Напуштените докови во Ротердам наскоро ќе добијат нова функција – и тоа не било каква. Наместо бетон и бариери, данското студио MAST и холандската градежна фирма BIK Bouw предложиле пловечка населба која не само што го решава проблемот со домувањето, туку и ја прочистува водата, го поттикнува биодиверзитетот и го враќа градот во контакт со реката.

Станува збор за најголем пловечки станбен комплекс во Европа, проектиран од модуларни единици изградени од вкрстено ламинирано дрво (CLT), кои се изработуваат вон локацијата и се поставуваат директно на водата. Но, она што го издвојува овој проект не е само неговата иновативна конструкција – туку и фактот дека околу него ќе се формираат растителни формации кои функционираат како природни биофилтри, чистејќи ја реката и создавајќи ново живеалиште за птици, риби и воден свет.

Најголем пловечки станбен комплекс во Европа
Предложениот проект вклучува над 100 станови, комерцијални простори и јавни површини, како и рекреативно пристаниште во близина на центарот на градот, и е создаден како одговор на MAST на станбената криза во Холандија, нудејќи модуларно, прилагодливо решение за изградба на широк спектар на објекти на вода.

Планирано е населбата да се состои од серија меѓусебно поврзани модуларни блокови, а кога ќе биде завршена, ќе биде најголемиот пловечки станбен комплекс во Европа, според основачот на MAST, Маршал Блечер.
„Проектот има за цел да покаже како пловечката архитектура може да биде одржлива и скалабилна алтернатива на конвенционалното домување – пристап што ја гледа водата како дел од секојдневниот живот во градот“, рече тој.

Исто така, проектот има за цел да го подобри квалитетот на водата, да ја поддржи биолошката разновидност и да го поттикне движењето на луѓето со велосипед и брод. Додека многу градови градат високи насипи и бариери, овој проект нуди поинаков пристап, односно да се врати секојдневната поврзаност со водата.
Визуелизациите прикажуваат модуларни блокови со правоаголни отвори, заеднички кровни тераси и уредени шеталишта, а мрежа од мостови го поврзува брегот со населбата, до која е пристапно со велосипед и чамец.

Планирано е проектот да се спроведе со употреба на вкрстено ламинирано дрво (CLT), вон градилиштето, а потоа да се премести на локацијата. Со оглед на тоа што бјектите се модуларни, постои можност за нивно расклопување и повторно поставување на некоја друга локација.
Одржлива алтернатива на класичното домување
Во соработка со инженерската фирма Biomatrix, околу локацијата ќе бидат засадени 900 квадратни метри пловечки трски. Овие растителни формации апсорбираат загадувачи и вишок нутриниенти, со што се прочистува водата и се овозможува безбедно капење.

Корените на растенијата дејствуваат како природни биофилтри, зголемувајќи ја количината на кислород во водата и намалувајќи го цветањето на алгите. Трските обезбедуваат живеалиште за морски и птици преселници, риби, алги и други водни организми.
После се, можеме да заклучиме дека студиото MAST со овој проект не само што предлага одржлива алтернатива на класичното домување, туку и покажува како градовите можат повторно да воспостават хармоничен однос со водните површини.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија