Насловна / Архитектура / Убавите згради убаво стареат

Убавите згради убаво стареат

На ист начин како што некои споменици се издигнуваат над градовите домаќини, речиси како ангели чувари (Статуата на слободата во Њујорк, споменикот „Мајката татковина повикува“ во Волгоград, Христос спасителот во Рио де Жанеиро), така се издига и Западната порта на Белград или „Генекс“ кулата над Нов Белград. Но „Генекс“ не е архетип, тоа е објект кој има и уште нешто, тој е дом.

13_resize

Во однос на брутализмот има многу полемики, има и сомнежи и неприфаќање, особено од обичните луѓе, неархитектите. Секогаш си мислам дека го гледаат со недоразбирање, можеби и со страв, бидејќи си велам не е им е доволно „накитен“, немаат доволно предзнаење и веројатно се чувствуваат посигурни кога се излажани, без да бидат свесни. Но, како и да е, на лагата порано или подоцна, нозете ѝ се кратки. Одамна сум дигнал раце од обидувањата да ги убедам во важноста и квалитетот на бруталистичките објекти, затоа што оние кои ја имаат таа среќа да бидат нивни корисници, брзо го менуваат мислењето во позитивна насока, а оние  другите, па тие едноставно немале среќа. Мислам дека искреноста и смелоста највеќе ги плашат. Бруталистичките објекти се издвојуваат по нивната конструктивна искреност – односно, не чуваат тајни за материјалите вградени во нивното создавање, а нивната геометрија е смела. Армираниот бетон е доминантен материјал благодарение на својата истакната и драматична текстура, која е целосно изложена.

11_resize

Британските архитекти и урбанисти Алисон и Питер Смитсон го илустрирале на следниов начин: „Брутализмот се обидува да биде објективен во однос на реалноста, културните цели на општеството, неговите барања, неговите техники. Брутализмот се соочува со општество на масовно производство и ја извлекува грубата поезија од збунувачките и моќни сили во кои дејствува. Досега за брутализмот се зборуваше врз основа на естетиката, додека неговата суштина е прашање на етика“.

12_resize

ПРОФЕСОРОТ МИТРОВИЌ ВО БЕЛГРАД ПРОЕКТИРА БРУТАЛИСТИЧКИ СТАНБЕНО-ДЕЛОВЕН ОБЈЕКТ

Од почеток на бруталистичкото архитектонско движење, се појавуваат неверојатни објекти како  Saint Marie De La Tourette манастирот на Корбизје покрај Лион, потоа Kagawa Prefectural на Кензо Танге, па понатаму комплексот Habitat ’67 на Моше Сафди. Во време кога Луис Кан го создава своето револуционерно дело, Парламентот во Дака, Бангладеш, професорот Михајло Митровиќ во Белград проектира бруталистички третиран, станбено-деловен објект.

Тој ја создава Западната порта во Нов Белград од која и по речиси 50 години сè уште некои луѓе зазираат (оние обичните). Впечатлива, со јасен став, соголена до најголема искреност, прецизна, доминира и ја формира силуетата на градот. Го има бескомпромисниот карактерот на нејзиниот творец, неприкосновениот владетел на архитектонската теорија и пракса, кој на поколенијата им остави впечатливи дела. Еден од неговите најзначајни архитектонски потфати, Западната порта или кулата „Генекс“, проектирана во бруталистичка архитектура, за која професорот велеше дека е една од последните јасно дефинирани профилирани стилови, со право се најде на насловната страница на книгата „Кон бетонска утопија: архитектурата во Југославија 1948 – 1980“ во рамки на истоимената изложба во њујоршката МоМА.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Кога кон крајот на 60-тите години на минатиот век Митровиќ победил на конкурсот за изградба на 12-катна зграда и месна заедница во „Улицата на народните херои“ во Блок 33 во Нов Белград, се откажал од тој објект и предложил да се подигнат две кули на истото место по кои градот ќе биде препознатлив. И покрај бројните оспорувања, успеал, благодарение на сопствената борба, да истрае во заложбата неговиот проект да биде изведен, а Белград да ја добие највисоката зграда од бетон. Во едно интервју за „Политика“ вели: „Не се согласив со идејата зградата од 12 ката да биде половина деловна, половина станбена, како што беше зададено со конкурсот. На истата локација самоволно направив две згради, станбена и деловна, кои се поврзани на врвот. Долго ги образложував моите идеи пред комисиите за планирање, верував дека тоа е добро решение и дека овие куќи ќе бидат препознатлив знак на Белград, што веќе со децении и се. Во таа голема хајка против мене ја имав поддршката од Стојан Максимовиќ, архитект и проектант на Сава центарот. Дури и карикатуристот на „Политика“ Иво Кушаниќ, објави карикатура, цртеж на згради и под нив бесилка со текст: „За кого е бесилката? За проектантот.“

1_resize

Камен-темелникот на објектот е поставен во 1971 година. Западна порта го добила името според местото на кое е подигната, бидејќи ги „поздравува“ патниците кои пристигнуваат во Белград по автопат од аеродромот „Никола Тесла.“

Објектот е изграден во 1977 година, висок е 117 метри, односно 135 метри со антената, го сочинуваат две споени кули, едната е со 30 ката и 184 стана, а втората, поблиската до автопатот, е со деловна намена и има 35 ката со ротирачки ресторан на врвот, кој никогаш не се вртел. Секоја кула има две цилиндрични сервисни окна, каде се поставени скалите, сместени на двата краја на оваа армиранобетонска скелетна конструкција, а на 26 кат кулите се поврзани со двокатен мост. Бетонската ротонда каде е сместен ресторанот, со површина од 250 квадратни метри и 45 места за седење, поставена е над мостот на едно од бетонските окна на деловната зграда. Митровиќ во половина век долгата кариера, проектирал повеќе од стотина објекти, но само за Западната порта на Белград, говорел дека е негово ремек-дело. Дочекана е со недоверба, оспорувана во текот на изградбата, а денес малкумина може да го замислат влезот во престолнината на Србија од запад без овој објект.

15_resize

ВОИН ИЗДИГНАТ МЕЃУ БЛОКОВИ

Архитектура како од фантастичните филмови одеднаш станува стварност на архитектонското небо на Белград. Кулата „Генекс“ стреми кон небото и иднината. Во времето кога се создадени биле прилика луѓето да се уверат дека се препознаени во светот и дека достојно се следат чекорите во архитектурата благодарение на креатори и мислители каков што беше Митровиќ.

Монументалниот објект е како урбан „светилник“ и највпечатлив мотив на Нов Белград, но и визуелен белег на целиот град. Се одликува со едноставноста на решението и со пропорционалниот ред на двојниот корпус кој го надвиснува кровна надградба со цилиндрична форма. Комбинацијата на гигантските форми на постаментот, ускладениот ритам и по вертикала и по хоризонтала и ексцентричниот мотив на врвот, претставува специфична и смела архитектонска креација. Оригинален детал е сликањето на фасадите. Сликарот Лазар Вујаклија изработил мурали на бетонските фасади на приземјето на зградата во 1979 година.

16_resize

Професорот ја остави зад себе иконичната кула „Генекс“, а минатиот месец објектот е прогласен за културно наследство. Она што професорот го остави во аманет и за што се залагаше е и вистината дека квалитет и трајност во архитектурата може да се постигнат само со посветеност и со многу работа, само на тој начин се создаваат трајни вредности и тоа не на поединци, туку на градот, на државата, но и интернационално наследство, доколку делото на адекватен начин се одржува и штити. Со ставање на објектот под заштита на државата создадена е прилика наследството на модерната да се заштити како слоеви на архитектура, кои треба да се чуваат како репрезентативен пример на времето кога е создадено. Така државата на адекватен начин ќе му се оддолжи на својот голем творец и креатор на архитектонската мисла, кој за жал иако замина на 96-годишна возраст не ја доживеа заштитата на неговото ремек-дело.

Novi_Beograd_-_West_Gate_03_resize

Кулата „Генекс“ кога прв пат ќе се здогледа хипнотизира, изгледа како воин издигнат меѓу блокови. Брутализмот последниве години доживува еден вид ренесанса во интересот за овој правец, „брутализам“ стана модерен збор за речиси секоја бетонска зграда. Но сепак основните форми, просторот и изгледот мора да бидат логични. Значи треба да биде чесно, да се слави инженерската моќ низ откривање на внатрешното функционирање на зградата, важна е функцијата, не раскошот. Кога се набљудува оддалеку Западната порта е единствена, иконична форма, незаборавна како споменик, структура дефинирана со својата функција, од сервисните окна до ресторанот на врвот. Без никаков напор да се дотерува и да се прикријат материјалите од кои е изградена. Кулата е простор во кој архитектурата не ја консумираат поединци, туку претставува рамка за подобар општествен живот.

5_resize

„НЕ САКАМ СТАКЛО“

На ваков начин може да проектира само оној кој има талент, работи вредно и мисли, и сака да создава веднаш и сега. „На почетокот се занимавав со урбанизам. Копнеев да го оставам, бидејќи во урбанизмот тоа што ќе го направите се гледа дури за 20 години. Кога се случи да преминам на архитектура, не ја напуштив. Секогаш се трудев да излезам од рамките. Правев куќи вон стандардот и не сакав да го следам актуелниот тренд. Кога почна стаклената манија во архитектурата, се свртев кон бетонот. Така, мојата куќа „Генекс“ е меѓу најголемите во светот изградена од бетон. Таа куќа и денес е симбол на Белград. Мојот поглед на архитектурата беше секогаш да трагам по нешто што се одвојува од тековниот курс. Не сакам стакло. Мислам дека не е археолошки материјал. Во класичната архитектура да се работеше од стакло, немаше да остане никаква трага. Останаа траги од она што е изградено од камен и тула.“

нов

Затоа ако се посети градот во кој градел Михајло Митровиќ, и кога ќе ја споредите неговата градба со останатите, ќе видите колку во неговата архитектура има нешто опсесивно, свиено како кора околу сегашното време, како чувар и заштитник од минливото, помодарството. Неговите градби,  поточно куќи, како што самиот ги нарекува, како да стражарат во градовите и бдеат над протекувањето на времето. Како и нивниот автор кој водел жестоки расправии за кои се потребни упорност, знаење, морал и убедување. Непомирлив и страствен соговорник, раскошно елоквентен и незгоден полемичар, бил даровит во одбрана на своите ставови. Бескомпромисен и смел во конфронтациите, тој не се колеба да ги нарече со вистинско име појавите и постапките околу него, адекватно да ги квалификува дилетантизмот и кратковидоста. Кога денес ги имаме предвид битките што ги добил, а особено оние што ги загубил, останува впечатокот дека речиси секогаш бил во право. Тоа го потврдува и фактот што многу прашања од денешниот урбанизам и архитектура не се решени уште од времето кога се поставени или тоа е направено погрешно.

НЕПРЕКИНАТА БОРБА СО МЕДИОКРИТЕТИТЕ

За урбанистичкиот и архитектонски опус на Михајло Митровиќ потребен е многу поголем простор, покрај проектант, бил и одличен цртач, но треба да се напомене дека неговото остро перо беше коректор на јавното мислење во однос на многу ставови за архитектурата, просторот и развојот на градовите. Бил колумнист на „Политика“, повеќе од 55 години, поточно од 1962 година, есеи и стручни текстови објавувал во НИН и во загребско „Око“, а водел и емисии на Втората програма на Радио Белград. Неговиот отворен и јасен став и непрекинатата борба со медиокритетите, кои од суета не го препознаваат значењето на професијата архитект, траеше до неговите последни денови. Да се бележат успесите на колегите и за нив да се пишува со страст е особина на хуманисти и на несуетни луѓе, па покрај неговите проекти и дела како вредна заовставштина се и книгите. Автор е на неколку книги меѓу кои „Архитектурата во светот и кај нас“ и „Архитектурата на Белград 1950 – 2012“. Како одличен цртач и светски патник во Музејот на современа уметност во Белград во 1995 година одржана е изложба на цртежи „Градови“, настанати на неговите патувања низ Европа (ги посетил сите држави во Европа освен Албанија), Азија, Африка, Северна и Јужна Америка и Австралија. „Кога Фостер ја направи банката во Хонгконг, се затрчав да го видам тоа чудо. Посебна авантура за мене беше да стигнам до индискиот град Чандигар, во подножјето на Хималаите, кој го проектираше генијалецот Ле Корбизје“, ќе каже Митровиќ.

Belgrade_-_Genex_Tower_west_side,_nov_2010_resize

Во едно интервју ќе рече дека нема ниту еден проект што околината во која е изграден не го оспорувала, дека постојано го малтретирале и инсистирале на корекции и дека неуки и заостанати се мешале во уметничката замисла за тие дела. Тој својот професионален пат го нарекувал „драма на градењето“. Според неговото сведоштво, оваа драма ја доживувале и неговите големи претходници (Коруновиќ, Добровиќ, Белобрк…). „Едноставно, пошироката јавност во Србија не толерира промени, иновации, разлики и противречности. Поради таа духовна резервираност, нашите градови многу страдаат, па денес изгледаат како потсмев од кој зјапаат примитивизмот, вулгарноста, отсуството на вкус, мерка и чувство за отменост и елеганција. Нашите градови се одраз на вознемиреност и темнина. Дури и денес, луѓето живеат овде во некоја форма на проширена касаба“, велел.

Поради сето ова, Митровиќ често учествувал во жестоки полемики поврзани со урбанизмот и архитектурата за да ги убеди своите колеги и јавноста дека архитектурата е пред сè култура, која кога ќе дојдете во некоја средина, прва се забележува и според неа се одредува вкусот и престижот на јавниот живот и домување.

Архитектите на кои им се восхитувал се Жак Херцог и Пјер де Мерон. Во младоста бил наклонет кон бразилскиот архитект Оскар Нимаер, бидејќи како што велел, по војната неговото дело била првата модерна архитектура забележана на овие простори, а и бил на лице место кога е инагуирана Бразилија. Подоцна со своето искуство верувал дека тандемот Жак Херцог и Пјер де Мерон се во врвот на светското творештво. Исто така често го споменувал и Сантијаго Калатрава, за чии градби сметал дека се во доменот на модерната скулптура.

4_resize

9_resize

ТОТАЛЕН ЧОВЕК НА ГРАДОТ

Михајло Митровиќ беше тотален човек на градот, знаел како градот мора да живее за да не се провинцијализира, знаел каде се границите на градот како култура, што градот треба да утврди за да ги афирмира своите жители, знаел дека пулсира во ритамот на животот и дека погрешните потези го водат до самоуништување, а со тоа и до разградување.

Или како што велел: „Потребна ни е самосвест дека е заостанато и непросветено секое општество кое не сфаќа дека архитектурата е постела на амбиентот во кој се работи и живее. Елементарна претпоставка на секој напредок во потрагата по подобар, полесен и поквалитетен живот. Оваа потреба е пред сè значајна за оние кои управуваат со нашите животи, за секој поединец, а особено за самите архитекти. За жал, тие се масовно инертни и ја препуштаат кому било грижата за својата професија“.

Некој кој бил повеќе децении педагог, кога е прашан за совет на младите колеги ќе каже: „Ги советувам да негуваат две нешта, работата како столб на сè во животот и љубопитноста. Без љубопитност нема големо дело. За сè треба да се има знаење, но тоа не се стекнува само во училиште, потребна е постојана, перманентна едукација, следење на сè што се случува во човековата околина, бидејќи за нејзината уреденост првенствено е одговорен архитектот“.

А за големото дело, Западната порта која ја остави на културата, на општествениот интерес на градот и земјата, па конечно и на сите нас, исто така треба да се негуваат две нешта: благодарност што покажа што може да биде архитектурата и сонот за иднината на овие простори. Но тоа не се прави со негрижа за објектот, потребно е одржување и вложување за да придонесе на квалитетот на градот, а со тоа и да продолжи сонот за иднината.

3_resize

Михајло Митровиќ (Чачак, 1 септември 1922 – Белград, 20 декември 2018), дипломирал во 1948 година на Архитектонскиот факултет во Белград. Бил стипендист на Обединетите нации во Франција и Данска во 1950 година. Во Урбанистичкиот институт на Србија како главен проектант изработил генерални урбанистички планови на Заечар, Трстеник, Пирот, Ниш, Бања Ковиљача, Лазаревац, Врњачка Бања. Бил директор на „Проектбиро“ (1961 – 1981). Во 1980 година е избран за редовен професор на Факултетот за применета уметност во Белград.

Неговите најзначајни дела се: одморалиштето „Нарцис“ на Златибор, болницата во Бања Ковиљача, хотелот „Путник“, Западна порта во Нов Белград, црквата„ Св. Василије Острошки“ во Белград; одморалиште на Тара, Врњачки циклус: топла вода Снежник, Слатина, Римски извор, Езеро; поголем број станбени згради во Србија, а проектирал зграда и во Париз.

Бил почесен доктор на Универзитетот во Белград и претседател на Архитектонската академија на Србија. Добитник е на „Октомвриската награда на град Белград“, на награда листот „Борба“, на награда на Архитектонскиот салон, на Големата награда за архитектура САС и на наградата за животно дело „Седми јули“.

* * * *

На предлог на Заводот за заштита на спомениците на културата на град Белград, на седница на Владата на Србија одржана на 3.11.2021 година, Станбено-деловниот центар „Генекс“ е прогласен за културно наследство. Во име на Заводот, истражувањето и предлогот на решението за утврдување на културното наследство го подготвиле Ивана Весковиќ, архитект и Снежана Неговановиќ, дипломиран снимател на слики.

Genex_Tower_and_river_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top