Насловна / Вести / Градината во услови на летен, пороен дожд

Градината во услови на летен, пороен дожд

Сушата е редовен проблем во летниот период поради што се посветува секојдневно внимание за полевање во градината. Во тој период какво било опаѓање на температурите и мал дожд е добредојден. Освежувањето кај растенијата е очигледно, но обилните дождови понекогаш може да предизвикаат и несакани ефекти.

13

Тоа е особено изразено кај растенијата што растат и се развиваат во глинеста почва. Поради големата количина на вода надојдена од една страна, како и слабата дренажа на почвата од друга страна, може да дојде до заситување и предолго задржување на водата, што предизвикува гниење на коренот кај одредени растенија. Кај песокливата и добро дренирана почва ваквата појава е значително помала.

3

Некои растенија, како што се лаванда, питом пелин (Artemisia sp.), зајачки уши (Stachys byzantina) и каранфили (Dianthus spp.), имаат мала толеранција за влажна почва и може да скапат за многу брзо време.

Од особена важност е да се преземат одредени активности пред да настапи пороен дожд, со цел да ја заштитите вашата градина. Потребно е задолжително отстранување на сувите гранки од високите дрвја, како и фиксирање со дрвени или метални потпори на оние растенија со послабо стебло, затоа што силниот дожд може сериозно да им наштети. Доколку имате градинарски култури, задолжително покријте ги со заштитна мрежа или најлон, затоа што дождот или градот може да предизвикаат голема механичка штета и губење на целокупниот род.

2

По дождот треба да се направи процена на штетата и да се засукаат ракавите. Поради разорната сила на поројните дождови треба да се проверат растенијата од механички оштетувања и по потреба се кројат сите оштетени делови. Задолжително треба да се провери почвата околу коренот на растенијата. Во тој дел почвата е порастресита и многу често дождот го раскопува тој дел и ги соголува корењата. Во зависност од состојбата по проверката, тој дел се дополнува со земја и мулч. По дождот тревниците на прв поглед повторно го враќаат пролетниот сјај, но не е препорачливо да пливаат во вода подолг период. Затоа пожелно е да се дренираат и аерираат.

12

Присуството на поголем број инсекти по дождот е нормална појава. Доколку одгледувате зелјести растенија, задолжително треба да ги заштитите од полжави, кои секогаш излегуваат по обилни дождови. Исто така, по дождот можна е појава и на лисни вошки на поедини растенија. За заштита третирајте ги со соодветен инсектицид.

11

4

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top