Насловна / Арт и дизајн / Купка, поет на боите!

Купка, поет на боите!

Ако се видат реалистично насликаните дела на младиот Франтишек Купка (1871-1957) исполнети со историски сцени и патриотски теми, тешко кој можел да предвиди дека само неколку децении подоцна, овој чешки сликар ќе биде еден од пионерите на раната апстрактна уметност и кубизмот (орфизмот).

Во суштина, ова важи за речиси сите оние модернисти кои ја измениле  класичната уметност на почетокот на 20 век и ја одвеле во различни непредвидливи визуелни и теориски правци и состојби.

kupka_resize

ПИОНЕР

Овој чешки зачетник на апстрактното сликарство, во овој период е претставен со голема ретроспективна изложба во „Гран Пале“ во Париз, насловена „Купка: Пионерот на апстракција (1871-1957)“. На изложбата може да се видат околу 300 дела кои го претставуваат целиот сликарски развој на Купка. Како врвен сликар и графичар, тој во својот опус тргнал од реализмот и на крајот завршил во потполна апстракција. Поголемиот дел од својот живот го поминал во Франција. Тој исто така бил графичар-илустратор, а неговото дело е дел од чешката и светската графичка уметност.

kupka17_resize

Франтишек Купка е роден во 1871 година во Опочно, во тогашна Бохемија, денешна Република Чешка. Тој бил роден како петто дете на административен работник во Општината Опочно.

Тој уште како дете бил многу талентиран во сликарството и тоа било забележано од нивен семеен пријател кој го испратил најпрво во занаетчиско училиште во Јаромеж во 1886 година.

Помеѓу 1889 и 1892 година, тој почнал да студира на Академијата за уметност во Прага и во тоа време сликал историски и патриотски сцени. Во 1892 година, тој го продолжил своето школување на Академијата за изведувачки уметности во Виена, каде што во целост се фокусирал на симболични и алегорни теми, што било во согласност со тогашните тенденции на сецесијата.

Тој во 1894 година изложувал во Kunstverein во Виена, и оттогаш започнал неговиот интерес за источната филозофија и теозофија.

kupka10_resize

ПАРИЗ

Како и за многу визионерски уметници од тоа време, клучен потег за Купка била преселбата во Париз, каде што во пролетта 1894 година тој ги продолжил понатамошните студии во сликарството. Најпрвин кратко ја посетувал Académie Julian, а потоа заедно со неговиот колега Jean-Pierre Laurens и славната École des Beaux-Arts.

Во тој период, Купка работел како илустратор на корици за книги и за постери, а во првите години од својот живот во Париз, тој станал познат преку неговите сатирични цртежи за весници и списанија.

kupka12_resize

ФУТУРИЗАМ

Во 1906 година, тој се преселил во Puteaux, предградие на Париз, каде што и починал на 24 јуни 1957 година.

Инаку, во 1906 година, тој изложувал за првпат и во Салонот на независни.

kupka6_resize

Следната пресвртна точка во неговото уметничко формирање била „контактот“ со првиот футуристички манифест, кој бил објавен во 1909 година во весникот „Фигаро“. Во следните две години, неговите слики сè повеќе се приближувале кон апстракцијата, во која тој наоѓал одговори за неговата теорија за движењето и боите и за врската помеѓу музиката и сликарството (т.н. орфизам). Така, неговата слика од 1909 година „Пијано тастатура/Езеро“ означила пресвртница и раскин со неговиот реалистичен стил, односно неговото сликарство станало сосема апстрактно околу 1910/1911 година.

kupka4_resize

„Креативната моќ на уметникот се манифестира само ако тој успее да трансформира природен феномен во „друга стварност“. Овој дел од креативниот процес како самостоен елемент кога е свесен и остварлив, ја означува можноста за создавање на слики“, сметал тој.

Во 1912 година во Салон на независни, тој изложувал заедно со кубистите, иако тој не сакал да се идентификува со кое било уметничко движење.

kupka1_resize

kupka7_resize

ПРВА СВЕТСКА ВОЈНА

Во 1914 година доброволно заминал на фронтот и во битката на реката Aisne во северна Франција бил ранет и добил одликување, а за неговите заслуги му бил доделен чин капетан. Тој помагал во организирање на чехословачки легии во Франција и по враќањето во Париз, тој ја основал т.н. Чешка колонија, чиј претседател бил.

По војната, тој бил назначен за професор на Академијата за ликовни уметности во Прага каде што предавал во 1920 година. Потоа предавал и во Париз, каде што ги подучувал чехословачките стипендисти.

Теоретската книга „Создавање пластична уметност“, Купка ја завршил во 1913 година и ја објавил во Прага во 1923 година.

Petite fille au ballon

Купка за првпат самостојно излагал во 1921 година во Париз во галеријата Povolozky. Во 1936 година, негово дело било вклучено во изложбата Cubism and Abstract Art во Музејот на современа уметност во Њујорк.

Потоа, тој исто така, излагал и со тогаш мошне славниот чешки сликар Алфонс Муха во галеријата Jeu de Paume во Париз. Голема ретроспективна изложба му била организирана во Galerie Mánes во Прага во 1946 година и имал неколку самостојни изложби во педесеттите години на минатиот век во Њујорк.

Помеѓу 1919 и 1938 година, Купка бил финансиран и поддржан од неговиот добар пријател, уметнички колекционер и индустријалец Jindřich Waldes, кој главно станал и сопственик на повеќето дела на Купка.

avtoportret_resize

ОСЛОБОДУВАЊЕ НА БОИ

Целото творештво на Франтишек Купка во својот финален изглед се создавало од почетниот описен реализам низ влијанијата на уметничките тенденции кои биле на залез, кон конечниот настап на апстракцијата која кај него имала специфичен израз и законитост. Купка преку апстрактното сликарство ја развивал темата за движење. На почетокот, тој имал во своите нефигуративни слики и натаму „реални подлоги“, сè додека не дошол до „чистата апстракција“. Важен елемент бил неговиот однос кон музиката, кој го водел до формирање на орфизмот.

kupka25_resize

Купка, исто така, покрај движењето, најмногу го интересирале боите, а начинот на нивното физичко толкување и перципирање, го довеле во 1910 година тој да почне да развива свој сопствен круг на бои, притоа користејќи го и прилагодувајќи го делото на научниците Исак Њутн и Херман фон Хелмхолц. Оваа студија резултирала со низа слики што Купка ги нарекол „Плочи на Њутн“ (1911-1912). Купка бил особено заинтересиран да ги ослободи боите од нивната дескриптивна улога. Неговата работа на ова поле особено влијаела на Роберт Деланеј.

kupka22_resize

Во Јапонија во 1994 година бил организиран голем преглед на неговата уметност, додека во 1998 година, во Прага, била организирана ретроспективна изложба на Купка во Националната галерија.
Изложбата „Купка: Пионер на апстракцијата“ во „Гран Пале“ е организирана во соработка со Центарот Помпиду во Париз, Националната галерија во Прага и Музејот Ateneum во Хелсинки. Изложбата е отворена до 30 јули.

kupka15_resize

kupka14_resize

kupka23_resize

kupka24_resize

kupka28_resize

Испрати коментар

Scroll To Top