Кина влегува во нова ера на интернетот: првата 10G мрежа за домаќинствата е лансирана во покраината Хебеи.
Додека многу земји сè уште се обидуваат да воспостават стабилна 5G инфраструктура, Кина тивко и решително зачекори во следната фаза од дигиталниот развој.
Во областа Сјун’ан во покраината Хебеи, компаниите Huawei и China Unicom ја лансираа првата широкопојасна домашна мрежа што им нуди на корисниците брзина до 10 гигабити во секунда. Не, не е грешка – 10G за домаќинствата стана реалност.
Она што е посебно во овој случај е технологијата на која се базира новата мрежа – решение познато како 50G PON. Во превод: тоа е нова генерација на пасивна оптичка мрержа, дизајнирана да испорача неверојатна пропусна моќ со исклучително ниска латенција. Латенција, т.е. доцнењето во примањето податоци, се мери во милисекунди. Да, толку е брзо.
Според информациите објавени од кинескиот техно-портал Mydrivers, еден корисник успеал да постигне брзина на преземање од дури 9834 мегабити во секунда. Во пракса, ова значи дека цел филм во 4K резолуција може да биде симнат за неколку секунди.
Во време кога cloud gaming, VR и 8K видео стануваат дел од секојдневниот живот, овој вид инфраструктура повеќе не изгледа како луксуз – туку како потреба.
Додека некои земји сè уште се мачат со последните километри оптика и бројат базни станици, Кина спроведува стратешки план каде што индустријата и државата работат синхронизирано. Прашањето повеќе не е кога 10G ќе биде достапна, туку колку брзо ќе се прошири низ целата земја.
Сепак, со целиот напредок, останува клучната дилема: Дали корисниците и апликациите ќе успеат да го искористат целосниот потенцијал на новата мрежа? Бидејќи брзината е само алатка – она што навистина е важно е како ја користиме.
Во ерата кога дигиталната поврзаност станува репер за развој, јасно е дека Кина нема намера да игра на туѓа територија. Таа ја создава.