Насловна / Архитектура / Прогласена „најгрдата зграда во САД“ за 2025 година

Прогласена „најгрдата зграда во САД“ за 2025 година

Шведското (и паневропско) движење Архитектонско востание (АВ) неодамна воведе годишна награда што овој мај ќе биде доделена на најгрдата зграда во Соединетите Американски Држави.

Нивниот избор падна на Simmons Hall, зграда во рамките на Масачусетс Институт за Технологија (МИТ). Зградата ја доби не-ласкавата титула на победник на International Aesthetic Atrocity Awards што може да се преведе како „естетски ѕверства“.

Simmons Hall е проект на фирмата Steven Holl Architects. Од Архитектонското востание велат дека дебатата била „жестока“ и дека имало и многу други фаворити, но наградата за 2025 година е токму за оваа зграда.

Исто така, нововоспоставената награда, која е ласкава колку и „Златната малина“ во светот на кинематографијата, ќе се доделува еднаш годишно за „вонредни достигнувања во постојаното нагрдување на нашите градови“, велат од АВ.

Што е Simmons Hall?

Зградата е завршена во 2002 година, чинела 78,5 милиони долари во тоа време, служи како студентски дом, а била најскапиот студентски дом во кампусот на МИТ. Зградата е долга 116 метри и висока 10 ката и може да прими 334 студенти.

Освен што е корисна, ја издвоиле и нејзините карактеристики: всушност е еден голем блок од армиран бетон, во кој има „дупки“ – 5.500 квадратни прозорци, секој со д имензии 61 на 61 центиметар. Освен овие мали, тука се и неправилно распоредени поголеми прозорци со произволни големини и форми.

Просечната еднокреветна соба има девет мали прозорци, секој со своја мала завеса, а има и двокреветни соби. Тука се и салони со и без кујни. Собите се грубо распоредени во три кули. Simmons Hall има трпезарија и кафуле кое работи до доцна во ноќта.

Зградата има и некои езотерични содржини, како што е голем базен со разнобојни топчиња за разонода, простор за производство на електроника и столарска работилница, па помалку личи на зграда што би ја имал Google во своја сопственост доколку се занимава со електроника.

Отворите долж фасадата кореспондираат со влезовите, а зградата ја делат на неколку блокови со цел да внесат сончева светлина и воздух во просторот. Обложена е со алуминиумски панели, а има шарени прозорски рамки кои ја истакнуваат фасадата.

Зградата ја доби наградата за најгрда, но се стремела да биде нешто револуционерно и убаво: дури и многумина сметаат дека архитектите толку многу се залагале за совршенство на естетиката, што ги турнале елементите на функционалноста во втор план: жителите во кулата „А“ мораат да се движат меѓу катови со два различни лифтови или мора да ја поминат должината на зградата двапати (200 метри) за да стигнат до трпезаријата.

Ниту лифтот, ниту скалите на „А“кулата не стигнуваат до првиот кат, каде што се наоѓа трпезаријата. Спалните соби се опремени и со модуларен мебел изработен од иверица по нарачка. Овој мебел обично има дупки во него или е во облик на коцка.

Мислењата на студентите за мебелот се измешани, со пофалби за неговата модуларност и критики за неговата прекумерна тежина и недостаток на издржливост, што студентите веднаш изнесоа во Њујорк Тајмс уште во 2003 година.

И сега забавниот дел – зградата студентите одма ја нарекоа „Сунѓер“ (The Sponge), бидејќи ги потсетува на Сунѓерот Боб, и тие се во право – архитектот свесно ја моделирал нејзината форма и внатрешна структура врз основа на морски сунѓер со квадратен облик.

Со оглед на инспирацијата, тој можеби имал идеја да ја направи зградата жолта, како Боб, но победила „бруталистички сива“, додека жолтата и црвената останале само во траги на прозорците.

Најгрда или… можеби најубава?

Овде среќаваме две различни мислења – некои велат дека зградата е, всушност, врвно естетско достигнување на американската и светската архитектура. Имено, зградата ја доби почесната награда за архитектура на Американскиот институт на архитекти (AIA) во 2003 година и медалот Харлестон Паркер во 2004 година, доделен од Бостонското друштво на архитекти за „најубавото дело архитектонска зграда, споменик или структура“ во областа на Бостон.

Од друга страна, зградата одамна беше критикувана како грда, па се појави во изборот на Џејмс Канстлер „Eyesore of the Month“ во 2012 година. Архитектонското востание застана на страната на Канстлер, а во објаснувањето напиша дека „зградата ги има сите класични карактеристики на модернизмот – и сите негови грешки.Тоа е зграда која можел да ја изгради само архитект кој прифатил погрешна максима ‘Убавината е релативна’“.

На ова Steven Holl Architects одговориле дека студентите во зградата се „многу среќни“ и дека ваквото размислување на шведската организација е само во корист на „варварскиот американски претседател“, бидејќи и тој го дели тоа размислување. Имено, овој коментар е дел од интерната американска борба, бидејќи неодамна Доналд Трамп повторно донесе извршна наредба за промовирање на традиционални и класични стилови за федерални згради.

Долевање масло на огнот

Во САД има многу контроверзии за ова, а организации како што е АIА се изјаснија против наредбата, додека поддржувачите на наредбата, како што е претседателот на Националното граѓанско уметничко друштво, Џастин Шубов, рекоа дека „јавноста поддржува потрадиционална архитектура“. Наградата (негативната) на АУ само долеа масло на огнот на интерната „бура“ во САД.

Архитектонското востание возвраќа: „Зградата е колосална, но изразито непрактична градба која оддава целосен недостиг на интерес за станарите на зградата. Нејзината функција како дом за млади студенти, од кои многумина веројатно првпат се далеку од дома и заслужуваат да бидат сместени во простори кои се пријатни и кои подигаат расположение, се покажа како особено загрижувачка. И конечно, едноставно е грда и ужасна за гледање“.

второ место „San Francisco Federal Building“ (2007)

Американскиот архитектонски критичар Michael Diamant, кој беше во жирито, и кој е еден од основачите на Архитектонското востание, го нарече студентскиот дом „совршен пример за дизајн против човечност“. Сурово. „Наградата за естетско ѕверство“ ќе се доделува секоја година за проекти кои не се нужно „свежи“, секоја пролет.

трето место „The Ascent“ во Синсинати (2008)

Останатите „награди“

Интересно е што второто и четвртото место го зазедоа две згради проектирани од бирото Morphosis Architects – „San Francisco Federal Building“ (2007) и њујоршкиот „41 Cooper Square“ (2006), додека третото место го зазеде зградата „The Ascent“ во Синсинати (2008), дело на Даниел Либескинд.

четврто место, њујоршкиот „41 Cooper Square“ (2006)

Испрати коментар

Scroll To Top