Насловна / Арт и дизајн / Седум слики на Пикасо кои никого не оставаат рамнодушен

Седум слики на Пикасо кои никого не оставаат рамнодушен

Тешко е да се замислат достигнувањата на визуелната уметност на 20. век без Пабло Руиз Пикасо (Малага, 25 октомври 1881 – Мужен, 8 април 1973) како една од централните фигури. Со своите впечатливи форми и карактеристични агли на сликање, овој шпански уметник опфатил речиси сè, од ужасите на војната, па до неограничените можности во изразувањето на човечката форма.

pp

Во текот на својот долг живот, Пикасо насликал околу 13.500 слики и направил близу 100.000 графики и гравури.

Сепак, дури и во ваков обемен уметнички опус, поедини дела се издвојуваат по своите специфичности. Во годината кога цел свет ја одбележува 50-годишнината од смртта на прочуениот шпански уметник да се потсетиме на седум слики на Пикасо кои никого не оставаат рамнодушен.

„Стариот гитарист“

1

Сликата која се чува во Институтот за уметност во Чикаго, создадена во текот на 1903-04 година, една е од најтажните композиции во целата историја на сликарството. Фигурата на испиен музичар, со прекрстени нозе, изгледа измачена додека се наведнува над својата гитара.

Создадена во техника масло на платно, сликата припаѓа на таканаречената „сина фаза“ на Пикасо, именувана по техниката на уметникот да користи само нијанси на сино, со цел подобро да ги прикаже темите на човечката сиромаштија и страдање.

Институтот во Чикаго е првиот американски музеј кој вклучил слика на Пикасо во својата стална поставка, а токму тоа се случило со „Стариот гитарист“ по аквизицијата на оваа слика во 1926. година.

„Момчето со лула“

2

Насликана во 1905. година, оваа слика, која е дел од приватна колекција, ја отсликува далеку поживописната „розова фаза“ на Пикасо. Така, додека портретот на момчето е насликан со техника масло на платно во сина облека, во позадината на композицијата доминираат окер и розови нијанси. Иако сликата не зрачи со претерано среќна атмосфера, исполнета е со многу цвеќиња, како во позадината на фигурата на момчето, така и на неговата глава, во форма на цветен венец.

Шпанецот ја насликал оваа слика набрзо по преселбада во уметничката четврт на Париз – Монмартр, што тогаш предизвикало воодушевување кај неговите француски колеги Дега и Тулуз-Лотрек.

Иако ликовната критика не го класифицираа „Момче со лула“ како едно од најдобрите дела на Пикасо, во текот на 2004. година, а по продажбата за тоа време, рекордни 104 милиони долари, оваа слика стана едно од најпознатите дела на уметникот.

„Гертруда Стајн“

3

Портрет на Гертруда Стајн од 1905-06. година претставува дело кое хронолошки припаѓа на крајот на розовата фаза на Пикасо.

Пикасо и американската писателка Стајн станале пријатели набргу откако сликарот се преселил во Париз. Прочуена по своите неделни салони каде што била домаќин на луѓе од различни сфери на општеството, Стајн уживала влијание што го надминувало книжевниот свет. Покрај тоа, писателката била и страстен колекционер на уметнички дела, а припадност во нејзиниот кружок претставувало отскочна даска за понатамошниот развој на кариерата на сликарот.

И додека портретот по својот карактер не е кубистички, експертите сепак во него гледаат навестувања на кубизам и тоа првенствено во начинот на кој се нацртани контурите на телото на Стајн. Исто така, куриозитет претставува и лицето на Стајн, кое на одреден начин се издвојува од останатиот дел од портретот. Причината за ова е накнадното навраќање на Пикасо на овој портрет, кој првично го оставил недовршен, а дури потоа го завршил.

Во 1946. година, Гетруда Стајн го оставила овој портрет во наследство на Метрополитен музејот во Њујорк, каде што сликата се наоѓа и денес.

