Насловна / Вести / Каби Ламе: TikToker со најмногу следбеници, а не прозборел ниту еден збор (ВИДЕА)

Каби Ламе: TikToker со најмногу следбеници, а не прозборел ниту еден збор (ВИДЕА)

Каби Ламе (22) стана TikToker со највеќе следбеници откако постои платформата. Оваа „титула“ ја презеде во јуни од осумнаесетгодишната танчерка Чарли Д’Амелио. Каби моментално го следат неверојатни 151,2 милиони луѓе.

Каби Ламе стекна светска слава со брзина на светлина, и тоа исклучиво на TikTok. Пред само две години, за време на пандемијата, бил работник во една фабрика. Денеска може да се пофали со соработка со Снуп Дог, Новак Ѓоковиќ, Златан Ибрахимовиќ, Наоми Кембел, Грета Тунберг, тој беше и заштитно лице на Хуго Бос.

Припадниците на помладата генерација сигурно веќе слушнале за ова момче, чии снимки се најблискиот модерен еквивалент на таканаречената „нема комедија“. Секое негово видео има неколку милиони лајкови и е популарно ширум светот – но која е тајната на неговиот успех и светска популарност?

Што точно прави Каби Ламе на TikTok?

Ако треба да се спореди работата на ова момче со некој познат, тоа најприближно би бил Мистер Бин. Во бројни снимки, Каби Ламе воглавном на некој начин реагира на актуелни вирални содржини – без разлика дали се работи за тренд на TikTok, life hacks или познат фудбалер кој симулира повреда. Секое видео завршува со „чудење“ и ширење раце. И тој цело време молчи.

„Првото видео го објавив во март 2020 година, кога започна пандемијата и кога ме отпуштија од фабриката. Тогаш се започна. Одлучив да бидам нем, односно да користам само гестикулации и мимики, затоа што мислам дека така секој може да ме разбере. Тоа е единствениот универзален јазик“, изјави Каби Ламе за Time.

„Кога бев дете, сакав да го гледам Принцот од Бел Ер и сонував да ги насмеам луѓето како што тоа го прави Вил Смит. Јас никогаш нема да бидам како Вил Смит, Чарли Чаплин или Еди Марфи, тие се легенди. Иако често ме споредуваат со нив. Едноставно, јас секогаш ќе бидам Каби“, додава.

Колку пари може да заработи по една објава?

Според неодамнешното интервју што го даде за Fortune, Каби Ламе може да заработи околу 750.000 долари од една објава, додека TikTok фондот му плаќа меѓу 350.000 и 400.000 долари, исто така по снимка. Со оглед на тоа дека парите ги вложува во недвижнини, ресторани и софтверски компании, TikTok не му е единствениот извор на приход.

Кој бил Каби Ламе пред светската слава?

Пред да стане славен, Каби Ламе работел две работи – бил работник во една италијанска фабрика и келнер. Тие две работни места му носеле заработка околу 1.000 долари месечно.

Кабе е роден во Сенегал, но неговото семејство емигрирало во Италија во потрага по подобар живот. Кабе тогаш имал само две години. Поради дислексија, бил одбиен од средно училиште и од универзитетот на кој сакал да се запише. Кога е прогласена пандемијата, добил отказ од двете работни места. И одлучил да отвори сметка на TikTok.

k

 

Испрати коментар

Scroll To Top