Насловна / Архитектура / Почина проф. д-р Миле Димитровски, поранешен претседател на Комората

Почина проф. д-р Миле Димитровски, поранешен претседател на Комората

Комората на овластени архитекти и овластени инженери со длабока болка и неизмерна тага ја споделува информацијата за ненадејното заминување на проф. д-р Миле Димитровски, поранешен претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

На 28 април 2025 година, замина човек кој зад себе остави не само дела, туку и светла патека по која ќе чекорат генерации. Проф. д-р Миле Димитровски беше и ќе остане синоним за посветеност, знаење, интегритет и човечност. Педантен научник, визионер, педагог, мудар советник, и пред сè човек со големо срце.

Во својот богат професионален пат, проф. Димитровски даде немерлив придонес за унапредувањето на стручната заедница во Република Македонија. Особено значајна е неговата улога како претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери во мандатниот период 2016 – 2021, каде со силна визија, лидерство и принципиелност придонесе кон зајакнување на професионалните стандарди, афирмација на инженерската и архитектонската професија и развој на Комората како независна и респектирана институција.

Целиот свој професионален ангажман го посвети на развојот на науката, образованието и стручната дејност, секогаш верен на високите етички принципи и стремежот кон вистинските вредности. Неговите научни трудови, истражувања и активно учество во бројни професионални и стручни тела се сведоштво за еден живот исполнет со труд, мисла и одговорност.

Замина ненадејно, предвреме, оставајќи празнина која тешко ќе се пополни. Но зад себе остави наследство кое нема да згасне — остави мудрост, пример и инспирација за сите што ќе чекорат по патот што го трасираше.

Во овие тешки мигови, Комората на овластени архитекти и овластени инженери изразува најдлабоко сочувство до неговото семејство, колегите, студентите, пријателите и сите што имаа чест да го познаваат и да учат од него.

Вечна му слава и благодарност за сè што остави зад себе.

Нека почива во мир.

Испраќањето ќе биде во среда, на 30.04.2025 година, од 11.30 часот во капелата Бутел.

Испрати коментар

Scroll To Top