Благодарение на една платформа за размена на станови, сега можете да поминете неколку дена во препознатливиот ентериер на шведски дизајнер исполнет со пастелни бранови, скулпторски мебел и обоени огледала.
Ако некогаш сте сакале да влезете во умот на дизајнер преку простор што тој лично го создал, сега е вашата шанса навистина да го направите тоа. Густаф Вестман (Gustaf Westman), познат по својот шарен, разигран стил и препознатливи форми, како и неговата неодамнешна соработка со Икеа, ги отвори вратите на својот стан во Стокхолм преку платформата за размена на домови Kindred.

Станува збор за грижливо дизајниран простор кој е целосно во согласност со неговиот естетски потпис, а во исто време и еден вид покана да се доживее дизајнот на еден сосема личен начин, пишува Wallpaper.

Живот во бои и облини
Станот на Густаф Вестман изгледа како продолжение на неговото портфолио: пастелни бои, брановидни форми, заоблени облици, изразени контрасти и, секако, неговото познато Curvy Mirror огледало.
Несомнено е дека секој елемент е внимателно биран, а целиот амбиент креиран со идеја да предизвика емоција, насмевка и чувство за игра.

Токму затоа овој простор е идеална дестинација за сите заинтересирани за дизајн на ентериери – и тоа не како набљудувачи, туку како учесници.
Станот сега е достапен за краток престој преку платформата Kindred, која работи на принципот на размена на станови меѓу одбрани членови на заедницата ширум светот.

Поглед од прво лице
Вестман наведува дека идејата за делење на домот со други му дошла од желбата да покаже дека дизајнот не мора да биде дистанциран или само „за изложба“, туку и функционален, удобен и забавен.

„Сакав луѓето да го доживеат дизајнот како искуство, а не само како естетика на фотографија“, изјавил во рамките на најавата за соработката.
Посетителите ќе можат да престојуваат меѓу оригиналните парчиња што самиот ги дизајнирал, но и да го почувствуваат секојдневниот ритам на животот во Стокхолм, вклучувајќи прошетки до локалната пекара, парковите и студиото во близина.

Дизајнот како искуство
Иако засега не е познато колку долго станот ќе остане достапен за размена, интересот е голем – не само поради дизајнерскиот потпис, туку и поради растечката популарност на моделот за заменана на станови во полуксузниот сегмент за патувања.

За сите љубители на ентериер, ова е повеќе од „спиење во туѓ кревет“, тоа е можност да се живее животот на некој друг, дури и ако е само за кратко, и некој чиј дизајн секојдневно го инспирира целиот свет.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија