Насловна / Интервју / Нова интервенција која ја оживува старата тврдина Кале

Нова интервенција која ја оживува старата тврдина Кале

ivana-topalovska.jpgИвана Топаловска
добитничка на наградата на БИСТА

 

Ивана Топаловска (28) моментно е
член на архитектонското студио
SCArS ( Skopje Contemporary
Architecture Studio ), кое е
неформална група од неколку
помлади архитекти. За SCArS вели
дека е повеќе од обид за
ангажирање во струката, што е
докажано низ многуте освоени
награди на различни конкурси. Од
таа причина мисли дека тоа е
одлично опкружување за неа,
бидејќи овозможува стручно
усовршување покрај веќе изградени
професионалци.

Во биографијата на
оваа млада архитектка која на 15-то
Биенале на македонската
архитектура ја доби наградата на
БИСТА за својата дипломска работа
„Програмско инфилтрирање –
Тврдина Кале“, стои дека работела
во „Бортас“ ДОО Скопје и дека била
стручен соработник на
Архитектонскиот факултет во Скопје.
Наградата БИСТА за неа
претставува значајна потврда за
вложениот труд и мотив за
постигнување нови успеси.

 

Која е темата на твојата дипломска
работа?

– Темата е програмско инфилтрирање:
културно информативен пункт, музеј, кафе,
и времено домување на Скопската тврдина
– Кале. Основната идеја на овој проект
подразбира одговорност кон значењето на
контекстот во кој треба да се интервенира,
со цел да се постигне едноставност,
ненаметливост и функционалност.
Концептот претпоставува надоврзување на
веќе постоечките искуства и наслојува нови
доживувања низ кои се почитува важноста
на претходното. Во постојното ткиво е
направена интервенција која од една
страна ја истакнува самата тврдина како
музеј со постојана музејска поставка –
градот и археологијата, и воедно ја
надополнува со нова патека на движење
која обединува програмски пакети.
Програмското решение се состои од
повеќе самостојни единици (културно
информативен пункт, музеј, кафе, и
времено домување) кои поврзани
формираат една целина. Станува збор за
мали објекти со
едноставна
конструкција која одговара на технолошките
можности за изведба.

 

Зошто го одбра Калето како место за
просторна интервенција?

– Гледајќи ја тврдината во контекст на
поблиската околина, таа претставува дел од
една културна густина, имено на само 500м
радиус што подразбира 5 минути пешачка
дистанца, се наоѓаат 16 објекти од културно
значење. Во ваквиот контекст тврдината има
голем потенцијал да прерасне во културен
центар. Со интервенцијата што првенствено
има за цел да ја акцентира тврдината како
музеј, изборот да биде внатре во ѕидините е
заради ставот дека тежиштето, акцентот
треба да остане на тврдината. Така самата
локација претставува предизвик во однос на
населување на нова програма која нема да
го наруши историското, културното и
социјалното значење.

 


Како ти лично го доживуваш Калето?

– Сметам дека тврдината е исклучително
значајна точка во централното градско
ткиво, не само заради својата
историска важност, туку
и заради
фактот што претставува блиско
возвишување од кое најбрзо може да се
доживее градската слика. Таа е најблизок
визуелен контакт со градот. Во таа смисла
дава можност да се доживее од повеќе
аспекти, дали е тоа како туристички,
културно-историски или социјално активен
простор. Токму таа трансформација на
функционалноста и преклопување на
аспектите е нешто што треба да се негува
како најголемо значење на тврдината.

 

Дали овој простор може да се спореди
со некој друг сличен во светот?

– Секако дека постојат вакви примери на
утврдувања кои се збогатуваат со нови
програми во зависност од денешните
потреби. Јас и во проектот се повикувам на
таквите примери за да се покаже
искористливоста на принципот на таквите
интервенции. Од повеќето сретнати би
издвоила неколку што по својата типологија
и облик се најблиску до она што беше
идеја за проектот и се вклучени во анализите
за изработка на истиот: (Sigmundskron castle,
Bozen, Werner Tscholl; Archaeological museum
and parc Кalkriese, Osnabrück, Gigon/Guyer
architekten; Archeological archives, Jinhua
architecure park, Ai Weiwei; Eggum tourist
route, Lofoten, Snohetta). Земени се како
типолошка и обликовна референца, но и
како аналогија за тоа како на такви
простори да се пристапи во однос на
изборот на материјалот.

 


Зошто не се определи за еден објект,
туку за повеќе мали структури?

– Токму поради значењето на контекстот.
Сметам дека ваквиот пристап е
почувствителен во однос на локацијата. Има
за цел да ја истакне важноста на местото,
со тоа што со современ пристап ќе
обезбеди оживување на просторот. Ваквата
расчленетост на интервенцијата тежнее да
обезбеди динамично присуство.

