дека потребата за изработка на нов Просторен план на скопскиот регион ја наметнуваат пред се динамиката и интензитетот на промените во опкружувањето на градот Скопје каде се изразени конфликтите околу начинот на користење на земјиштето, интензитетот на урбанизацијата, зголемената концентрација на населението и многубројните колизии во регионот во смисла на несоодветниот интензитет на користење на градското градежно земјиште, концентрацијата на населението во приградските простори, концентрацијата на стопанските и јавните функции во градот, пренамената на квалитетното земјоделско земјиште, разрешувањето на инфраструктурните и останатите комунални проблеми, постоењето на неплански изградени населби и атаката на животната средина. “Во крајна инстанца, со изработка на просторниот план на скопскиот регион треба да се даде насока за хуманизација на просторот, подобрување на условите за домување и зголмување на стандардите за животната средина и природата, зашто Скопје е најдинамич ниот регион во државата”, нагласува министерот. Задоволство од ваквиот начин на донесување на Просторниот план за скопскиот регион искажува градоначалникот на Општина Гази Баба, Коце Трајановски. Тој вели дека градоначалниците ќе дадат активно учество во изготвување на новата верзија на овој Просторен план, која, како што се надева, ќе ги задоволи потребите на граѓаните во регионот.

Скопскиот регион го сочинуваат градот Скопје со десетте општини – Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари, како и општините надвор од градот – Арачиново, Студеничани, Зелениково, Петровец, Илинден, Сопиште и Чучер Сандево. Освен овој, Агенцијата за планирање на просторот почна да го изработува и просторниот план за брегалничкиот регион кој ќе се носи според истата постапка, а го изработи и предлог-планот за охридско – преспанскиот регион, кој се очекува да го донесе Собранието.

 

С.В.
Објавено во број 93.

Испрати коментар

Scroll To Top