Насловна / Арт и дизајн / Се случи на 31 март 1980 година – 45 години Факултет за ликовни уметности

Се случи на 31 март 1980 година – 45 години Факултет за ликовни уметности

На истиот брег во времето кога се создава ФЛУ во Македонија, веќе постојат неколку значајни институции од областа на визуелните уметности со разгранета активност: Училиште за применета уметност, Уметничка галерија, Музеј на современа уметност. Синтагмите модерна уметност и класичните техники се стремат во насока на  екстензија кон Интервенциите во простор (1982, 1986 во МСУ) и Новите појави во македонската ликовна уметност (1984  во ММ), групата Зеро, Биеналето на архитектура (БИМАС), Светската галерија на карикатури, СИАБ  (Меѓународното студентско арт-биенале), сите заедно во чудесен синхроницитет со времето на Симулакрумот и симулацијата на Жан Бодријар, со движењето Солидарност во Полска, со поствоскреснувањето на идолатријата по смртта на Енди Ворхол и Јозеф Бојс, со технолошките иновации (мобилните телефони, ЦД-плеерите, летот на спејс шатловите)… и со глобалната макро-микроклима на владеењето на Михаил Горбачов и Роналд Реган на политичкиот хоризонт.

Но во осумдесеттите години не се живееше во срцето на политичките состојби, туку во хармонија со музиката, визуелните уметности, театарот, филмот… Овој временски контекст е многу важен за разбирањето на златното време на слободата и благосостојбата во осумдесеттите. Еуфоријата никнува од нашата сѐ уште постоечка загреаност за менталитетот на градење нови институции и потврдување на идентитетските сфери, зачудувачки близок со оној ентузијазам познат од времето на ударничкото градење патишта, пруги, мостови… по 1941 година.

Она што за мене е важно е тоа што тогаш искрено се мислело да се направи нешто за државата, луѓето не се штеделе и сите институции работеле заедно, соработувале. Немало професионални критичари. Уметниците од првата генерација школувани во Париз, Букурешт, Прага, во Софија… биле доблесни интелектуалци со искрена визија да се создаде она што требало, а не постоело.

Очекуван рефлекс во ваквите околности е онаа суштествена линија на поврзување и дишење во ист ритам на создавачите на уметничките вредности и нивните оценувачи (историчарите на уметноста, критичарите, кустосите, новинарите, политичките институциите на културата). Токму интеррелациите  во ова смисла ја презедоа одговорноста и за создавањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Можеби денес акцентирањето на онаа непосредност во комуникацијата меѓу творците и нивните оценувачи-поддржувачи има звук на сентименталност. Во тоа спонтано дружењето меѓу нив и пошироката културна јавност се роди и идејата за создавање сопствена, национална образовна институција и, практично, желба да се прекине долгогодишната субмисивна професионална едукација на факултетите во Белград, Загреб, Љубљана.

Ќе си земам слобода да ја илустрирам оваа заедничкост во обмислувањето на идејата за формирање ФЛУ со моите приватни разговори на оваа тема уште во ателјеата на Петар Мазев, Ристо Калчевски и Петар Хаџи Бошков. Дури и за време на првата презентација на македонските уметници на Венециското биенале во 1978 година, на оваа тема дискутиравме заедно со Борис Петковски и Петар Хаџи Бошков. Потоа сферата на истомислениците направи екстензија во поширокиот интелектуален културен амбиент. Личностите со кои контактиравме од другата сфера (Тома Прошев, Илија Џувалековски, уметниците од  Хрватска и Словенија) се концентрираа врз единствената солуција – неминовност од создавање институција како ФЛУ. И тоа се случи на 31 март 1980 година.

Можеби најсуштинскиот поттик за остварување на оваа идеја/сознание  се раширените едра на Музејот на современа уметност (МСУ). Од 1965 година тој се претвори во подготвителна лабораторија за идните уметници. Тешко беше младите ентузијасти да им одолеат на светски културни вредности врежани во ликот на Пикасо, Вазарели, Сулаж, Калдер, Кристо… И не само толку. Тој визуелен багаж на слики, скулптури, графики, објекти и слично, постојано надградуван со феноменологијата на архитектурата, алтернативните активности на трансмедиумските практики, филмот, видеото, театарските претстави или предавањата, ја разгоре вистинската хемија меѓу идните уметници и оваа релевантна институција.

Така спонтано се отвори простор за реализација на првото Студентско интернационално арт-биенале во МСУ (првото се отвори во 1993 година со 67 дела, 35 автори, 11 академии и три континенти). Неколку години СИАБ функционираше како еден паралелен поглед очи в очи на македонските и светските визуелни дискурси и ова сојузништво и даде гориво на постоечката платформа на синтагмата светска солидарност, создадена по земјотресот.

Подемот и дијапазонот на едукациските дисциплини на ФЛУ во текот на изминатите децении и натамошниот обем на растежот на кадарот изнедрен од овој Факултет, е машина на креативна енергија што не останува доследна единствено на ретропоимите скулптура – сликарство – графика. Напротив, дијапазонот на методолошките единици е во постојан растеж со сета почит кон интердисциплинарниот наратив.

Вертикално ги освојува сферите на науката и магијата на новите технологии, издаваштвото, теренската работа, соработката со странски ликовни академии…,

Дејствувањето на дипломираните студенти не останува залепено за тлото на Македонија, туку врши експанзија на тој потенцијал во еден поширок пејзаж и ја дистрибуира новата македонска ликовна стварност: десетици некогашни студенти на ФЛУ денес се македонски претставници на меѓународната уметничка сцена, повеќето од нив создаваат во граници што ја надминуваат географската димензија на Република Северна Македонија и се интегрираат во уметничката констелација на глобален план. Тие нови и свежи крвотоци течеа низ галериите, салоните и музеите во Рим, Париз, Берлин, Њујорк, Виена… Тоа е и порив за непрестајно идентитетско докажување на полето на визуелните уметности.

  • * * * * *

Текстот го пишувам како директна учесничка во ова возбудливо време на сеопшта желба за создавање, кога професорскиот кадар на Академијата подразбираше високо рангирана образовна структура: најдобрите ликовни уметници во Македонија и кога ми беше чест да бидам членка на Првиот собир на работните луѓе на ФЛУ.

Автор: Соња АБАЏИЕВА, ликовна критичарка

Фото: Маја ЈАНЕВСКА – ИЛИЕВА

Испрати коментар

Scroll To Top