Чарлстон, во Сојузната Држава Јужна Каролина, плени со стил и со класа. Неговата уникатност лежи во тоа што малку делови во САД имаат толку обемна колекција на историски зачувани домови на едно место.
Иако секоја од градбите е различна, многу од нив имаат слични елементи: шарени куќи, високи прозорци, тремови на повеќе нивоа, пространи градини полни со цвеќиња и украсни скали. Беше вистинско искуство да се мине низ населби изградени во 1670-тите години, да се пешачи низ тесни и калдрмисани улички и да се знае дека на секој чекор се крие нешто непознато.

Чарлстон е еден од најстарите градови во САД. При неговото основање во 17-тиот век, тој бил опкружен со ѕидови од цигли коишто по завршувањето на Револуционерната војна биле срушени. Сепак, илјадници од неговите историски градби сè уште постојат и денес. По Граѓанската војна, повеќето од сопствениците ги напуштиле своите домови, но кога градот повторно почнал да се населува, надлежните вложиле големи напори да го заштитат и одржат историското наследство. Токму затоа, на сила се мошне строги регулативи за какви било промени, особено кога станува збор за надворешниот изглед на куќите, со цел да се спречи неконтролирано уредување или реконструкција којашто би можела да ја наруши автентичноста.

Ова се некои од правилата:
- Зачувување на фасадите:Ниту една градба не смее да се промени без одобрение, особено во делот на екстериер, боја и орнаменти.
- Одржување на историските материјали:Забрана за употреба на модерни или на неподобни материјали што не одговараат на оригиналниот дизајн.
- Строги норми за реконструкција:Висината, големината, обликот и изгледот на новите интервенции мора да бидат усогласени со постојната архитектура.
- Додатоци и украсни елементи:Мора да се одобрат пред да бидат поставени, а тие треба да бидат во духот на оригиналната архитектура.
- Минимална интервенција и реставрација:Поддржуваат општи мерки за одржување што го сочувуваат оригиналниот изглед и состојбата на објектите.
Правилата се применуваат од страна на локалната власт, најчесто од Одделот за заштита на историското наследство или од посебна Комисија за архитектура и екстериер.
Ковано железо
Железните конструкции во Чарлстон се една од најзабележителните карактеристики на градот. Рачно кованото железо е присутно речиси на секој чекор, особено како украс на елегантните прозорци, порти и скали. Бројните шилци на оградите служат како заштита од евентуални натрапници, додека украсните решетки го нагласуваат дизајнот. Во меѓувреме, минувачите (вклучувајќи ме и мене) се презадоволни бидејќи им се овозможува впечатлив поглед во беспрекорно уредените градини.

Боите на Чарлстон
Куќите во Чарлстон се познати по своите светли пастелни бои, а особено атрактивни се оние долж улицата Беј – познати како „Rainbow Row“ (Ред виножито). Сместена во срцето на историскиот округ, оваа улица е омилено обележје речиси три века. Првично изградени кон крајот на 1700-тите години како серија од 13 градски куќи, со тек на време тие се користеле за различни намени. Сепак, до почетокот на 1900-тите, многу од нив пропаднале и биле загрозени да бидат урнати.

Благодарение на локалната експертка за реставрација, Сузан Прингл Фрост (Susan Pringle Frost), овие дотраени куќи се спасени. Таа купила дел од нив и ги обновила, пребојувајќи ги во нивните оригинални бои. Улицата, некогаш централно место за трговија, наскоро станала позната како „Реинбоу Роу“, прекар што останал во употреба до ден денес. Сега, ова е повеќе од улица со убави куќи и ресторани – таа е симбол на богатата историја на Чарлстон и уште едно сведоштво за посветеноста на градот кон зачувувањето на културното наследство. Во 1931 година, Националната служба за паркови и официјално го прогласила „Реинбоу Роу“ за историско обележје.
Куќата „Натанил-Расел“

Куќата „Натанил-Расел“ била обновена на начин да го репродуцира сјајот од 1808 година, и е совршен пример на ликот и стилот на тоа време. Со внимателно реплицирање на сите детали, оваа куќа се смета за една од најважните неокласични градби во Америка од почетокот на 19-тиот век.
Трикатната едносемејна куќа има елегантна и симетрична структура и главната цел на проектот била да овозможи простор за свечени приеми, сè за да се прикаже статусот и богатството на сопствениците. Мебелот бил направен од најквалитетно дрво, а порцелан и кристал биле изложени во неколкуте балски салони и трпезарии. Конзолните скали беа нешто што ме воодушеви и навистина заслужуваат да бидат наречени архитектонски бисери – тие не се само функционална структура, туку претставуваат уметничко дело што ја нагласува симетријата, естетиката и префинетоста на архитектурата од тој период. Покрај тоа, создаваат впечаток на просторност и грандиозност, овозможувајќи лесен премин од еден дел на куќата во друг. „Натанил-Расел“ важи за жив пејзаж на историјата, уметноста и културата на Чарлстон и денес е отворена за посетители како музеј и културен центар.

Ропството како реалност
Како и сите градови на Југот пред Граѓанската војна, историјата на Чарлстон ја вклучува и тешката реалност на ропството. Повеќе од 40 отсто од сите африкански робови пристигнувале преку Чарлстон – најпрометното пристаниште во земјата. Робовите купувани локално, работеле или на плантажите или како домашни помошници, додека останатите биле продавани на други места. Во 1850-тите години, зградата „Old Slave Mart“, била една од последните центри за аукции на робови што функционирале во САД. Денес, зданието е оставено како сведоштво за таа тешка епоха и е претворено во музеј и изложбен простор. Ова е уште еден дел од архитектурата на градот којшто нуди дополнителна прилика да се разберат ужасите на ропството, да се согледаат фактите, да поттикне на размислување и дискусија за важните прашања поврзани со оваа тема.

Aрхитектонски стилови
Од раскошни имоти до шармантни куќички, Чарлстон е дом на низа архитектонски стилови под влијание на различни културни инспирации, како и години на експанзија и развој.
Едносемејна куќа
Овој стил, кој е речиси ексклузивен за Чарлстон, го дава уникатниот шарм на историскиот дел од градот. Планот за домување е идеален за тесните парцели со поглед кон улицата, изградени кон крајот на 17-ти и почетокот на 18-ти век. На секое ниво, широчината на куќите е колку една соба, а височината одговара на две соби, одвоени со централен ходник. Обично, тремот или „пјацата“ се протега по должината на куќата. Јавната врата е свртена кон улицата и води до тремот, а не директно во куќата. Посетителите мора да поминат низ него за да стигнат до главната или до приватната врата. За да се искористат предностите на ветерот, тремовите се свртени кон југ или кон запад.

Двојна куќа
Двојните куќи во Чарлстон биле изградени кон крајот на 18-тиот век, но не ја достигнале големата популарност на единичните куќи. Овие градби се високи и широки колку две соби заедно и се симетрично поделени со скалест ходник. За разлика од едносемејните куќи, долгата фасада е свртена кон улицата. Тремовите може да бидат поставени напред или странично, често украсени со импресивни огради од ковано железо.

Џорџијански стил
Со својата прецизност, и едноставни, но сепак елегантни детали, џорџијанскиот стил бил доминантен во Чарлстон во 18-тиот век. Потсетувајќи на традиционалните архитектонски структури од Грција и од Италија, овој стил нагласува рамнотежа и хармонија преку математички точно обликување. Градбите обично имаат рамна фасада со симетрични прозорци и врати и често се украсени со гранитни столбови, варовнички орнаменти и декоративни корнизи.
Овој класичен естетски стил е видлив не само во резиденцијалните домови во центарот на градот, туку и во куќите на плантажите пред Граѓанската војна. Еден од најпознатите примероци на џорџијанскиот стил во Чарлстон е куќата Дрејтон Хол. Изградена во 18 век, главно од тули, со впечатлив двоен трем, таа е единствената куќа на плантажа долж реката Ешли што ја преживеала Граѓанската војна. Денес е во сопственост на Националниот фонд за зачувување на историски споменици, и е отворена за јавноста.