 

На Калето моментно се изведуваат
археолошки истражувања. Ако би се
изведувал твојот проект, дали сега би
сменила нешто во склад со новите
сознанија од истражувањето?

ivana-topalovska-2.jpg– Проектот ги зема предвид отворените
сектори на археолошките истражувања.
Имено во 2007, 2008 и 2009 год. се отворени
повеќе точки од археолошко значење кои ја
претставуваат тврдината низ 3 поважни
историски периоди: предисторија,
средновековие и отомански период. Тие во
проектот се мапирани и опишани, и се
групирани во систем од патеки. Патеките
всушност соодветствуваат на тури
предвидени од сите влезови, дефинирани
со потребното време за прошетка во
минути, преку кои секој посетител може да
се запознае со откриените археолошки
остатоци. Предложената дополнителна
програма е поставена на избрани
површини за потенцијално програмско
населување, кои се препознаени како такви
во разговор со раководителот на
археолошките истражувања д-р Драги
Митревски. Така поставените објекти не и
пречат на археолошката приказна
претставена низ патеки, ниту на визурите
што се отвораат кон градот, туку имаат за
цел да ја надополнат таа програма со нова
социо-културна патека.

 

Што моментно му недостасува на овој
дел од градот?

– Во контекст на предложениот проект
направена е анализа и мапирање на
пристапите. Со цел Тврдината да се
претстави како еден културен центар,
вклучувајќи го и културниот контекст напоблиската околина, значаен придонес во
интегрирањето на препознаените објекти би
дала нова линија на јавен транспорт, како
туристичка и социјална врска со наведените
културни точки. Така, линијата треба да
поаѓа од Хотел Александар Палас и преку
бул. Илинденска (Зоолошка градина,
Природонаучен музеј, Градски парк,
Градски стадион, “Фонтана” ), да дојде до
Тврдината и нејзината културна околина, за
во почетната точка да заокружи еден нов т.н.
социо-културен остров, поминувајќи низ
точки од културно и социјално значење за
градот.

 

Дали иднината на центарот на Скопје
ја гледаш во пополнување на мозаикот на
градското ткиво со мали урбани
интервенции, или со големи просторни
потези?

– Не постои образец кој би отфрлил еден,
а би прифатил само друг пристап.
Природно e да се работи со различни
задачи и секоја има свој предизвик. Она
што според мене не се разликува во поглед
на пристапот, независно од тоа дали се
работи за мали урбани интервенции или
големи потези, е односот кон наследениот
контекст. Важно е да се почитува контекстот.
Без разлика дали е тоа наследство како
Скопската тврдина, стара над 1000 години,
или е историско наследство од
исклучителни мајстори на Модерната, како
на пр. Градскиот Трговски Центар,
почитувањето на претходното не смее да
изостане.

 

Сметаш ли дека нашето општество им
дава доволно можности на младите луѓе
да ја искажат во целост својата
креативност?

– Општеството и понатаму е во период на
транзиција и процеси кои ја чинат истата. Во
траењето и последиците од промените,
општеството уште долго ќе се обликува и
потоа ќе можеме да го карактеризираме
периодот и слободата на креативност која е
овозможена. Тоа што е сигурно, е дека
младите треба да настапуваат проактивно
во време кое предизвикува регрес. Не би
лицитирала кој има повеќе можности и која
генерација носи поголема тежина, и затоа
мислам дека можности има. На младите
останува да создадат конструктивна
конкуренција и предизвик. Опкружувањето
кое дава простор за остварување е тоа во
кое треба да се делува, јас можам да
влијаам само на својот придонес во
околината, а останатите фактори ќе го
обликуваат конечниот одговорот. Работам
на тоа и сакам тоа да биде Македонија.
Како архитект сметам дека се движам во
два вида творештво, теориско надградување
и практично делување, некој трет вид би
требало да произлезе од квалитетот што ќе
успеам да го достигнам во споменатите
два. Мислам дека подеднакво треба да се
биде активен во праксата, колку и во
академското усовршување. Во рамките на
овие две ќе се формира мојот план за
иднината.

 

Кој објект или урбана целина те
фасцинира нajмногу во Македонија?

– Сметам дека фасцинацијата може да
биде многу бизарно толкувана. Затоа ќе се
држам на дефиницијата на позитивното
доживување и ќе кажам дека во Македонија
тоа е периодот на Модерната. Тешко е да
се одбере и истакне еден објект, така што
без разлика на тоа што јас го
фаворизирам, Скопје има антологиски
примери на модерната (Градски Трговски
Центар, МОБ, Градска Болница, Студентски
дом “Гоце Делчев” и.т.н ). Што се однесува
до светската архитектура, мислам дека во
различни периоди на осознавање,
различни објекти и личности влијаат на
мојот, да речам, архитектонски вкус. Така
не би издвоила посебен архитект или
објект, можеби во моментов само би
споменала две земји: Швајцарија и
Норвешка.

 

 

 

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top