Насловна / Вести / Обединети Нации: „Предолго водиме самоубиствена војна со природата“

Обединети Нации: „Предолго водиме самоубиствена војна со природата“

„Климатските промени, губењето на биодиверзитетот и загадувањето, претставуваат тројна закана по човековото здравје и напредокот, која може да се избегне само доколку ја промениме енергијата на која почива нашето стопанство, и начинот на кој се храниме“, предупредуваат Обединетите Нации (OН). Научната проценка на Програмата на ОН за животна средина (UNEP), утврдила дека галопирачкиот економски раст го следат разорни последици за планетата и ги повикува владите, бизнис секторот и луѓето ширум светот да работат на ублажување на штетите пред да биде предоцна.

UN1

Потпирајќи се на заклучоците од другите големи студии за клима и биодиверзитет, и стручните меѓународни панели, извештајот “Помирување со природата“, порачува дека брзото преоѓање на обновлива енергија и запирање на загубата на екоситемите се клучни во спречувањето на „неприфатливите ризици“ за идните генерации. „Предолго време водиме бесмислена и самоубиствена војна со природата“, рекол генералниот секретар на ОН, Antonio Guterres. „Резултатот се три поврзани кризи на животната средина – климатските промени, загубата на биодиверзитетот и загадувањето, кои и се закануваат на нашата одржливост како вид“. Раководителот на ова истражување, научникот Robert Watson за AFP изјавил дека овие три кризи се многу поголема закана отколку самата природа. „Тие ја поткопуваат безбедноста на храната, водата и човековото здравје“, истакнал Watson.

UN2

UN4

Според извештајот, растот на глобалната економија е речиси петкратен во последните 50 години, и почива на тројно зголемување на искористувањето на природните ресурси и енергија. Во еден таков драматичен раст, товарот на притисокот врз животната средина го носат најсиромашните и најранливите. Околу 1,3 милијарди луѓе се класифицирани како сиромашни, а околу 700 милиони секоја вечер си легнуваат гладни. Според проценките од извештајот, уништувањето на животната средина го поткопува напредокот во борбата за искоренување на сиромаштијата, а научниците предупредуваат дека пандемиите како covid -19, и во иднина ќе се поврзуваат со уништувањето на природните живеалишта на разни видови. „Ова не е прва пандемија предизвикана со пренос на заразата од животните на човекот, па затоа навистина мораме да размислиме за тоа како да ја спречиме следната“, вели Watson, кој со години се занимава со климата и загрозеноста на биодиверзитетот. „Со уништувањето на вегетацијата, ние луѓето влегуваме во подрачја во кои претходно не сме биле, и затоа доаѓаме во контакт со дивите животни“.

И покрај рекордното намалување на емисиите на стакленички гасови во минатата година, бидејќи пандемијата ги намали меѓународните патувања, сепак и натаму сме на патот до 2100 година, просечните температури се за 3 степени повисоки отколку во прединдустрискиот период. Тоа е далеку од целите на Парискиот договор за климата, со кој државите ветија да го ограничат глобалното затоплување на под 2 степена, односно на 1,5 степени. Но, ниту еден од целите кои светот си ги зададе пред десет години не е исполнет, а во моментот под ризик од истребување се наоѓаат милион видови животни и растенија. Извештајот препорачува да се прошират заштитените подрачја со цел да се создаде повеќе простор за дивите видови, и да се посвети внимание на се што води кон уништувањето на шумите, како што се неодржливото земјоделство и фрлањето храна. Според извештајот, владите ширум светот сеуште плаќаат 5 до 7 милијарди УСД за субвенционирање на фосилни горива. Тоа и натаму придонесува за загадување на воздухот кое годишно убива околу 8 милиони луѓе.

Коавторот на овој извештај Ivar Baste, вели дека намалувањето на субвенциите за фосилни горива, кои им помагаат на богатите компании кои се големи загадувачи, треба да се смета за наједноставен начин за борба против климатските промени.

„Иако е за пофалба што земјите поставија за цел постигнување на нулта емисии до 2050 година, главното прашање е – што тие ќе направат од денес до 2030 година? Акција е потребна веднаш, а не само аспирации до средината на векот“, порачал Watson.

 

Испрати коментар

Scroll To Top