Данското архитектонско биро BIG објави фотографии од градилиштето на деловната зграда CityWave во Милано, карактеристична по кровот долг 140 метри. Фотографиите се направени пред церемонијата на поставување на последниот елемент на конструкцијата, одржана за време на овогодинешната Недела на дизајн во Милано.
Како што може да се види од приложеното, конструкцијата на зградата е во голема мера завршена, вклучувајќи го и впечатливиот закривен кров без централни столбови, кој по завршувањето на зградата ќе биде целосно покриен со фотоволтаични панели.
Деловната зграда CityWave се гради како дел од развојниот проект CityLife, во рамки на кој веќе се наоѓаат изградени облакодери проектирани од Zaha Hadid Architects, Daniel Libeskind и Arata Isozaki.
Според архитектите од BIG, кои ја проектирале зградата во соработка со локалното биро Atelier Verticale, целта на дизајнот била зградата на никаков начин да не конкурира на постоечкото трио високи кули. CityWave ќе се состои од две деловни згради, од 12 и 22 ката, поврзани со огромен кров.
Комбинација од ламинирано дрво и челик
Кровот на објектот, како највпечатлив елемент на зградата, е обликуван како катенарната крива, што овозможува елегантно свиткување помеѓу двете згради. Изработен е од ламинирано дрво и челични кабли кои ја носат целата конструкција без централни столбови – слично на висечки мост. Тенки челични столбови, кои се затегнати, се тука за да спречат подигање на кровот поради ветерот.
Катенарната крива е форма што формира флексибилно јаже или синџир кога се држи на двата краја и пушти слободно да виси под сопствена тежина. Математички, тоа не е парабола иако изгледа како таква. Предноста на катенарната крива е што оптимално ги распределува силите на притисок и затегање, а во исто време користи минимална количина материјал за максимална стабилност.
Колонада од тенки челични столбови
„Наместо да предложиме две кули, креиравме две згради со внатрешен двор, кои не се дефинирани според нивната висина, туку според нивната меѓусебна поврзаност, создавајќи мост помеѓу локалното соседство и централните кули“, рече Лоренцо Боди, партнер во BIG.
„Закривениот кров го премостува празниот простор, претставувајќи опипливо сеќавање на историската оска на Милано, додека колонадата од тенки челични столбови го трансформира отворениот простор во нов јавен амбиент за целиот град, бришејќи ги границите помеѓу внатре и надвор, меѓу зградите и луѓето“, додаде архитектот.
Електрана на кров
Дизајнот на кровоот е инспириран од миланската галерија Vittorio Emanuele II, реинтерпретиран како современ јавен простор кој ги комбинира архитектонското наследство и одржливоста.
Кога ќе биде се завршено, кровот од 11.000 квадратни метри ќе биде покриен со фотоволтаични панели кои произведуваат приближно 1.200 MWh електрична енергија годишно, што ќе придонесе за целта на објектот да биде енергетски неутрален.