Складирањето на енергија во Европа бележи забрзан раст од 2020 година, па вкупниот инсталиран капацитет во ЕУ, Велика Британија, Норвешка и Швајцарија би требало да достигне 100 GW до крајот на ноември. Складирањето на енергија во реверзибилните хидроелектрани има најголем удел во постоечките капацитети, со 50,6 GW, а следуваат батериите со 44,8 GW, се вели во анализата спроведена од страна на консултантската фирма LCP Delta и асоцијацијата Energy Storage Europe.
Се очекува до 2030 година, вкупниот капацитет на сите технологии за складирање на енергија да порасне за 115%, на 215 GW, со годишна стапка на раст помеѓу 20 GW и 25 GW, стои во извештајот под наслов European Market Monitor on Energy Storage. На 01.11.2025 вкупниот капацитет изнесувал 99,3 GW.

Во извештајот се наведува дека 18 милиони домаќинства имаат соларен систем, а 4 милиони од нив складираат енергија во батерии. Продажбата на батерии за домаќинства засега се стабилизира, откако во периодот 2022 – 2023 достигна рекорд, додека опоравок се очекува во 2027 година. Германија има најголем број батериски системи во домаќинствата, околу 2,1 милион, а следуваат Италија, Велика Британија, Австрија и Белгија. LCP Delta и Energy Storage Europe веруваат дека индустријата за складирање на енергија допрва е во подем и дека ќе продолжи да дава значаен придонес во енергетската транзиција на Европа.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија