Насловна / Арт и дизајн / Изложба „Причина“ на Филип Фидановски во МКЦ

Изложба „Причина“ на Филип Фидановски во МКЦ

На 2 април, понеделник, во 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар ќе биде отворена најновата изложба на Филип Фидановски. Изложбата е со наслов „Причина“.КОПИТА...ПРЕД-1

Делата за оваа изложба се направени во 2017 година и дел во 2018 година. Дeлата се изработени во повеќе различни техники, дигитален принт, фотографија, керамика, принт на платно… Најновата изложба на Фидановски не е изложба што досега сме навикнале да ја гледаме. Станува збор за нов израз на авторот, овој пат ангажирана уметност. Политиката и политичарите асоцијативно, а некои и експлицитно ставени во контекст на едно гледање на моменталните општествени услови во Македонија. За политичарите минати, сегашни и идни, за аномалиите во културата и општеството. За лажните вредности што ни се наметнуваат од проектот „Скопје 2014“. За слободата, која ја нема повеќе. По малку сатирична и повеќе реална изразност на авторот во своите дела. Но многу трагична, бидејќи е исто така многу вистинита реалноста симболички прикажана во делата на Фидановски. На изложбата ќе бидат прикажани 13 дела со различна димензија, дел се триптих, полиптих и комбинирани инсталации.

Филип Фидановски е роден во Скопје во 1977 година. Дипломира во 2002 година на одделот за керамика и магистрира во 2006 година на Националната уметничка академија во Софија, Р Бугарија. Во периодот од 2003-2008 година работи како доцент на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, Р. Македонија. Од 2008 година е професор во Државното средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје, Р. Македонија. Од 1995-2015 година учествува на 43 групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија, Египет.

Учествува на голем број уметнички симпозиуми во Македонија и странство, добитник е на неколку награди и има организирано повеќе самостојни изложби.

Испрати коментар

Scroll To Top