Насловна / Вести / Ресторан во Црна Гора поради кој веднаш ќе побарате годишен одмор

Ресторан во Црна Гора поради кој веднаш ќе побарате годишен одмор

Инспириран од естетиката на Медитеранот, ресторанот Агапе во Порто Монтенегро, Тиват, нуди атмосфера на мир, светлина и суптилност, а нишите, природните текстури и светлината создаваат простор каде што секој оброк се претвора во доживување.

Ресторанот Агапе со површина од 173 квадратни метри е отворен во еден од најпрестижните црногорски туристички комплекси – простор кој комбинира медитеранска тишина, внимателно одбрани материјали и прецизност на дизајнот. Ентериерот е на Елсан Ќоровиќ, млад дизајнер на ентериери од Црна Гора, кој верува дека сè што ни се допаѓа или не ни се допаѓа може, свесно или потсвесно, да се изрази преку просторот.

„Дизајнот на ентериери го доживувам како универзален јазик на единствено битие“, вели Ќоровиќ, кој, покрај формалното образование од областа на дизајнот, завршил и студии по електротехника, што, како што истакнува, го обликувало неговиот аналитички пристап кон секој проект.

Инспирација во тишината и светлината на Медитеранот

Концептот на ресторанот Агапе произлезгол од љубовта кон Медитеранот – неговите бои, текстури, тишина, но и историја, култура и кулинарство. „Фокусот беше на создавање на аура на Медитеранот и воспоставување целосна хармонија – без притисок, каде што тишината е подеднакво важна како и говорот“, објаснува авторот.

Самото име на ресторанот носи силна симболика: Агапе (грчки: ἀγάπη) значи безусловна, божествена љубов. Оваа идеја станала основа на естетската и просторната нарација.

Просторна организација подредена на искуството

Иако затекнатата просторна конфигурација била предизвикувачка, Ќоровиќ со внимателно планирање успеал да постигне рамнотежа помеѓу протокот, функционалноста и атмосферата. Ентериерот е организиран во неколку зони: примарна и секундарна сала, шанк, кујна, тоалети и технички простории.

Примарната сала, со површина од 80 квадратни метри, проектирана е како динамичен простор со можност за флексибилен распоред на маси. Секундарната сала, со поглед на марината, нуди поголема интимност, а содржи и таканаречена ВИП маса за поголеми групи. Секој дел од просторот е поврзан со главен коридор кој дискретно ги води корисниците помеѓу функционалните единици.

Текстури што евоцираат југ

Материјалите се внимателно избрани за да го евоцираат медитеранскиот пејзаж – доминираат керамички плочки во текстура од кршен камен, масивен даб и јасен, ленени тапети, релјефни ѕидови и декоративни техники.

„Фокусот беше ставен на природни и композитни материјали кои евоцираат автентични текстури“, објаснува авторот. Посебно внимание е посветено и на еколошките техники за заштита на површините, со цел да се обезбеди долготрајност без нарушување на природниот изглед.

Светло што зрачи и привлекува

За Ќоровиќ, осветлувањето е најважниот елемент на ентериерот. „Светлината е магијата на просторот. Без неа, просторот не постои“, го цитира архитектот Луис Кан, додавајќи дека целта била да се создаде амбиент што пулсира како летна вечер – нежен, топол и ненаметлив.

Амбиенталното LED осветлување и декоративните бохо лустери изработени од плетен материјал создаваат меки сенки слични на зраците на утринското сонце низ капаците. Ѕидните ниши дополнително ја засилуваат атмосферата, а високите стаклени површини пропуштаат доволно природна светлина за секоја дневна сцена да изгледа поинаку.

Акустиката како невидлив сојузник

Поради високите тавани и големиот волумен, акустиката била предизвик, особено затоа што не биле дозволени интервенции како што се висечки елементи од ткаенина. Решението е пронајдено во комбинацијата од Азмафон плочи, минерална волна и Кнауф акустични ленти во спуштените тавани, додека теписите, ленените тапети и зелената декорација дополнително го ублажиле ехото.

Естетика и функција без компромиси

Преку внимателно зонирање и дијалог со клиентот, Ќоровиќ успеал да ги усогласи техничките и естетските барања. „Ниедно решение не беше исклучиво визуелно или техничко – сите дизајнерски елементи беа развиени во контекст на вистинската употреба на просторот“, вели Ќоровиќ.

Посебен акцент е ставен на удобноста на корисниците, ергономијата на движењето на персоналот, квалитетот на осветлувањето и акустиката, сè за да се направи просторот и убав и функционален.

Симболично срце на просторот

Како највпечатлив детаљ од ентериерот, Ќоровиќ ја издвојува ѕидната композиција на нишите во секундарната сала. Овој „Инстаграм агол“, како што го опишува, во средиштето има огледало со флуидна форма кое потсетува на срце – уште еден омаж на љубовта од името на ресторанот.

„Сметам дека секој ентериер мора да има уникатен детаљ за да се смета за дизајнерски потпис“, додава авторот.

Повеќе од ресторан

Во ентериерот на ресторанот Агапе, секој ѕид, текстура и сенка носи печат на промисленост, но и емоции. Тоа не е само место за јадење, туку простор каде што времето се забавува, погледот се задржува, а искуството се памети. Оној вид на простор поради кој веднаш посакувате да земете слободен ден – и да го продолжите викендот.

Испрати коментар

Scroll To Top