Насловна / Вести / Не можеме да се согласиме со распродавање на целиот преостанат слободен простор

Не можеме да се согласиме со распродавање на целиот преостанат слободен простор

Еден од основните темелни вредности на кои почива Уставот на Република Северна Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина, но за жал последниве две децении реалноста е далеку од тоа. Живеењето во главниот град – кој некој сака да го нарекува метропола станува неподнослив, квалитетот на живот станува мисловна именка и со оглед на тоа што скоро ништо не се прави во поглед на подобрување на состојбата излегува дека полека нашите стандарди на нормално и хумано живеење се сè пониски и се навикнуваме да преживуваме меѓу бетонот. Знам дека со слични проблеми се соочуваат и наши сограѓани во Охрид, Битола, Тетово и во други градови, но ќе се задржам на тоа што се случува во Скопје зашто целиот мој живот и активизам се врзува за населбите од Скопје. Поточно за Карпош населбата каде живеам, каде почна мојот активизам и каде еве неколку месеци сум советник во Советот на Општината застапувајќи ги интересите на граѓаните на оваа општина.

275724866_104216968893566_5338344406574977579_n_resize

Сета онаа промена што му се случуваше на Скопје, ширењето на бетонот како вирус прво во населбите блиску до Центарот, потoа менувајќи дел по дел од она што значи наше најблиско опкружување беше доволен аларм да се вклучам со група жители од Карпош 4 во активности да   спречиме носење Детален урбанистички план за нашата четврт кој поминал јавна анкета во екот на летните одмори. И тоа беше во суштината основниот проблем кој се случуваше постојано, промени во планови, доколку има законски пречки промени во закон, согласно закон објавен, но не суштински да се информира, туку колку да се испочитува процедурата и најчесто граѓаните стануваа свесни дека нешто ќе се гради кога ќе се појави градилиште пред нивните врати, а тогаш е веќе доцна.  Освен тоа како се читаат ДУП-ови мораше да научиме  и процедури за тоа како оди целиот процес, учевме како да реагираме, која институција за што е надлежна, почесто ненадлежна, учејќи од правни совети почнуваш да сфаќаш колку целиот систем е нефункционален кога треба да се одбрани јавниот интерес, но суперфункционален и ефикасен во полза на приватните инвестиции затоа што тие носат пари во општинската каса, притоа заборавајќи на даноците кои постојаните жители со години ги уплаќаат во таа иста каса, и заборавајќи на сите проблеми и потреби што тие нови градби ги создаваат.

Karpos_resize

Борбата и отпорот да се зачува јавниот простор не можеше да прекине, се фокусираш на еден проблем се појавуваат два нови, се надеваш дека со промени на власта ќе биде поинаку, нели маршираа со нас против згради, за паркови, но потоа гледаш дека ништо не се менува и повторно тоа е заради системот кој тие, едните или другите, 30 години го создавале и надградувале. Од тие причини на последните локални избори решивме да се вклучиме како група граѓани и тоа што го правевме со години да го продолжиме во самиот систем, да пробаме да направиме промени таму каде ќе имаме повеќе влијание. Иако не сме многу, само две независни советнички, сепак со целото искуство што го имаме сметаме дека почнувајќи од поголема и суштинска транспарентност – седници кои ќе се одвиваат во живо ќе успееме со навремено алармирање на жителите во однос на тоа што се случува, посебно при носење и спремање урбанистички планови и сите други промени што влијаат на нивната околина. Целта е да бидеме нивниот глас да ги смениме работите и начинот на кој досега се работело.

На почетокот на нашиот мандат на иницијатива на градоначалникот се остварија две работни средби на сите советници со планерите од повеќе планерски куќи кои работат детални урбанистички планови на територија на Карпош. На тие средби ни беа презентирани 38 ДУП-а кои се во одредени фази, некои во почетна само со планска програма, додека некои скоро готови, но не стигнале во фаза да се стават пред Совет. Средбите беа корисни и иако побаравме, но не ги добивме работните материјали, сепак успеавме да се информираме и да сфатиме дека во претстојниот период ќе бидеме соочени со носење многу ДУП-ови.

SINTEZEN (2)

ДУП ЗА ГРАДСКА ЧЕТВРТ 3 09

Тоа и се случи, веднаш на почетокот на годинава, на четвртата седница беше ставен како предлог – ДУП за Градска четврт 3 09 (опфат меѓу булевар „Партизански одреди“, улица „Франклин Рузвелт“, булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и булевар „8 Септември“), Општина Карпош -Скопје кој беше претходно донесен во 2017 година. Укинат од страна на Уставен суд на 30.7.2020, но предлог-ДУП-от кој требаше да се гласа е потполно истиот со тој донесен во 2017 година, службите во Општината се повикуваат само на став 3 од член 23 – (З) Ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине врз основа на пропуст во постапката за донесување, донесувачот на планот може да го донесе истиот план со постапка што ќе се состои само од спроведување на делот од постапката за кој се однесува пропустот и истиот бил основ за укинувањето. Но го занемаруваат следниот став 4 од истиот закон кој вели: (4) Доколку при спроведувањето на постапката од ставот (3) од овој член произлезат и неопходни измени во планското решение, тогаш донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за донесување нов урбанистички план по постапка од членот 21 од овој закон. Ако се земе предвид дека  ДУП З 09 е работен според застарена планска документација 2014 – 2019, во него не се вцртани постојните објекти изградени во меѓувреме. Работен е по стар правилник, а во меѓувреме е донесен нов правилник за урбанистичко планирање,  не е применет и Законот за урбано зеленило донесен во 2018, а кој мора да се применува во постапките за ДУП-ови носени по Закон за урбанистичко планирање (член 13 став 3, член 18 став 4, член 24  и др) – според кој се предлага да се донесе со одлуката која треба да ја гласаме. Со ваков предлог се ставаме во апсурдна ситуација, затоа што се вади од контекс и се гледа изолириано само еден став од еден член од Законот за урбанистичко планирање, а сè друго се игнорира. На самата седница се подвлече оваа точка, дали нашите аргументи влијаеја или беше до немање технички можности да се презентира, останува да видиме понатаму како ќе се одвиваат работите, ние би сакале неговото носење да биде согласно законот и со обезбедено мислење на соодветни институции, доколку сметаат дека процедурата е во ред.

ДУП ЗА ГРАДСКА ЧЕТВРТ З 04

Понатака на ред беше ДУП за Градска четврт З 04, Блок 05, Општина Карпош, Скопје, поточно делот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Тој требаше да биде поставен како вонредна точка на петтата седница, а беше донесен од втор обид кога таа седница не се одржа, како единствена точка на итна вонредна петта седница. Начинот на кој се иницираше носењето на  овој план беше крајно сомнително и под притисок, и од тие причини ние не учествувавме во неговото носење, а нашиот став искажан и на комисија и претходно на косултативни средби – беше против. Сметаме дека ДУП-овите првенствено треба да се носат поради содржини од интерес на жителите на Општината, бензинска пумпа во него – не е интерес на жителите затоа што ги има премногу, и затоа што е во подрачје на трета заштитна зона на Бунарскиот систем Нерези-Лепенец од кој со вода се снабдува градот во период на летните месеци.  Друга измена беше додавање сервисна улица за која веќе постоеше големо противење на социјалните мрежи. Сепак ДУП-от се изгласа спротивно на интересите на жителите, под притисок дека доколку не се изгласа Општината ќе се соочи со последици од можна добиена тужба заради изгубена добивка за неизградена бензинска пумпа. Така остана непријатно чувство дека ние како Совет (иако конкретно ние независните советнички не гласавме) донесовме ДУП во интерес на приватен капитал. Најпоразувачки во целиов случај е што освен усни кажувања не добивме ниту еден валиден документ или информација за постоење таков случај со подетални информации, иако цел месец баравме. Нејасно и сомнително беше како се прејудицираше пресудата каква ќе биде и посебно бевме револтирани што овозможија како советници да бидеме изложени на притисок и закани, дека доколку не гласаме т.е. „соработуваме“ ќе бидеме кривично гонети од страна на државен правобранител вклучен во конкретниот случај. Информација како се завршил случајот, повторно не е споделена, па моравме да ја побараме како советничко прашање.

SZ-19-_-Sintezen-plan-1_resize

ПЛАНСКИ ПЕРИОД 2018 – 2023

Во моментов на огласната табла на Општината и на веб-страницата има информации за неколку ДУП-ови: Детален урбанистички план за Градска четврт ЦС 15 – Криви Дол, Блок 8; Детален урбанистички план за Градска четврт Ј03, Блок 01, ДУП Ј03 Блок 02 и Ј03 Блок 04 и Предлог-детален урбанистички план за Градска четврт СЗ19, меѓу булевар „Партизански одреди“, улица „Ацо Шопов“, улица „Војвода Васил Чакаларов (Циборовски)“ и река Вардар, Општина Карпош, плански период 2018 – 2023 година. За последниот Јавната анкета се одржа на 11.3.2022, на која како советници бевме оневозможени да присуствуваме затоа што во истиот термин имавме закажано седница на Совет. Самиот предлог-ДУП кој се носи е и поради тоа што претходниот е укинат од страна на Уставен суд во 2018 година, но има и дополнителни промени во однос на укинатиот. Целта со која ние како активисти ги покренавме иницијативите за поништување на овој и на другите планови беше да се даде можност направените грешки да се поправат и тука не мислам само на пропустите во процедурата, туку на сите оние грешки со исцртани непотребни станбени згради, непредвидени паркови и други јавни површини.

275444678_103105795671350_3270357448703366643_n_resize

За среќа локалните граѓани од Влае веќе добро се организирале и ги анализирале промените, информирајќи преку ФБ-групата „Борба за Влае“. Тука морам да ги демантирам обвинувања на градоначалникот Стевчо Јакимовски дека зад таа група стоиме ние, независната група на советнички, колку и да е тоа комплимент за нас, сепак не сакаме да се китиме со туѓи заслуги и активности. Среќни сме што се појавуваат групи од локални жители за спас на своето маало и сè повеќе жители се свесни кога и како треба да реагираат, ние ја поддржуваме нивната иницијатива зашто во целост се поклопува со нашите заложби. Некои промени кои тие ги наведуваат се следниве: Објектите на Кино Влае се преселуваат до зеленилото на булевар „Партизански одреди“, дел од новата парцела опфаќа и државно земјиште, дрвјата ќе се сечат за да се „исправи“ улицата „Есперанто“ меѓу училиштето и новите објекти кои ќе бидат згради, некои со еден или два ката, некои со четири ката, па сè до осумкатница. Едно игралиште кон кејот кое е од отворен тип предвидено е како затворен спортски центар, друго инклузивно игралиште со можност да стане црква. Празен државен простор спроти КАМ на граница со Хром предвиден за четирикатница. Сите зеленила меѓу Порта Влае и паркингот пред зградите стануваат монтажни/катни паркиралишта. Буквално секоја можна површина се гледа како можност за екстра финансии, без да се предвиди колку финансиски трошоци сите тие нови жители навистина ќе предизвикаат, почнувајќи од инфраструктурни капацитети до квалитет на живеење. Секогаш аргументите се дека така е испланирано или во ГУП или во регулацискиот план, но зошто не се почекаат и податоците од Пописот, да видиме реално колку жители има во таа четврт? Да не ги занемаруваме и жителите од тие фамозни линиски центри кои според дефиницијата за линиски центри тие не влегуваат во вкупните параметри и затоа ни се случува пренатрупаност зашто реално тие жители ги користат ресурсите на таа четврт. Едни од нашите најсуштински барања што ги упатуваме до новата градска власт се тргање на текстуалниот дел од постојниот ГУП и бришење од новиот ГУП кој е во изработка. До кога ќе се планира без притоа да се води сметка за останатите ресурси кои под закана на претстојни климатски промени и тоа како се важни при планирање хуман и функционален простор.