Уште еден значаен пример е куќата Хејвард-Вашингтон, која исто така е отворена за посетители. Токму тука во 1791 година престојувал и првиот американски претседател за време на посетата на Чарлстон.


Федерален стил
Друга варијација на неокласичната архитектура што буквално процветала во Чарлстон, е федералниот или стилот на Адамс. Иако и тој е заснован на класичните идеи за ред и симетрија, неговите декоративни елементи се поумерени и воздржани во споредба со џорџијанскиот стил. Карактеристични се паладијанските прозорци, а фасадите често вклучуваат полукружни или овални проекции, што создаваат соодветно обликувани внатрешни простории.
Федералниот стил бил популарен во Чарлстон на почетокот на 19-тиот век. Еден од најдобрите примери за стилот, како во Чарлстон, така и на ниво на цела Америка, е куќата Натаниел Расел (Nathaniel Russell House), изградена во 1808-ма година, со редови од правоаголни, овални и квадратни простории на секој од трите ката.

Друг пример е куќата Џозеф Маниголт (Joseph Manigault House), која исто така е достапна за посетители преку Музејот на Чарлстон.
Викторијански стил
Викторијанскиот стил потекнува од Англија, во периодот на владеењето на кралицата Викторија (1837–1901), и веднаш станал популарен и во САД. Карактеристични за овој стил се екстравагантните и богати детали – асиметрични форми, стрмни покриви, големи предни тремови и впечатливи орнаменти како витражи, декоративни железни конструкции и украсни ќерамиди. Употребата на живописни бои и смели шари е уште еден белег на викторијанскиот стил.
Низ децениите, овој стил создал различни поджанрови, секој со свои уникатни карактеристики.

Италијански стил
Италијанскиот стил се одликува со правоаголни структури со широки и ниски покриви, често украсени со квадратни куполи. Прозорците се високи и обично заоблени на врвот, без капаци. Надвиснатите стреи се поддржани со декоративни канавки, украсени со држачи и корнизи.
Одличен пример за италијанска архитектура што може да се посети и денес е театарот Док Стрит (Dock Street Theatre). Исто така, најголемиот приватен дом во центарот на Чарлстон, куќата Вилијамс, е уште еден извонреден пример за изградба во италијански стил.
Грчка преродба
Друга позната форма во архитектонската историја на Чарлстон е грчката преродба. Овој стил се карактеризира со употреба на класични грчки елементи како столбови, фронтони и фризови, а првпат се појавил на почетокот на 19-тиот век.

Еден од најимпресивните примери на стилот е зградата на Американската царинска служба (US Custom House) со својот впечатлив трем, високи коринтски столбови и предни храмови. Друг значаен пример е куќата Едмондстон-Алстон (Edmondston-Alston House), која е одлично одржувана и отворена за посети.

Истовремено, куќата Ајкен-Рет (Aiken-Rhett), како пример за градба без реставрација, има елементи од грчката преродба кои биле додадени во 1831 година.
Готска преродба
Готскиот преродбенички стил црпи влијание од средновековната ера и изразува смел архитектонски идентитет во Чарлстон. Карактеристични одлики се високите кули, ребрести сводови, раскошни парапети и зашилени засводени прозорци. Меѓу најзначајните примери се црквите „Свети Јован Крстител“ и „Свети Матеј“, а овој стил може да се најде дури и во помали размери, во различни помошни згради.

Арт деко
Арт деко е еден од најпрепознатливите архитектонски стилови, карактеризиран со елегантни линии и стилизирани украси. Иако помодерен од другите стилови во Чарлстон, зградите во стилот на арт деко, како што е театарот Ривиера, придонесуваат за разноликиот архитектонски пејзаж на градот.

Старо со ново
Шармот на градот е она што ме освои – начинот на кој различните архитектонски стилови се споени во едно, создавајќи, не само неверојатно примамлива туристичка дестинација, туку и омилен дом за локалното население.
Останав во Чарлстон само неколку дена, но со желба дека еден ден ќе имам можност повторно да се вратам, да го доодам, да го додоживеам и да го доуживам старото испреплетено со новото.
Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА
(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија