Во Германија, пуштена е во работа пловечка соларна електрана со вертикално поставени панели. Компанијата Sinn Power, која е идеен творец на ова решение, тврди дека станува збор за првата поголема постројка од овој вид во светот. Сместена е на вештачкото езеро создадено со експлоатација на песок во округот Штарнберг во Баварија. Има капацитет од 1,87MWp.
Оваа технологија која Sinn Power ја нарекол SKipp, наменета е за вештачки водени површини со длабочина поголема од 1,6 метри. Пловечките соларни електрани на вештачките водени површини се исклучително значајни, бидејќи отвораат дополнителни можности за користење на соларната енергија, при што не зафаќаат земјиште. Патентираниот систем Skipp вовел вертикални соларни панели, а низовите се одвоени со коридори широки најмалку четири метри.

Компанијата истакнува дека ваквиот распоред овозможува стабилно производство на електрична енергија во текот на целиот ден и ја зголемува излезната моќност во утринските и вечерните часови, кога конвенционалните соларни системи проиведуваат помалку струја. Sinn Power истакнува дека пловечката електрана зазема само 4,65% од површината на езерото, што е значително под максимумот од 15%, кој го дозволува германскиот Закон за водни ресурси. Компанијата планира овој концепт да го примени и на отворени морски површини.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија