Насловна / Арт и дизајн / Сликарот открива зошто портретот на кралот Чарлс е толку црвен

Сликарот открива зошто портретот на кралот Чарлс е толку црвен

Уметникот Џонатан Јео, најпознат по портретот на кралот Чарлс, вели дека уживал во мимовите на интернет што ги поттикна неговата слика на монархот. Сликарот открива дека неговата намера била да го одвлече вниманието од униформата на кралот со интензивни нијанси.

Сликата на Џонатан Јео, која монархот ја откри во Бакингемската палата минатата недела, го прикажува кралот во униформа на велшката гарда на црвена позадина. Необичниот портрет предизвика поделени мислења меѓу обожавателите на кралот и корисниците на социјалните мрежи. Некои велат дека големите делови на црвена им предизвикуваат „нелагода“ и ги натерале да се чувствуваат како монархот да е „во пеколот“.

Јео вели дека рано ги „преболел“ реакциите и дека интернет мимовите што ги предизвикал портретот го забавувале.

Како што истакнува уметникот, што и да прави авторот со сликата, колку и да мисли дека приказната што ја раскажува е очигледна, некој ќе вчита нешто сосема друго во неа.

Што се однесува до причината за толку многу црвена боја на портретот на кралот, 53-годишниот сликар објасни дека сакал да го одвлече вниманието од униформата на кралот со интензивни бои.

„Мислев дека црвената навистина ќе го одвлекува вниманието. Можеби имаше и психолошка позадина затоа што имав срцев удар (во март 2023 година) кога ова ja сликав. Но, не бев свесен за тоа – тоа беше само: ми се допаѓа оваа боја“, изјави Јео.

Тој откри дека прилично се намачил сликајќи ги медалите и униформата на кралот: „Потрошив повеќе време на медалите отколку на лицето бидејќи знаев што сакам да правам со лицето кога почнав. Колку повеќе ги сликав медалите, стануваа се позабележителни бидејќи беа толку сјајни. Не сакав тоа да биде во фокусот, но тие мораа да бидат тука некаде“.

Новата слика е со димензии 260 на 200 сантиметри и е нарачана во 2020 година по повод прославата 50 години на тогашниот принц од Велс како член на организацијата „The Worshipful Company of Drapers“.

Јео се сретнал со кралот четири пати – во јуни 2021 година во Хајгроув, а подоцна и во резиденцијата Кларенс хаус. Последната средба била во ноември 2023 година во Кларенс хаус.

Портретот ќе биде изложен еден месец во Галеријата Филип Молд во Лондон, од 16 мај до 14 јуни. Влезот е бесплатен.

Испрати коментар

Scroll To Top