Предлогот на Шанса за Центар за создавање на сензорска мрежа за мерење на бучавата конечно се спроведува.
Со задоволство ќе следиме како оваа иницијатива се реализира од Општина Центар.
Од граѓанската иницијатива велат дека требало време за таа да се прифати. „Две години аргументиравме и се објаснувавме зошто општината треба да си ги спроведува законските надлежности околу заштитата на граѓаните од прекумерната бучава.

Во 2021 и 2021 амандманите ни беа одбиени. Во 2023-та се прифати општината да набави сензори, но не се определи буџет. Така остана и во 2024-та. Во 2025-та конечно да се назначат и пари за тоа, а да бидат набавени неодамна“.
Сензорите ќе овозможат постојан мониторинг на бучавата на определени локации, а општината сега има законска обврска да го продолжи процесот кон создавање на општинска мапа на бучава и спроведување на мерки за заштита од бучавата која е штетна за граѓаните, околу домувањето, а особено околу објекти од здравството и образованието.

Градоначалникот на Општина Центар вели дека започнале со воспоставување на паметен систем на 30 критични локации, кој континуирано ќе ја следи бучавата и ќе алармира кога е над дозволеното. Досега се поставени 19 уреди во Дебар Маало на улиците „Орце Николов“, „Мирослав Крлежа“, „Отон Жупанчич“ и „Боемска 1 и 2“. Ќе следуваат и други локации: улицата „Ленинова“, населбите Капиштец, Буњаковец, Кеј 13 Ноември и Кале.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија