Насловна / Архитектура / Управна зграда на Блумберг добитник на Стерлинговата награда за архитектура

Управна зграда на Блумберг добитник на Стерлинговата награда за архитектура

Годинава жирито за Стерлинговата награда (Stirling Prize) за архитектура на Кралскиот институт на британските архитекти (Royal Institute of British Architects – RIBA) во состав Сер Дејвид Аџаје (претседавач) (Sir David Adjaye), Бен Дербишајар (Ben Derbyshire), Алекс де Ријке (Alex de Rijke), Катрин Херсел (Kathrin Hersel) и Џуд Кели (Jude Kelly) имаше шест кандидати во најтесниот избор за наградата, и тоа:

  1. Управниот објект на Блумберг (Blumberg) во Лондон на Фостер и партнерите (Foster + Partners);
  2. Еврејските Буши гробишта (Bushey Cemetery) на Вог Тистлетон архитектс (Waugh Thistleton Architects);
  3. Студентскиот дом Чадвик хол (Chadwick Hall) во Роехамптон (Roehampton) на Хенли Хеилеброун (Henley Halebrown);
  4. Уметничката галерија Њу Тејт (New Tate) во Сент Ајвс (St. Ives) на Џејми Фоберт архитектс (Jamie Fobert Architects) со Еванс и Шалев (Evans & Shalev);
  5. Сторис филд центарот на заедница и градинката Едингтон (Storey’s Field Centre and Eddington Nursery) во Кембриџ од МУМА ЛЛП (MUMA LLP); и
  6. Султан Назрин Шах образовен центар (The Sultan Nazrin Shah Centre) во Оксфорд на Ниал Мак Лохлин архитектс (Niall McLaughlin Architects).

Во исклучително силна конкуренција жирито едногласно одлучило овогодишната Стерлингова награда за архитектура на Кралскиот институт на британските архитекти да му се додели на управниот објект на Блумберг во Лондон на архитектите Фостер и Партнерс.

Bloomberg-Buerogebaeude-in-London-1

Блумберг е приватна компанија со седиште во Њујорк, САД, која делува во областа на финансиите, компјутерски софтвер, обработка на податоци и медиуми, а која сакала нова управна зграда за Европа во која ќе ги смести на едно место сите свои вработени и дејности.  Проектот на Фостер и Партнерс го овозможил ова. На површина од 66.354 квадратни метри во која се сместени четири илјади вработени во централното подрачје на Лондон и во близина на Катедралата „Сент Паул“ (St. Paul’s Cathedral) изникнал новоизградениот објект кој всушност зафаќа еден цел урбан блок, а во чија надворешна обработка доминираат каменот и стаклото. Нивото на примена на камен во рамките на објектот е во толкава мерка што се смета дека ова е најголемиот изграден објект во најтесното централно градско подрачје на Лондон по изградбата на Катедралата „Сент Паул“ во 1675 година.

Bloomberg_LDN_05_Exterior_Facade

Објектот се протега на 10 нивоа над земјата и три нивоа под земјата, а по однос на своите пропорции и катност се надоврзуваат и воспоставуваат соодветни односи со своето опкружување во коешто се среќаваат и некои многу постари објекти. Урбаниот блок на којшто изникнал објектот е со неправилна полигонална форма, а објектот на Блумберг е составен од два меѓусебно поврзани блокови со мост на повисоките катови. Двата блока се со различна големина и неправилна полигонална форма. Поголемиот блок се протега на североисточниот дел на блокот, додека помалиот на југозападниот дел на блокот. На ниво на теренот приземјето е во најголема мерка посветено на комерцијални содржини и е повлечено од улицата на три агла на парцелата коешто овозможило да се создадат отворени простори во рамките на блокот. Два од овие простори меѓусебно се поврзани со покриена улица којашто приближно се протега во насоката исток-запад, а во рамките на која се наоѓаат мостовите на погорните катови коишто ги поврзуваат двата блока.

Bloomberg_LDN_10_Interior_Ramp

За разлика од горните катови на блоковите коишто се со неправилни полигонални форми коишто главно ја следат формата на блокот, приземјето е со брановидна форма со којашто авторите сакале да го потенцираат движењето кое се случува во рамките на јавниот домен по обиколката на објектот. Повлекувањето на приземјето во однос на повисоките катови овозможило да се создаде наткриена пешачка зона околу двата блока, со којашто објектот значително придонесува кон квалитетот на јавниот простор.  Оваа улица – аркада всушност се наоѓа на местото на некогашната римска улица Ватлинг стрит (Watling Street). Во рамките на јавниот домен на комплексот се наоѓа и пристап до станица на лондонското метро и Музеј посветен на римското светилиште на Митрас (Roman Temple of Mithras), а коешто било откриено пред 60 години на оваа локација.

Bloomberg-Buerogebaeude-in-London-18

При проектирање на внатрешноста на објектот особено внимание било посветено не само на безбедноста на објектот, коешто е разбирливо кога ќе се земат предвид дејностите на Блумберг, туку и особено на патувањето на вработените и посетителите до својата крајна дестинација во рамките на објектот. Ова патување го вклучува „вортексот“, уметничко дело, кое наликува на своевидно материјализирано торнадо коешто вертикално се протега низ објектот и преку систем на закривени рампи и патеки ја овозможува вертикалната комуникација низ објектот, а околу која во помали групи се распоредени работните простори за вработените. Специјално испроектираните лифтови ја овозможуваат брзата вертикална комуникација со „главна“ дестинација на шестиот кат каде што се наоѓа кафетеријата. Архитектите успеале во својот стремеж да создадат исклучително активни и несекојдневни работни простори преку примена на иновативни детали, како на пример алуминиумски розети на плафоните, и пристапи коишто особено ги истакнуваат квалитетите на внатрешноста на објектот поддржани со квалитетот на вградените материјали и реализација. 2,5-те милиони полирани алуминиумски цветови во рамките на плафонот на објектот ја регулираат акустиката, температурата и осветлувањето во објектот и овозможуваат наспроти вообичаените деловни објекти да ги лоцираат деловните простори во центарот на објектот, а сервисните зони на периферијата.

Bloombergceilingpannelsjpg

Објектот се истакнува по својата одржливост и се смета за најодржлив деловно-административен објект во светот, којшто е заслуга на долгогодишна истражувачка работа во ова поле на архитектонското биро на Фостер и Партнерс. Исто така особено треба да се истакне и двојноста на објектот окарактеризирана преку смирената, сензитивна и елегантна фасада и динамичната внатрешност на објектот со океански канцеларии испроектирани да го поддржат колаборативниот начин на работење на глобална компанија специјализирана во доменот на финансиските информации.

Bloomberg_LDN_12_Interior_Pantry

Според жирито станува збор за објект којшто е „уникатен во својата генерација“, а за претседателот на институтот, Бен Дербишајар, станува збор не само за „монументално достигнување“ туку за објект „којшто не само што го искачил нивото за проектирање на канцелариски простор и урбанистичко планирање, туку и го пробил плафонот“.

Овој исклучителен проект укажува на тоа што може да се постигне во услови на тесна соработка помеѓу вешт и иновативен архитект и софистициран инвеститор кој се грижи за јавниот простор. Последново особено се истакнува доколку се земе предвид дека архитектите оригинално добиле урбанистичка согласност за објект со двојно поголема катност, но дека инвеститорот се одлучил да изгради многу поскромен и посоодветен по волумен објект којшто полесно ќе воспостави соодветен дијалог со своето опкружување.

New_LDN_Building_overhead_shot.0

Не е можно, а да не се восхитуваме на овој реализиран објект, и без да го споредиме со нашиот локален контекст во Република Македонија, каде немаме инвеститори од калибарот на Блумберг, но поуки од овој проект има многу коишто локалните форми коишто покажуваат обзир кон своето опкружување можат да ги применат во своите идни проекти.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top