Насловна / Арт и дизајн / Изложбата „Spaces of oblivion“ на Александра Петрушевска посветена на модерната архитектура во Скопје

Изложбата „Spaces of oblivion“ на Александра Петрушевска посветена на модерната архитектура во Скопје

Александра Петрушевска Ристовска уште од самиот почеток на своето творење се наметна како сериозна авторка, и тоа во континуитет го докажува со нејзиното присуство на уметничката сцена во текот на 15 години, со една специфична ненаметлива суптилна ангажираност. Тоа што беше евидентно и во нејзините претходни дела и циклуси , таа го потврдува и со нејзиниот последен сликарски проект.

03_resize

Изложбата насловена „Spaces of oblivion“ во Национална Галерија, Мултимедијален центар Мала станица, (6.05.2021-01.06.2021) е резултат на подолготраен истражувачки процес започнат во 2017 година и претставува прво самостојно претставување на Петрушевска од 2013 година. Овој циклус се состои од шеесетина слики во различен формат, работени во техника акрил на платно, како и дигитални слики, работени врз фотографска предлошка. Заедничко за сликите од овој циклус е тоа што на нив се претставени ентериери, внатрешните простори на јавни институции, кои припаѓаат на модерната архитектура во Скопје, објекти изградени во 1970-тите години.

_______resize

Во последната деценија евидентен е зголемениот интерес за специфичните архитектонски и споменични остварувања на југословенскиот социјалистички модернизам. Но, најчесто фокусот бил на надворешната форма и фасадите, а помалку на внатрешниот простор и неговата состојба денес. Поточно, каква е самата атмосфера во институциите, како ги паметиме и што нѝ открива тоа?

04_resize

01_resize

Александра Петрушевска Ристовска е сликарка која на многу сериозен и студиозен начин пристапува кон предметот на истражување и покажува висок степен на свесност за своето опкружување: го испитува просторот, до најситните елементи и архитектонски детали, со чувство за фрагментите, но и интерес за атмосферата. Тоа го потврдува и со истакнувањето на важноста на кадрирањето, за композицијата и специфичните колористички интервенции при конструирањето на просторот на сликата. Во овој циклус слики и светлината игра многу важна улога. Освен тоа што особено важно е осветлувањето кое е во самите слики, исто така исклучително важно е и амбиенталното светло на самата изложбена поставка, вклучувајќи го и внимателниот избор на бојата за галериските ѕидови.

a1_resize

Ракурсот ја фиксира перспективата на нормален човечки поглед, кој ни го олеснува пробивањето на површината на сликата, а празните простори во кои се наоѓаме, иако не се хиперреалистични, успешно рефлектираат атмосфера на изолација, осаменост, дури и онаму каде што студените бои не се доминантни. Бојата во одредени ситуации, особено каде што се среќава контрастниот однос на црвена со зелената боја, создаваат чувство на исчекување, како во секој момент нешто да ќе се случи – а сепак, со секој следен момент, ја посведочуваме продолжената тишина. Како да нѐ тера да се запрашаме што се променило, дали во нашето сеќавање има сцени кои се различни, исполнети со живот? И да помислиме како во сегашниот контекст ќе функционира целата поставка во галерискиот простор (некогаш) замислен за контемплација.

a2_resize

* * * *

Александра Петрушевска Ристовска е ликовен уметник и педагог, живее и работи во Скопје. Самостојно изложува од 2005-та година. Во уметничката практика употребува традиционални и интердисциплинарни техники преку кои ја изразува визуелната и симболична трансформација на просторот. Ги истражува формите на внатрешните ентериери фокусирајќи се на деталите, контрастите и боите. Ристовска учествува на меѓународни и регионални проекти од областа на визуелните уметности и добитник на неколку меѓународни награди и резиденции во областа на културата и уметноста.

02_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top