Насловна / Вести / Тетовчани не се откажуваат од парк!

Тетовчани не се откажуваат од парк!

Минатиот месец, група на истакнати тетовчани поднесоа до Општината граѓански предлог со кој бараат градот да добие прв вистински градски парк, за кој беше објавено во минатиот број на Порта 3. За потсетување, накратко, се работи за граѓански предлог со кој се бара да се формира парк на делови од урбаните блокови 27, 29, 31 и 57. За деловите од УБ 27 и УБ 29 веќе постои таква (парковска) намена во Генералниот урбанистички план; иницијативата бара истото да биде направено и за деловите од блоковите 31 и 57 опфатени во предлогот, по што се бара јавен интернационален архитектонско-урбанистички конкурс на кој целата зона ќе биде третирана како инхерентно пешачко подрачје, од чие победничко решение би произлегле засебните детални урбанистички планови. Со тоа формално-правно би се завршиле планските процедури, и би можеле фазно да се реализираат потесни проектни документации работени врз резултатите од конкурсот, а согласно новите ДУП-ови.

Постер 4_resize

Поднесувањето на предлогот заедно со првите 60 своерачни потписи од граѓани се случи на 21 февруари по што веднаш беше организирана прес-конфренција и брифинг со новинарите со цел јавноста да биде информирана за поднесувањето. Истиот ден, паралелно со брифингот, ги „стартувавме“ и нашите страници на социјалните мрежи како можеби најсилна алатка во денешно време за промоција на одредена идеја. Набрзо потоа започнавме со низата однапред планирани активности со кои започнавме силна промоција на предлогот во јавноста, сè со цел тој да добие поширока поддршка од населението како форма на притисок до надлежните, особено до советниците во Советот на Општина Тетово, а секако и до градоначалникот, г-дин Биљал Касами.

Постер 1_resize

На почетокот би го споменал нашето присуство и земање активно учество во една јавна дебата организирана од Општината со цел дискусија околу суспендиранот ДУП за урбаниот модул „а“ од УБ 57 – којшто е опфатен и во нашиот предлог – а тетовчани го препознаваат како територија на поранешниот индустриски гигант ШИК „Јелак“. Коинцидентално, дебатата се одржа само ден по поднесувањето на нашиот предлог – Општината ја имаше претходно закажано со цел дискусија за нов ДУП за локацијата, во надеж дека ќе донесе подобар од претходно суспендираниот. Ја искористивме приликата да укажеме на нашите позиции дека не ни менува дали ДУП-от ќе предвиди 15, 12, или 10 згради – туку дека ние сме за парк на целото подрачје на некогашната фабрика, без ниту една зграда, особено имајќи предвид дека историски, зоната е индустриска во сите стари ГУП-ови. Индустриско-комерцијалната зона од последниот важечки ГУП за Тетово, кој за жал датира дури од 2003 г., е сменета во станбено-комерцијална со носење Измена и дополна во 2017 г., (на практично истечен и нерелевантен ГУП), без никакво планерско образложение зошто е тоа направено; без анализа дали на Тетово му е потребен таков нов станбен блок на локација со други просторни потенцијали; без претходно спроведена инвертаризација на постоечкиот станбен фонд во градот и податок колку постоечки станови немаат сопственици или се на продажба; без анализи за демографските движења, миграционите текови итн. Затоа како иницијатива цениме дека ова менување на намената во станбена е ништовно, и дека потребно ни е генерално зонирање со намена „Д“ за ова подрачје, исто како и за УБ 31 во нашиот предлог. Сето ова го укажавме од говорницата во Општината, пред градоначалникот, дел од советниците, новинарите и останатите присутни, по што бевме на некој начин обвинети дека го менуваме фокусот на дебатата: имено, целта на дебатата било да се унапреди суспендираниот ДУП, а не да се дискутира ГУП-от за ова подрачје. Застанавме цврсто на ставот дека лош ГУП не може да произведе добар ДУП и дека нашата борба за зачувување на уставниот императив за хумана животна средина не може да биде менување на фокусот на ваква дебата, по што демонстративно ја напуштивме салата, не сакајќи да ѝ даваме понатамошен легитимитет на дебатата со нашето присуство.

Постер 2_resize

Инаку, како дел од потесниот круг на иницијатори, отворено би кажал дека сме воодушевени од широката поддршка која нашиот предлог ја доби во градот, и сѐ уште ја добива. Во првите денови стартувавме и online петиција на светски популарниот сајт change.org, со цел да им се даде можност на сите оние кои го поддржуваат предлогот да застанат зад него со своето име и презиме. Иако ваквите електронски петиции немаат правно дејство кај нас, сепак цениме дека се одлична форма на притисок до советниците којашто не може така лесно да биде земена „здраво за готово“, особено доколку успееме да собереме неколку илјади такви потписи. Веќе ја поминуваме границата од 3.000 што за град со големина на Тетово е одлична бројка, имајќи предвид дека еден советник во Советот, „тежи“ околу 1.000 гласа.