„Госпоѓиците од Авињон“

4 (1)

Создадена во 1907. година, оваа слика речиси десет години чекала на јавно прикажување во 1916. година, со кое го шокирала целиот уметнички свет. Тргнувајќи од својата тема, насликани жени од бордел, преку раниот кубистички стил кој се карактеризира со искривените фигури на женските тела и нивните очи кои речиси се среќаваат со погледот на гледачот, ефектот што ова дело го предизвикал бил без преседан за дотогашната уметничката сцена.

Современикот и колега на Пикасо, Анри Матис, бил разлутен од појавата на оваа слика и ја сметал за навреда на модерната уметност. Меѓутоа, и покрај бесот што го предизвикала, или можеби токму благодарение на тоа, „Госпоѓиците од Авињон“ станале едно од најпознатите и најпрепознатливите дела на Пикасо. Иако името на делото, кое денес се чува во Музејот на модерна уметност во Њујорк, се однесува на градот Авињон во Франција, сликарот сепак својата инспирација ја нашол во населба во Барселона, која во тоа време била позната како собиралиште на проститутки.

„Девојка пред огледало“

5

Ако за некое дело може да се каже дека е типично „пикасовско“, тогаш тоа е „Девојка пред огледало“ од 1932. година, со своите живи бои, еротски здив и заводливите форми кои кубизмот го претвораат во екстрем. Затоа не е ни чудо што и самиот Пикасо ова свое дело го издвојувал во однос на другите.

Сликата, која ја комплетира колекцијата на делата на Пикасо во Музејот на модерна уметност во Њујорк, во основа претставува студија на темата – што всушност гледа поединецот кога ќе се загледа во себе. Жената, која држи огледало на левата страна од композицијата, е насликана во посветол и пожив колорит од нејзиниот одраз во огледалото, кој е многу помрачен и кој делува дури и дека плаче.

„Герника“

6

Делото од 1937. година, кое денес го краси музејот на Кралицата Софија во Мадрид, не само што е најпознатото дело на Пикасо, туку и едно од најпознатите дела во историјата на уметноста.

Сместено во контекст на Шпанската граѓанска војна, ова дело го прикажува бомбардирањето на баскискиот град Герника во текот на април 1937. година и воедно претставува и застрашувачко предскажување на ужасите што ќе ги донесе претстојната Втора светска војна.

Пригушените сиви тонови дополнително ги нагласуваат облиците на човечките фигури со чувство на агонија предизвикано од неприродно издолжени раце, додека целата композиција зрачи со документарен стил како црно-бела фотографија.

Благодарение на темата и времето кога е создадена, „Герника“ стана една од најпрепознатливите антивоени слики во историјата на сликарството.

Иако денес дел од поставката на музејот во матичната Шпанија, „Герника“ за време на диктатурата на Франко, со децении била изложена во Музејот на модерна уметност во Њујорк. Конечно е вратена во Шпанија во 1981. година.

„Жена што плаче“

7

Користејќи филмскиот вокабулар, може да се каже дека „Жената што плаче“ од 1937. година претставува своевидно продолжение на „Герника“.

И додека „Герника“ го прикажува погромот во моментот кога се случуваат страдањата, „Жената што плаче“ ги истражува емоционалните последици од војната, од гледна точка на една од жените прикажани во „Герника“.

Иако Пикасо насликал серија портрети на расплакани жени кои се чуваат во различни галерии, ова масло на платно што ја краси галеријата Тејт во Лондон со својата аголна композиција во бои на црвена, зелена, бела, жолта, сина и светло виолетова претставува кулминација на неговите напори на полето на сликање на ужасите што ги трпи поединецот, фатен во вителот на светските настани.

Како модел за „Жена што плаче“, Пикасо ја користел својата животна сопатничка Дора Мар, фотограф и уметница која фотографски ја документирала неговата работа на „Герника“.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top