Насловна / Архитектура / Познати добитниците на годишната награда „Порта 3“ 2019

Познати добитниците на годишната награда „Порта 3“ 2019

Архитектите кои беа членови на кураторско советодавно тело на изложбата во њујоршка МоМА, Еко-свест и професорката од Градежниот факултет, Мери Цветковска добитници на големата награда „Порта 3“

Оваа година „Порта 3“ прославува 15 години од излегување на првиот број. Можеби некому и не изгледа многу, но за нас ова е голем јубилеј. „Порта 3“, 15 години се занимава со теми од областа на архитектурата, градежништвото и екологијата и е единствен медиум кој успеал да се одржи на пазарот посветувајќи се на овие области. А, условите не се едноставни, особено кога сите сме свесни колку имаме проблем со вреднување и почитување на стручноста. „Порта 3“ секогаш се обидувала да биде во тек со современите случувања во овие области, да афирмира вистински вредности, да пофали, но и да критикува, и сè тоа објективно преку текстови на Редакцијата и соработниците. После 15 години, интензивно следејќи ги случувањата и активностите на колегите, одлучивме да почнеме со доделување на три награди во трите области со кои се занимаваме, со идеја наградата да прерасне во традиционална.

Целта е сферата која ќе ја покрива наградата да има поширок дијапазон. Тоа подразбира дека наградата може да се додели на поединци, тим, компанија, институција или општествена активност и ангажираност во доменот на проектирањето, изведувањето, публицистичката, истражувачката и научна дејност. Но, исто така сметаме дека е многу важно да се воспостават универзални критериуми за доделување на наградата со што достојно и стручно ќе се оддаде почит на она што претставува вистинска вредност, вреднување на професионален труд и благодарност до оние кои успеаја со својата работа, доследност и вештина да придонесат за квалитетот на професијата.

За наградата одлучуваше петчлено жири во кое членуваа архитекти, екологист и градежен инженер.

Критериуми за доделување на наградите

Креативен, стручен и интелектуален пристап на архитектурата, градежништвото и екологијата. Квалитетни објекти кои се значајна и впечатлива архитектура, создадени со квалитетни функционални решенија, урбанистички соодветно поставени кои се вклопуваат во околината и придонесуваат за нејзино унапредување, современо архитектонско обликување постигнато со првостепена пластика, комплексни градежни и еколошки зафати и интервенции. Достигнувања во дизајнот, технички и технолошки достигнувања во трите области. Социјална и општествена одговорност во планирањето на просторот – урбанизам, одржливост на околината, амбиентот, научни студии и анализи, ефекти во животната средина, културен идентитет, висок професинален морал.

Комисијата за доделување годишна награда „Порта 3“ од областа архитектура, екологија и градежништво 2019 година работеше во состав:

1.Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, дипл. инж. арх. – главен и одговорен уредник на „Порта 3“

2.Вања Дончева-Рајатоска, дипл. инж. арх. – претседател на Издавачки совет на „Порта 3“

3.Натка Ќосева, дипл. инж. арх. – соработник на „Порта 3“

4.Д-р Даниела Младеновска, дипл. маш. инж – соработник на „Порта 3“

5.доц. д-р Златко Зафировски, дипл. град. инж. – член на Издавачки совет на „Порта 3“

 

Наградата за архитектура ПОРТА 3 2019 година се доделува на групата архитекти

д-р Ана Ивановска-Дескова, дипл. инж. арх. – доцент на Архитектонски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Владимир Десков, дипл. инж. арх. – асистент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје,

д-р Јован Ивановски, дипл. инж. арх. – вонреден професор на Архитектонски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

imageedit_3_7683439562

Наградата им се доделува за истражување  на модерната архитектура, периодот на постземјотресното Скопје 1963-1980 година, нејзина систематизација, валоризација, архивирање  и презентирање. Нивната повеќегодишна работа и настојување да го разбудат интересот, да укажат на значењето, да влијаат врз јавното мислење, да едуцираат, преку различни проекти и изложби  и секако како круна на сè, презентација на модерната архитектура на Скопје  во Музејот на модерна уметност – МоМА во Њујорк на изложбата „Кон бетонска утопија: архитектурата во Југославија 1948-1980“(,, Тoward A Concrete Utopia: Architecture In Yugoslavia 1948-1980“). Тие беа членови на кураторско советодавно тело од Македонија на оваа многу значајна изложба. Како што самите ќе речат „МоМА го стави својот печат и рече: „Да, вреди“. Се надеваме дека ова е доволна потврда која ќе ги поттикне процесите за локално вреднување на архитектурата на 20-тиот век, кои секако доцнат“.

MoMA izlozba (5)

Дел од нивните истражувања се презентирани  и во истоимената книгата издадена по повод изложбата во МоМА. Оваа книга е добитник и на престижната награда Richard Schlagman Art Book Awards во категоријата – историја на архитектура.

Модерната македонска архитектура благодарение на нивното истражување и стручен ангажман, знаење и висок морал во односот кон архитектонско наследство се најде во МоМА.

Наградата за градежништво ПОРТА 3 2019 година се доделува на проф. Мери Цветковска

imageedit_3_2213740758

Мери Цветковска со години наназад паралелно вложува огромни напори во едукацијата не само на идните градежни инженери, туку и на плејада искусни градежни конструктори.

DSC_0227

Како претседател на Друштвото на градежни конструктори на Македонија успеа да го врати духот и големината на еден од најстарите и најмасовните собири на градежните инженери од Македонија и регионот, а тоа е Симпозиумот на ДГКМ. Годинава се одржа 18. Симпозиум на Друштвото, на кој присуствуваа над 300 учесници од 18 земји од регионот и светот, со што беше реализирана една од најважните програмски цели, а тоа е афирмација на научните достигнувања и нивна имплементација во праксата.

Наградата за екологија ПОРТА 3 2019 година се доделува на Центарот за истражување и информирање на животната средина „Еко-свест“ од Скопје

62020877_10157623765139924_7270857858026045440_o

Здруженијата, кампањите, проектите и поединците кои оствариле значајни резултати во областа на екологијата и кои жирито ги зема предвид за Годишната награда на Порта 3 во категоријата екологија, се вреднуваа врз основа на следните критериуми: влијание врз подигање на еколошката свест, влијание врз креирањето политики кои влијаат врз екологијата (директно и/или индиректно), меѓународна афирмација на локални и/или национални еколошки проблеми.

imageedit_5_4703196572

Имајќи го сето ова предвид, одлучено е оваа награда да ја добие Центарот за истражување и информирање на животната средина „Еко-свест“ од Скопје поради долгогодишното сеопфатно и сериозно работење на подигањето на еколошката свест, активното учество како коректор на политиките од областа на животната средина и транзицијата кон поодржлив енергетски систем, и секако одговорниот однос кон една од најголемите закани на денешницата – климатските промени. Подигањето на гласот против изградбата на малите хидроцентрали и хидроцентралите во заштитени подрачја, резултираше и со меѓународно признание преку престижната награда „Голдман“ за Ана Чоловиќ-Лешоска.

Наградите на добитниците ќе им се доделат на пригодна свеченост која ќе се одржи на 26. декември (четврток) во 13 часот во Квинс Хотел во Скопје.

Plaketa Porta 3.cdr

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top