Насловна / Архитектура / Растечките куќи на Скопје

Растечките куќи на Скопје

Во Музејот на современа уметност, на 13 март 2018 година, изложбата „PRE/FABRIC, Растечките куќи на Скопје“ ја отвори Министерот за култура. Се обратија и амбасадорите на Австрија Г-ѓа Рената Коблер и на Мексико (во Србија) Г-дин Марко Антонио Гарциа Бланко, како и проф. Елке Красни од Виена.

4H5A9608

За целиот проект зборуваше и го образложи архитект Даница Павловска Циги.  Претставена беше од директорката на МСУ како урбан аналитичар и просторен планер често ангажиран како консултант, обучувач, експерт. Во продолжение Ви го презентираме излагањето на Павловска упатено на пријателите на архитектурата и на градот Скопје дојдени да празнуваат една завршена студија преточена во книга и преставена низ интересни експонати и инсталации како изложба:

02

„Чест ми е што сум дел од овој проект и навистина ми е мило што соработувам со овие двајца млади автори (Милан Мијалковиќ и Катерина Урбанек  од Виена). Но пред се овој проект го чувствувам како показ на почит и морален долг кон светот и неговата хуманост за Скопје во постземјотресниот период . Тоа се времиња за паметење и момент кога двете супер сили во време на студена војна беа во исто време и на исто место во хумана мисија. Тоа беше/стана возвишен момент на интернацинализмот, па оттаму и изборот на темата на проектот со што тој добива висок културен и вредносен стандард.

4H5A9593

Значи, пред нас имаме проект со необичен пристап, уникатен аспект, свеж наратив, а целиот оддишува со животна радост

на еден град , радост произлезена  од создавање, творење, креирање во континуитет.

Современото Скопје е дијалектичко – претставува своја теза и антитеза. Неговиот урбан пејсаж е дифузен. Во текот на историјата, различни концепти оставиле траги врз градот, правејќи го мал и интензивен конгломерат на различни идеологии, па не постои хомогена структура на градот.

Еден таков доживеан и одживеан е и концептот на солидарност кој донесе  во еден налет со херојски подвиг по земјотресот (14000) илјадници станбени единици – монтажни куќи/бараки, инсталирани во (17) нови населби. Така се создаде новата текстура на градот.

4H5A9592

Проектот на овие два млади автори, методолошки, со фрагментација, ја разгледува историјата на градот со одбир на шест куќи и нивните приказни. Преку начинот на кој ги користеле објектите низ годините и оптимално ја приспособиле нивната структура на личните потреби. Жителите на реконструираниот град се тие кои ја потврдуваат оптимистичната верба во модернизмот.

4H5A9559

Документирањето и анализата на новите сознанија за континуирани растечки урбани линии и пејзажи, создавани низ најразлични интервенции, проширувања, доградби, надградби е студија изготвувана околу две години. Настанатите населби го заменуваат нашиот феномен – маало. Соседите се сплотувааат како сите да имаат ист ДНК, како да се едно семејство, споделуваат се и сешто. Се пие секојдневно ритуално заедничко кафе, се подаваат тацни со колачи за болниот, се оди или се враќа заедно до центар, а улицата станува место за идентификација и поистоветување. Тука се улиците „Мексичка“, „Дрезденска“, „Осло“, со сета своја симпатична знаковност. А некаде стоеше и табла со натпис Don du Governemenet francai, наслов за препознавање на возвишен гест на подарување. Внатре, внатре на ниво на единка-куќа-барака, индивидуално се негува секој поединечен различен свој свет за себе – микрокосмос. Се создаваат многу приказни како изложените шест. Судбините на луѓето се преплетуваат со судбините на куќите, тие  заедно растат. Е така просторот живее или поточно сушстествува.

4H5A9589

Ова истражување се нарекува академски активизам и претставува продор во автономијата и идентитетот на градот Скопје. Неспорно е дека истовремено со него се отвора вратата за вакви и слични теми. Императив на нашето време е да сме блиски со архитектурата а овие два млади автори со денешното дружење тоа ни го овозможиа. Голема благодарност.“

Даница ПАВЛОВСКА Циги, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top