275441622_103106005671329_903088745855440201_n_resize

Скопје нема целосен стандардизиран систем за управување со отпад, иако има студии, иако имаме една депонија која нецелосно исполнува услови за да добие А-интегрирана дозвола. Претоварни стандардизирани станици за отпад немаме, пречистителна станица за отпадни води – нема, се најавува нејзина изградба неколку години, дел колку што ми е мене познато е во застој поради судски спор, а и таа е со капацитет до 500 илјади жители, многу помалку од она што го има Скопје според последните познати податоци. Колку жители во моментов, реално има градот? Како може сè уште да планираме слободни станбени простори за нови жители, а притоа и да се задоволат стандардите за просек на м2 зеленило по жител или стандардите на Светската здравствена организација за паркови на 5 минути од местото на живеење, како услови за здрав и ментален развој. Според податоците кои ги имаме Карпош од 2010 до 2020 има пораст од само 653 жители, а во овој период издадени се дозволи за градење за 5.913 стана = 418.644 квадратни метри, од кои завршени се 5.610. Има станови како цел град  да се пресели во Карпош и се продолжува и понатаму со градење.

НЕМА ОВЛАСТЕН ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОР

Друга недозволива ситуација со која се соочува Општина Карпош е што од јули 2019 нема свој овластен градежен инспектор со лиценца. Во периодот од јули 2019 до крајот на октомври 2021, Општината дели со Општина Аеродром еден инспектор за пола работно време. Од тој период досега Општината е веќе цели пет месеци без лиценциран градежен инспектор и градоначалникот планира така да остане до јуни годинава, кога вработен во Општината, градежен инспектор под менторство, ќе се стекне со услови да добие лиценца. Ваквата состојба во нашата општина е крајно неприфатлива, имајќи превид дека сме општина каде постојано се гради и каде има дивоградби. Решение има и бараме да се спроведе согласно законот, затоа баравме од градоначалникот Јакимовски итно да достави предлог до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за вршење на работите на инспекциски надзор во Општината, согласно Законот за градење, но тоа не е сторено, заради тоа побаравме од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да констатираат дека Општината нема овластен градежен инспектор со лиценца и да достават предлог до министерот за транспорт и врски Благој Бочварски за добивање овластување за вршење на работите од надлежност на овластен градежен инспектор во Општината, а министерот да им даде овластување.

Свесни сме и за финансиската ситуација во која се наоѓа во моментов Општината, но не можеме да се согласиме дека единствениот излез од таа ситуација е со распродавање на целиот преостанат слободен простор и градење, зашто тоа е само привремено купување време до следен мандат, а носи многу повеќе проблеми. Нашата цел е колку што можеме да го спречиме тоа. Градење и развој – да, но базирано на реалните потреби на жителите и можности на просторот и притоа планирано и проектирано на начин за пред сè хуман и квалитетен живот. Зазеленување на секој слободен простор, одржување на постоечкото зеленило со посебен акцент на старите развиени дрвја. Заштита на Водно посебно во делот на Карпош, зелениот коридор по течението на Серава и Лепенец до вливот на Вардар треба што побрзо од студија да стане реалност, кејот на Вардар да биде слободна рекреативна зона и проширување на Градскиот парк во што поголем дел на потегот покрај Вардар во делот на Карпош 3 и Карпош 4. Општина Карпош има огромен потенцијал и сите ние советници и жители треба да делуваме во насока да го зачуваме тоа што го имаме и да создадеме тоа што ни недостасува за пристоен и квалитен живот.

Автор: Невена ГЕОРГИЕВСКА

(Независни За Карпош – За Заштита На Карпош)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top