Насловна / Вести / Обезбедени 270 милиони евра за изградба на 800 километри патишта

Обезбедени 270 милиони евра за изградба на 800 километри патишта

Претседателот на Владата, Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов на прес-конференција ја презентираа стратегијата и плановите на Владата за изградба, реконструкција, рехабилитација и обнова на патната инфраструктура.патишта

Заев соопшти дека 270 милиони евра се обезбедени оваа година за изградба, реконструкција и рехабилитација на повеќе од 60 патни правци во должина од околу 800 километри и соопшти дека започнува градежна офанзива на патна инфраструктура во Република Македонија.

„Станува збор за долгорочни инфраструктурни проекти од голем интерес за економијата, за граѓаните на Република Македонија и идните генерации. Инфраструктурното поврзување меѓу градовите, селата и населените места на цела територија на Република Македонија и инфраструктурното поврзување на земјата со земјите од регионот и Европа претставува стратешки и врвен приоритет на Владата на Република Македонија. Работиме на тоа да обезбедиме вистински услови за сите граѓани да имаат сигурен, безбеден и брз транспорт“, истакна Заев на прес-конференцијата.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во своето обраќање информираше дека е започнат инвестициски циклус на подобрување на целокупната патна инфраструктура во државата, преку изградба на нови автопати, изградба на експресни и регионални патишта па се до реконструкција на оштетените патни правци кои со години наназад не биле реконструирани, а се суштинска потреба за граѓаните и целокупното стопанство.

„Сакам да потенцирам дека ова е најобемна програма со најголем број на проекти за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во државата. Практично цела Македонија ќе биде едно големо градилиште“, порача министерот Сугарески.

Тој истакна дека оваа година ќе заврши изградбата на двата автопати Демир Капија – Смоквица и Миладиновци – Штип и изрази очекување дека до април ќе се пушти во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица. Министерот Сугарсеки објасни во детали дека ќе продолжи и изградбата на автопатот Кичево – Охрид и во наредниот период ќе се направат проценки и анализи и препроектирање на тунел, проектирање на девет клучки, мостови и други позиции по што ќе се утврди износот на дополнителни средства.

„Годинава ќе завршиме и со рехабилитација на автопатската делница Неготино – Демир Капија во двата правци која беше најоштетена на Коридорот 10. Претходно завршиме со целосна реконструкција на делницата Миладиновце-Куманово и обратно од Куманово до Миладиновце како и делницата Смоквица-Гевгелија. Сакам да нагласам дека оваа година ќе имаме комплетно реконструиран, брз и безбеден автопат на Коридорот 10“, соопшти министерот Сугарески.

Министерот информираше за отпочнувањето на изградба на три нови експресни патни правци Штип – Радовиш, втората фаза од патниот правец Прилеп – Градско и до Ранковце до Крива Паланка, инвестиции во висина од 100 милиони евра.

„Како отворена и одговорна Влада, политиките што ги преземаме во делот на инфраструктурата се во насока на обезбедување на два клучни моменти; прво економско зајакнување на Република Македонија и второ, обезбедување на квалитетен живот за сите граѓани на оваа држава“, рече минситерот Сугарески.

Директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов во своето обраќање подетално ги објасни проектите за рехабилитација и обнова на оштетените патни правци низ Република Македонија.

„Веќе е завршен рамковниот тендер за 300 милиони денари каде што 5 патишта ќе почнат за десетина дена да се рехабилитираат“, соопшти директорот Китанов.
Директорот Китанов информираше дека е направен прецизен план за континуирана реализација на предвиденото и посочи дека во иднина ќе се посвети поголемо внимание на безбедноста на патиштата.

„Со Светска банка започнуваме соработка на еден сегмент за заштита на сите учесници во сообраќајот“, рече Китанов и додаде дека е завршена тендерската постапка за новите современи електронски патарини со цел е да се елиминираат редиците, застојот и гужвата на патарините.

Испрати коментар

Scroll To Top