Насловна / Арт и дизајн / Фасцинантни мозаици во храмот „Свети Сава“ во Белград

Фасцинантни мозаици во храмот „Свети Сава“ во Белград

Најголемиот православен храм на Балканот „Свети Сава“ на 27.10.2020 година, кога православните христијани го слават празникот Света Петка ги отвори своите големи порти. На тој ден, за прв пат верниците и љубителите на уметноста имаа можност да го видат завршеното мозаично живописување. Сите посетители се импресионирани од невидениот сјај и убавина на мозаичните сцени и икони, кои секого оставаат без здив.

2_resize

Храмот „Свети Сава“ изграден во Белград на Врачар, наместо со вообичаениот живопис, тој е внатрешно насликан и уреден со мозаик каков што не е виден во историјата на црковната уметност.

Проектното решение за внатрешното уредување на храмот е на рускиот религиозен уметник Николај Мухин. Во Русија го сметаат за најголем жив руски религиозен уметник. Тој во 2014 година победува на серуски конкурс, а шест години подоцна неговите скици и картони во боја со импозантни 15 илјади квадратни метри, станаа стварност на белградското светилиште.

SvSava02_resize

Посебно треба да се истакне помошта која Мухин цело време ја добивал од страна на Руската академија на уметностите на чело со претседателот Зураба Церетелија. Секако уште позначајна е помошта на раководителот на проектот, академик Манана Валентиновна-Попова. Таа за реализација на ова уметничко дело направила најдобри работилници и ателјеа за изработка на мозаици во светот. Да не се заборави и улогата на научникот на Руската академија на уметностите, д-р Ирина Бусева-Давидова, која го составила сценариото на живописот.

5_resize

Секако не треба да се занемари влогот во реализацијата на ова големо уметничко дело од страна на надлежниот владика на храмот Стефан, секретарот на српскиот патријарх Дејан (Павле) Накиќ и претставникот на Владата на Република Србија, Никола Селаковиќ. Тие помагале со идеи за иконографијата и решавањето на низа проблеми кои се јавувале во текот на поставување и реализација на мозаикот.

SvSava03_resize

Но, најголемиот товар и работа ја понесоа 300 најдобри мозаичари-уметници избрани од страна на Русите и 260 работници како помошен персонал за лепење и транспорт на сите потребни материјали. Работата за изработка на мозаикот е изведена квалитетно и беспрекорно од уметнички и градежно-занаетчиски аспект за помалку од четири години.

muh_resize

За реализација на великиот Храм „Свети Сава“ вложени се огромни средства. За тоа нека послужи податокот дека само Русија за последните три години донирала средства за реализацијата – изградба на храмот во висина од 10 милиони евра, а Република Србија дала донација од 43 милиони евра.

Мозаиците во Храмот „Свети Сава“ имаат оригинални композиции, кои не се видени во однос на големината и посебната изработка во црковната уметност на православието. Или како што вели авторот Николај Мухин тоа е „чудо“. Мозаиците се изработени на површина од околу 15 илјади квадратни метри, со 50 милиони парчиња на стакло и каменчиња, со вкупна тежина на примарните и секундарните материјали од 320 тони.

6_resize

Мозаикот е работен на начин, каков што се применува во Русија последниве 15 години, односно техника која е подобра од најпознатиот венецијански мозик. За оваа техника Русите сметаат дека е најдобра бидејќи се применуваат парчиња од природни бои и стакло кое се пече на високи температури. Ваквото монументално сликарство, бара детално и прецизно планирање. Затоа руските работилници се опремени со специјални алати за режење и клесање на смалтот, односно кобалтното стакло и природниот камен. За парчињата кои се вградуваат во мозикот се изготвени специјални складишта за чување на материјалите и смесите направени за лепење. Во моментов, ниту една земја во светот нема работилници за изработка на мозаични композиции какви што имаат Русите.

Tan2020-10-23_173931287_5-696x464_resize

Заради прецизноста и пристапноста до високите ѕидни и тавански површини, при монтирањето на мозаиците користено е градежно скеле во неколку нивоа со монтажни лифтови. Скелето се користело и за полесна монтажа на делови од мозаиците високи и по шест метри, кои се монтирале и на куполи, сводови и кривини. За да се транспортира скелето до храмот потребно било да се натоварат 42 шлепери.

4_resize

Сето ова за да се изведе, а особено за да се воспостави односот помеѓу стаклото, каменот и светлината, неопходно било уметниците да имаат заеднички пристап за уметничкиот предизвик, концентрација, знаење, вештина, свест, вложување голем напор и посветеност.

Во ентериерот доминира уникатниот уметнички израз, особено златниот сјај од милионите парчиња стакло и благородни каменчиња од сите бои вградени во повеќеметарските фигури и ликови.

Vaznesenje Hristovo, glavna kupola Hrama Svetog Save

Главниот печат на мозаиците во Храмот „Свети Сава“ го дава мозаикот на монументалниот Исус Христос Пантократор, кој го претставува во моментот на Вознесението. Се работи за мозаици со огромни димензии. Така на пример главата на Христос Спасителот во олтарот е четири метри, а распонот на неговите раце 17 метри и 35 сантиметри. Исто така треба да се истакнат големите површини мозаик на јужната, северната и западната страна со прикази на Воскреснувањето, Раѓањето Христово, Успението на Богородица, новозаветни и старозаветни сцени, кои пленат со својата убавина и импозантност.

uspen_resize

Во храмот има три олтари, од кои главниот е посветен на свети Сава. Десно од влезот се наоѓа олтарот посветен на првите белградски христијански маченици свети Ермил и Стратоник. Третиот е посветен на свети деспот Стефан Лазаревиќ. Под храмот се наоѓа крипта посветена на свети Лазар.

Во кружниот простор под куполата, по примерот на византиската традиција насликан е син мозаик, кој го претставува небескиот свод. Посебна триумфална нота на мозаикот му даваат четирите ангели со бели одежди и крилја во црвена боја и злато, притоа формирајќи композициски крст.

SvSava05_resize

Со завршувањето на подот, осветлувањето и некои помали занаетчиски работи, конечно Храмот „Свети Сава“ ќе биде завршен и ќе светне во полн сјај, а потоа постојано ќе ги прима верниците, туристите, уметниците и љубителите на уметноста.

Набрзо овој грандиозен свет храм, со невидената оригинална композиција на мозаикот ќе биде еден од најпосетуваните објекти во Србија и пошироко.

Автор: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top