Насловна / Архитектура / Наместо „Генекс“ – Тесла кула

Наместо „Генекс“ – Тесла кула

Светот не го придвижуваат локомотиви и автомобили, туку идеи, е максимата со која се раководат поединците и здруженијата собрани околу станбената заедница „Генекс“ кула, односно Западната порта на Белград, кои и предложија на премиерката на Србија да ја прекине продажбата на нејзиниот деловен дел, државата да го искористи правото на предимство на купување, го купи, го претвори во оаза на духот, културата и архитектурата и ја нарече Тесла кула. На преуредувањето на деловниот облакодер би му претходел домашен или меѓународен конкурс за да се добијат решенија за уредување на објектот, односно станбено-деловниот центар „Генекс“, кој пред две години е прогласен за споменик на културата, а неговиот деловен дел одамна е во стечај и државата со години не успева да најде нов сопственик.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

„Предлагаме во Тесла кулата да има содржини како што се видиковец, ресторан, Музејот на Тесла наместо на Дорќол би можел да се пресели на најмалку пет ката, центри за наука и технологија, галерии, библиотеки, книжарници, концертни сали, фитнес центри… Она што е најважно е што сите овие простори се интерактивни, интересни, поврзани еден со друг, со други зборови да станат културен и едукативен „Дизниленд“ кој би работел 24 часа секој ден во годината“ – наведено е во меѓународниот предлог-проект потпишан од Божидар Ставриќ, управител на станбена заедница кула „Генекс“, архитект Марина Вишњиќ, директор на проектот за архитектонско уредување и реконструкција и проф. д-р Слободан Словиќ, директор на проектот за економска исплатливост.

3

Тој проект, како што е наведено во неговата работна верзија испратена до премиерката Ана Брнабиќ, ќе ги зближи луѓето и народите, културите и цивилизациите, градовите и континентите и ќе донесе придобивки не само за граѓаните, туку и за секој што доаѓа во Србија, а милиони луѓе, доколку проектот добро се осмисли, би дошле во Србија само поради него.

Затоа, како што се наведува, името на станбено-деловниот објект „Генекс“ кула треба да се преименува во станбено-деловн центар „Тесла“, а во проектот би можеле да се вклучат и други земји во кои живеел Никола Тесла.

За да се заокружи проектот, неговите иницијатори планираат пред зградата на платото од еден хектар да направат урбана градина, тематски градини и парк на пријателство, а фонтаната и амфитеатарот повторно да се вратат во функција, да се воведат пасарели за пешаци и друго.

2

Новата продажба на имотот на компанијата во стечај „Генералекспорт“ е закажана за 6 февруари по почетна цена од 834,6 милиони динари. Деловниот дел на Западната порта на Белград во новобелградскиот Блок 33, меѓу другото се состои од 28 деловни простории со површина од околу 15.000 метри квадратни и гаражен дел од зградата од околу 9.000 метри квадратни.

Кога кон крајот на 60-тите години на минатиот век архитект Михајло Митровиќ победил на конкурсот за изградба на 12-катна зграда и месна заедница во „Улицата на народните херои“ во Блок 33 во Нов Белград, се откажал од тој објект и предложил да се подигнат две кули на истото место по кои градот ќе биде препознатлив. И покрај бројните оспорувања, успеал, благодарение на сопствената борба, да истрае во заложбата неговиот проект да биде изведен, а Белград да ја добие највисоката зграда од бетон.

Камен-темелникот на објектот е поставен во 1971 година. Западна порта го добила името според местото на кое е подигната.

Објектот е изграден во 1977 година, висок е 117 метри, односно 135 метри со антената, го сочинуваат две споени кули, едната е со 30 ката и 184 стана, а втората, поблиската до автопатот, е со деловна намена и има 35 ката со ротирачки ресторан на врвот, кој никогаш не се вртел. Секоја кула има две цилиндрични сервисни окна, каде се поставени скалите, сместени на двата краја на оваа армиранобетонска скелетна конструкција, а на 26 кат кулите се поврзани со двокатен мост. Бетонската ротонда каде е сместен ресторанот, со површина од 250 квадратни метри и 45 места за седење, поставена е над мостот на едно од бетонските окна на деловната зграда.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top