Традиционалната намена на архитектонското биенале исчезна, изјави кустосот на овогодинешното Биенале на архитектура во Венеција, Карло Рати, за порталот Dezeen пред отворањето на 19. издание на оваа манифестација за време на претстојниот викенд.
Според Рати, сликите и информациите за интересни проекти ширум светот кои се широко достапни на интернет ја променија улогата на биеналето. „Можеме да кажеме дека Dezeen, меѓу другите, ја уби традиционалната форма на биеналето“, вели Рати и додава: „Традиционални биеналиња беа места каде што можевте да дознаете за најдобрите работи што луѓето ги прават низ целата планета. Но, сега можете тоа да го гледате во реално време, бидејќи можете да ги видите на интернет, на Dezeen или на социјалните мрежи и така натаму“.
Оваа драматична промена во начинот на кој се споделуваат информации значи дека биеналињата мора да се променат, истакна Рати. „Ова значи дека биеналето би требало да има поинаква улога. За мене, таа улога не е во прикажување на постојните знаења и постојните проекти, туку како место за експериментирање и развој на нови проекти.“
Наместо да прикажува проекти за кои многумина можеби веќе знаат, Рати се надева дека ќе развие нови идеи на овогодинешното Биенале за архитектура во Венеција. „Го гледам ова биенале како лабораторија – место каде што се развивате, не го покажувате она што веќе постои, туку развивате нови идеи, создавате нови тимови“, вели.
„Навистина ми се допаѓа идејата Венеција да се претвори во петриев сад, каде што се собираат речиси илјада луѓе од различни дисциплини, различни генерации, од различни земји, работејќи заедно. Она што произлегува од тоа е еден вид голем колективен експеримент“, заклучи италијанскиот архитект и инженер.
Венециското биенале е најзначајниот настан во архитектонската календарска година. Овогодинешното издание е со тема „Интелигенција. Природна. Вештачка. Колективна.“ и ќе се фокусира на тоа како архитектурата и градовите ќе се прилагодат на климатските промени.
„Би рекол дека ова биенале е насочено на луѓето, бидејќи без сомнение климата е еден од најголемите предизвици со кои сите се соочуваме“, рече Рати во претходно интервју за Dezeen.
Потсетување, 19. Биенале на архитектура во Венеција се одржува од 10. мај до 23. ноември 2025. година на различни локации низ Венеција. Сè што треба да знаете за овој настан може да се најде на овој линк.