Насловна / Вести / Градежниот сектор во еврозоната бележи најголем пад

Градежниот сектор во еврозоната бележи најголем пад

Градежниот сектор во еврозоната бележи најголем пад откако пандемијата доведе до застој во економијата во 2020 година. Според најновото истражување објавено од „Фајненшл тајмс“, растечките трошоци за позајмување пари, наглиот пораст на цените на суровините и загриженоста дека рецесијата би можела да го забрза падот на цените на недвижностите, ја оптеретиле европската градежната индустрија.

Декемврскиот С&П Глобал индекс менаџер на набавка (ПМИ) во градежништвото во еврозоната покажа вкупен индекс на активност од 42,6, што е пад во однос на ноември кога изнесувал 43,6. Инаку, вредноста на ПМИ помала од 50 укажува на пад на активноста, а во еврозоната тоа се случува осми месец по ред.

г3

Активноста паднала во сите три најголеми економии во еврозоната, Германија, Франција и Италија. Последните три месеци од 2022 година беа најлошото квартално остварување на индексот од април 2020 година, кога градежната активност беше пореметена поради пандемијата, пишува „Фајненшл тајмс“. Најголем пад на активноста се бележи во Франција, каде изградбата на комерцијален простор бележи пад веќе деветти месец. Следува Германија, каде од 2013 година најмногу опадна изградбата на куќи, а воедно и набавката на градежни материјали.

Screenshot 2023-01-11 115804

Неодамнешната студија на минхенскиот институт Ифо покажа дека 16,7 отсто од германските градежни компании претрпеле откажувања на градежни проекти во ноември, во однос на вообичаената стапка од еден до два отсто. Новите нарачки за изградба на куќи во Германија паднаа за 14 отсто во октомври во однос на претходната година.

Флориан Хенсе, економист во германскиот фонд Union Investment, вели: „Градежниот сектор е дефинитивно меѓу најчувствителните на каматните стапки, така што ако ги зголемите стапките, тогаш очекувањата се градежната активност да биде погодена меѓу првите, особено кога инфлацијата на суровините е сè уште висока.”

Градежништвото генерира околу девет отсто од производството во еврозоната, така што падот на активноста и намалувањето на нарачките се лош знак за целокупната економија на ЕУ, која се очекува да западне во рецесија во текот на зимата.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top