Британскиот архитект Норман Фостер и германскиот производител на автомобили Порше ја претставија заедничката инсталација Gateway to Venice’s Waterways на 19. Биенале на архитектура во Венеција, како архитектонски гест што ја поврзува мобилноста и прилагодливата урбана иднина.

Истражувајќи нова типологија, Фостер ја гледа оваа блескава порта како предлог што има за цел да ги спои наследството и иновациите: „Во контекст на Биеналето, соништата го инспирираа повторното преомислување на транспортната инфраструктура на Венеција“, изјави славниот архитект.

Платформа за воден превоз во Венеција
Оваа архитектонска структура, долга 37 метри, истовремено е и мост и чвориште. Портата обликовно се надоврзува на историските венецијански пешачки мостови, а воедно вклучува напредни материјали и дизајнерски техники произлезени од богатата традиција на Порше во автомобилското инженерство.

Порше и Норман Фостер пристапиле на проектот за портата како на динамичен објект кој сепак се наоѓа во Венеција. Така, заоблената алуминиумска конструкција е обложена со кинетичка површина што ја одразува аеродинамиката на моделот Порше 917 и е надополнета со визуелниот јазик на брендовскиот Кубус дизајн.

Оваа инсталација е всушност замислена како жив јазол на идната транспортна мрежа што ќе функционира без емисија на штетни гасови. А веќе во текот на првата недела од Биеналето, од локацијата тргнуваат водните велосипеди Schiller и електричните чамци Frauscher x Porsche 850 Fantom Air, кои користат модифицирани мотори од моделот Porsche Macan.

Оваа порта не е само симбол, туку претставува функционален праг кој директно се вклучува во развојот на копнениот и водниот транспорт. „Сонот не е статичен“, додава Фостер и истакнува: „Тој мора да биде скалабилен, корисен и поетичен“.

Истражување на идентитетот на брендот во промена
„Како тим, постојано се соочуваме со прашањето како можеме стратешки и автентично да ја обликуваме иднината на нашиот бренд“, рече раководителот на дизајн во Порше, Michael Mauer и ја опиша портата како истражување на идентитетот на брендот во промена.

Соработката со Норман Фостер му овозможила на тимот да ги тестира тие идеи надвор од границите на автомобилската форма, во архитектонско опкружување кое ги надградува експериментирањата. „Овој проект нè принуди да ја преиспитаме нашата дизајнерска филозофија за целосно да ги интегрираме принципите на циркуларната економија“, додаде Mauer.

Сите применети материјали се локални, со цел да се одрази контекстот на Венеција и да се намали јаглеродниот отпечаток, додека модуларните техники на изработка укажуваат на можноста за примена на овој модел во други градови со слични предизвици.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија