Кинеската престолнина беше домаќин на полумаратон на хуманоидни роботи, прв ваков настан одржан во светот, објавија кинеските медиуми.
Повеќе од 20 роботи со две нозе учествуваа во првата хуманоидна полумаратонска трка во светот, одржана во Пекинг. Иако технолошки импресивни, хуманоидните роботи се уште се далеку од тоа да ја надминат човечката издржливост на долги патеки. Настанот беше организиран во време кога кинеската влада го промовира развојот на роботиката и вештачката интелигенција во услови на сè поинтензивно технолошко соперништво со Соединетите Американски Држави, објави агенцијата Кјодо.
На полумаратон од 21 километар во Кина има посебни патеки за роботи и луѓе. Според пропозициите на натпреварот, роботите морале да бидат двоножни и способни да трчаат автономно или преку далечински управувач и обврзани да ја завршат трката во рок од три и пол часа. Околу 20 тима учествувале на настанот, при што им било дозволено да менуваат батерии и да користат повеќе роботи за штафетни трки. Висината и тежината на роботите варирале така што највисокиот робот бил висок 180 центиметри, а најнискиот 75.
И додека напредокот во вештачката интелигенција предизвикува загриженост за безбедноста и работните места, оваа трка јасно покажува дека луѓето, барем засега, сè уште трчаат подобро.
Роботите имале своја оградена патека, но трчале напоредно со луѓето. За време на трката, која се водела од селски парк низ благи искачувања и кривини, на андроидите им било дозволено да менуваат батерии – исто како што на луѓето им биле достапни освежителни пијалоци. Замена на робот за време на трката била можна, но со казна од 10 минути.
Победник меѓу роботите бил моделот „Tiangong Ultra“, кој ја поминал патеката за два часа и 40 минути – речиси два часа побавно од светскиот рекорд што го држи Џејкоб Киплимо од Уганда (56 минути и 42 секунди). Човечкиот победник на трката тој ден завршил за еден час и две минути. Танг Џиан, технички директор на Центарот за иновации на хуманоидна роботика со седиште во Пекинг, изјави дека „Tiangong Ultra“ користел напреден алгоритам што го имитира човечкиот стил на трчање, а му помогнала и конструкцијата со долги нозе.
„Не сакам да се фалам, но не верувам дека која било западна компанија има робот што трча вака“, изјави Танг за Ројтерс.