Насловна / Архитектура / MVRDV проектираше зграда во Тирана во форма на Скендербег

MVRDV проектираше зграда во Тирана во форма на Скендербег

Започна изградбата на зградата Скендербег на MVRDV (со официјално име Карпата на Тирана, Tirana’s Rock), објектот со мешовита намена – кој со висина 85 метри и извајан во форма на биста на албанскиот национален херој – ќе биде меѓу најголемите згради во светот што истовремено ќе претставува и фигуративна скулптура. Завиткана во заоблени балкони кои го формираат обликот на главата на Скендербег, зградата ќе биде култно обележје на плоштадот Скендербег, центарот на главниот град на Албанија, славејќи и асимилирајќи се со културната историја на земјата, притоа давајќи ѝ на Тирана единствен идентитет различен од која било друга престолнина. Во исто време, зад својот драматичен изглед, зградата содржи добро проектирани, функционални домови на една од најпосакуваните локации во Тирана, се вели на сајтот на MVRDV.

2

Ѓорѓија „Ѓерѓ“ Кастриот (1405 – 1468), попознат како Скендербег, е централна фигура во историјата на Албанија, кој играл клучна улога во нејзината концепција како национална држава. Тој е национален херој на земјата, најмногу почитуван по кого е именуван и главниот плоштад во центарот на Тирана и каде е поставен и споменик на Скендербег, стои во објавата на официјалниот сајт на MVRDV.

1

Сместен на североисточниот агол на плоштадот, објектот на MVRDV за инвеститорите ANA sh.p.k. и VI&VI sh.p.k внесува присуство на сосема ново ниво. На ниво на улицата, зградата го исполнува просторот, на незгодно обликуваната локација, до рабовите, а главата на Скендербег е „издлабена“ од овој максимално дозволен волумен како мермерна биста. Неговите рамења се усогласуваат со најширокиот дел на локацијата, додека главата е свртена десно, односно кон плоштадот што го носи неговото име.

6

Архитектоснкото обликување на необичниот изглед постигнато е со користење на балкони што ја обвиткуваат целата зграда на секое ниво, со заоблени испакнати делови што ги формираат деталите на лицето како што се носот, ушите и брадата. Овие балкони им овозможуваат на внатрешните простори порационални основи, истовремено обезбедувајќи значителна количина вреден, засенчен надворешен простор за станарите. Резултатот донекаде е суптилен; луѓето можеби ќе треба да погледнат двапати за да ја разберат формата на зградата, во зависност од аголот од кој ја гледаат. Овој експресивен пристап беспрекорно се вклопува во градот кој развил традиција на мешање уметност и архитектура како дел од неговата посткомунистичка ренесанса, стои понатамо на сајтот на MVRDV.

3

Објектот содржи едно ниво на комерцијален простор и четири нивоа на канцеларии, програми кои можат да се сместат на долните нивоа на „бистата“, каде основите се мошне длабоки. Над овие содржини следат 20 ката каде се распоредени станови што ја исполнуваат „главата“, со посебно внимание посветено на секоја поединечна основа на катовите за да се овозможи домовите да бидат функционални и покрај неправилната форма на зградата.

„Денес градовите ширум светот се повеќе личат еден на друг – секогаш ги охрабрувам да се спротивстават на ова, да го пронајдат својот индивидуален карактер и да го нагласат“, вели основачот партнер во MVRDV, Вини Мас. „За мене, Зградата Скендербег е можност да се направи токму тоа. Објектот носи ново значење на постоечките елементи на албанската архитектура. Додека Албанија ги започнува своите преговори за пристапување во ЕУ, проектите како овој се дел од Европскиот проект – ја нагласува историјата, карактерот и присуството на Албанија во обединета Европа на многу држави.

4

Балконите на становите одделени се со вградени жардинери, кои овозможуваат зеленилото од околината да се прошири на зградата, при што се користат автохтони растенија. Проектот вклучува многу карактеристики што го прават одржлив во топлата клима во Тирана. Благодарение на широките надвиснати балкони, зградата е заштитена од прекумерна сончева светлина, а распоредот на основата овозможува природна вкрстена вентилација. Системите за прифаќање на дождовница и повраток на топлина ги минимизираат потребите за вода и енергија на зградата.

Стаклените балустради на балконите се карактеризираат со градиентна завршна обработка, која бледее од млечно бела до транспарентна завршница и ѝ дава на зградата етеричен, мермерен изглед. Ноќе, светлосните ленти вградени во долната страна на балконите ја истакнуваат формата на главата на Скендербег, правејќи ја зградата светилник и знаменитост во градот.

01 02 04 05 06 07 08 09 010 011

Испрати коментар

Scroll To Top