Официјалното објавување на предлогот 2_resize

Прв настан во наша организација, а со цел подетална елаборација на предлогот и директна интеракција со јавноста, беше јавната трибина која ја одржавме на 24 февруари. На неа преку видеоконференциска врска се обратија и д-р Душица Трпчевска-Анѓелковиќ, просторен планер и урбанист од Агенцијата за планирање на просторот, родум од Тетово, како и проф. д-р Дивна Пенчиќ од Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје. Тие дадоа свое стручно видување на предлогот, генерално оценувајќи го како одличен и издржан, и како таков неопходно е да биде чуен од надлежните, особено во жалната констелација во којашто се наоѓа градот од аспект на планирањето. Како иницијатори, освен што самите го водевме и модериравме настанот, одговаравме на сите дотогаш појавени прашања во јавноста, разјаснувавме одредени дилеми, и имавме активна интеракција со присутните. Главни дилеми кои проструија во јавноста беа начинот на реализација на предлогот и дали воопшто Општината може да си го дозволи од финансиски аспект, сопственичката структура за земјиштето, потоа дали ова е навистина последната локација со ваков извонреден просторен и урбанистички потенцијал за вистински парк во градот, а секако дека имаше и реторички прашања од типот на тоа кој тоа таму нас нѐ организирал за вакво нешто и каква е заднината на сето ова. Поразителни, но не и неочекувани се таквите сомнежи на поединци, особено лошонамерните манипулативни обиди за наша дискредитација, но тоа само зборува за тажниот факт дека генерално тетовчани се до толку апатични и песимисти, што сега им е чудно што ете можело да се собере „здрава“ и млада група на ентузијасти кои искрено му мислат добро на градот, кои самите иницирааат и волонтерски се ангажираат околу ваква благородна и рационална идеја, без да имаат каква било заднина на сето тоа, без да се инструирани (и/или финансирани) од каков било центар на моќ. Во морето на таква безнадежност и отсуство на критична маса за какви било промени на подобро во Тетово, не е чудно што се јавија и такви изолирани „дискредитатори“ и дефетисти. Сепак, нѐ радува што станува збор за исклучоци, и генерално оваа одлична идеја е масовно препознаена како таква, и е прифатена и поддржана во градот.

Трибина 1_resize

Предлогот секојдневно добива поддршка на социјалните мрежи од мноштво на познати и признати индивидуи од градот од најразлични професии. Добиваме поддршка и од истакнати лица кои немаат тетовско потекло, но ја препознаа идејата и неопходноста широко да се поддржи. За да не испуштам никого од сите оние кои застануваат зад нас, нема да пишувам имиња, само би кажал дека се работи за уметници, спортисти, архитекти, филмски работници, лекари, музичари, професори итн. На социјалните мрежи сме присутни и со факти и занимливости кои ги пласираме во наш унифициран автентичен визуелен дизајн. Снимивме и објавивме и промотивно видео со дрон, за граѓаните да се „запознаат“ со локацијата и од таква птичја перспектива.

Трибина 3_resize

Успеваме да се „избориме“ за наше присуство и на традиционалните медиуми. Како иницијатива имавме гостувања во утрински емисии на националните телевизии МТВ, Сител и Телма, како и на Македонското радио. Присутни сме и на локалните медиуми. Поддршката од новинарите ни е нужна за наша поголема видливост во јавноста која ни е неопходна доколку воопшто сакаме да се доближиме до помислата дека Општината размислува за некаква реализација барем на дел од нашиот предлог. Во таа насока е и поддршката која ни ја дава уредништвото на Порта 3, обезбедувајќи ни простор за промоција. На истата линија би споменал и дека треба да излезе наш текст и во списанието Пресинг на Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Благодарност до сите споменати.

Трибина 4_resize

Поддршка добивме и од 50-тина лекари и здравствени работници од Тетово кои застанаа зад отворено писмо до јавноста во кое се потенцира дека создавање вистински парк во градот ќе придонесе многукратно кон подигнување на квалитетот на живеење на граѓаните, овозможувајќи простор за здрава социјализација на младите, простор за рекреативни и спортски активности и многу повеќе чист воздух. Од другите поголеми настани, организиравме визуелна изложба на детски цртежи и фотографии на тема „Бетон или парк?“ под менторство на тетовчаните Славчо Максимовски – академски сликар, и Глигор Кондовски – фотограф. Децата силно го чувствуваат недостатокот на парк во градот, што беше видливо и преку нивните дела.

Изложба 4_resize

Поддршка добиваме и од неформални групи како Не биди ѓубре, Го сакам Водно, платформата Види Вака кои изработија и одлична видеоприказна за иницијативата, потоа независните Шанса за Центар, а може да се смета дека прва политичка партија која отворено застана зад предлогот е ДОМ, преку дадената поддршка од страна на нејзиниот лидер и пратеничка во Собранието на РМ, г-ѓа Маја Морачанин.

Изложба 3_resize

И тетовските планинарски клубови здружено дадоа поддршка на предлогот преку заедничко отворено писмо до јавноста, во кое истакнаа дека иницијативата „Тетово сака парк“ се бори за јавниот интерес на начин на кој во градот одамна не е направен, а најавија и поддршка во други форми. Предлогот беше поздравен и од ЖФК Љуботен. Очекуваме поддршката во наредниот период само да расте. Добредојдени се сите поединци, формални и неформални групи и организации да застанат зад оваа иницијатива за парк. Таква сериозна широка поддршка ни е потребна како темел за наредната фаза од оваа кампања, во која планираме да ги конкретизираме нашите активности, најпрво со отворено писмо до советниците, барање за средби со нив, а потоа на ред за прозивање ќе дојде и градоначалникот на Тетово.

Жена-борец 1_resize

За крај, би дополнил со интересна занимливост околу дизајнот на нашето лого. Главна тематика е споменикот „Победа“ од 1961 г., или во Тетово познат како Споменикот на жената борец, дело на првата вајарка во Македонија, тетовчанката Борка Аврамова. Споменикот и борбата која тој ја претставува ни служи како мотив и инспирација за нашата борба. На тој начин сакаме да ја симболизираме нашата истрајност и одлучност. На Тетово доста му беше дефетизам, дигање раменици и повлекување пред апетитите на приватниот капитал. Јавниот интерес мора да се рехабилитира.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

(Граде е со „градски„ – Тетово сака парк!)

Жена-борец 2_resize

Постер 3_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top