Насловна / Вести / Дали како за „Холидеј Ин“ ќе се „протурка“ продажба на државното земјиште и кај „Треска“?

Дали како за „Холидеј Ин“ ќе се „протурка“ продажба на државното земјиште и кај „Треска“?

Ќе се примени ли за локацијата кај поранешната фабрика „Треска“ во Скопје сличен рецепт како во случајот со просторот спроти хотелот „Холидеј Ин“ е прашање кое заслужува внимание откако Инвеститорите на локациите кај поранешната фабрика „Треска“ на 7. јуни, годинава  до Општина Центар поднеле 20-тина барања за окрупнување парцели преку откуп на државно земјиште. Според постоечката регулатива можат да бараат окрупнување на парцели доколку поседуваат над 30 отсто од земјиштето. Општина Центар одлучува дали тоа ќе им се овозможи, пишува Само Прашај.

тр3_resize

Од Општина Центар велат: „Прво, треба да ги отвориме предметите за да видиме дали ги исполнуваат основните критериуми за дали воопшто можат да поднесат барање, па отпосле ќе знаеме каква управна постапка ќе треба да се води, односно дали таа постапка ќе треба да се води во Општина Центар или во Министерството за финансии“.

Од Министерството за транспорт и врски за „Само прашај“ велат: „Општината ги има сите надлежности во делот на градежното земјиште, а не Министерството за транспорт и врски“.

Додека инвеститорите за „Само прашај“ тврдат дека поседуваат повеќе од 90 отсто од градежното земјиште во рамки на градежните парцели. Поднеле барања за дооформување со преостанатиот дел и не гледаат проблем уште сега да добијат одобрение за градба.

тр4_resize

Семејството Викентијевиќ, фирмите „Голден арт“, „Мега“, „Акустик“, „Пелистер“ и државата се јавуваат како сопственици на парцелите кај поранешната фабрика „Треска“

Се планира да се гради според стариот детален урбанистички план што долго време беше ставен под мораториум, а со кој се предвидени триесетина згради наредени една до друга, коишто иако неизградени во јавноста станаа познати како „наполитанки“.

„Секој од инвеститорите настапува согласно соодветниот дел од сопственоста којашто ја има во рамки на градежните парцели. Проектите се изработени согласно параметрите коишто се предвидени со важечките детални урбанистички планови, каде што како основна класа на намена е предвидено домување“, вели Ивица Јакимовски, претставник на инвеститорите. Тој е Генерален директор на градежната компанија „Голден Арт“, која исто така е позната по изградба на станбени згради „наполитанки“, највеќе во Општина Аеродром и е претседател на Градежната комора на Македонија при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК).

Просторот кај поранешната фабрика „Треска“ е со површина од речиси 63.000 квадратни метри. Пребарувањето во системот на Агенцијата за катастар на недвижности покажува дека дел од парцелите се во приватна, дел во државна, а дел во мешана сопственост.

тр2_resize

Монтажа на 3Д-модел од ДУП Буњаковец 2 во реални позиции

Една од најголемите катастарски парцели на овој потег со број 10912, кај големите фабрички хали на „Треска“, имотните листови покажуваат дека дел од имотот е сопственост на Македонија, а во пребарувањето се појавува името на Предраг Виќентијевиќ кој според податоците на Катастарот располага со имот од илјадници квадратни метри во овој дел. Tрет дел од оваа катастарска парцела и припаѓа на градежната компанија „Голден Арт“, а уште еден дел од оваа парцела е под капата на битолската градежна компанија „Пелистер“ на битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски.

Слично е и кај другата голема катастарска парцела со број 10920. Тука во игра се кумановската фирма „Мега“, скопската фирма „Акустик“ и повторно „Голден Арт“, а дел од имотот е државен. Истата комбинација сопственици се јавува и кај соседните катастарски парцели со број 10919, 10918 (без „Голден Арт“), 10917, 10916 (без „Голден Арт“). Предраг Виќентијевиќ и „Голден арт“ се главни и кај катастарската парцела со број 10911/1, а сите претходно наведени се главни и на спротивната страна кај големата катастарска парцела 10900.

тр1_resize

Случајот „Треска“ е  актуелен и по тоа што инвеститорите се заканија со кривични пријави против советниците и градоначалникот Саша Богдановиќ ако ја продолжат постапката за за конкурсно решение за локацијата и ако ги суспендираат постојните урбанистички планови.

За настанатат ситуација со заканите градоначалникот Богдановиќ за Порта 3 изјави: „Јас сум подготвен да ги застапувам интересите на Општината, односно на сѐ она што Општината ќе го донесе како заклучок. Истото тоа го правев и со Мораториумот, каде единствено само јас одев по институции да го бранам ставот на Општината и нашите заложби и пред Уставниот суд; и кога сме менувале планови, кога нѐ тужеле; и за сите предмети лично јас одам и во Јавно обвинителство и пред сите институции да го застапувам интересот на Општината. Тоа што некој смета дека со одредена закана или притисок ќе може да изврши одредено влијание, мислам дека такви работи не поминуваат бидејќи досега сме покажале дека можеме да одолееме на притисоците…“

Дали се прави обид преку сличен рецепт како за локацијата спроти „Холидеј Ин“да се „протурка“ и продажба на државното земјиште кај „Треска“.

Да се потесетиме дека земјиштето спроти „Холидеј ин“ беше продадено во октомври 2018 година, по цена од 19.200 денари (312 евра) за квадратен метар. Тогаш Министерството продаде 9.048 квадрати, кои заедно со земјиште во приватна сопственост, добиено по пат на денационализација овозможија оформување на парцела од над 13.000 квадратни метри.

Овде парцелата за висококатниците беше оформена според Законот за градежно земјиште, кој предвидува дека градежното земјиште во сопственост на државата може да се отуѓи со непосредна спогодба за оформување градежна парцела доколку лицето има во сопственост повеќе од 30 отсто од градежната парцела.

За ДУП Ц08 спроти хотелот „Холидеј Ин“, по дописот од Антикорупциската комисија, Обвинителството отвори предистражна постапка за. Двајца поранешни градоначалници, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски се сомничат за злоупотреба на службената положба, а антикорупционерите се сомневаат дека повреди има и од страна на планерите, вработени во Центар, во Град Скопје и во Министерството за транспорт и врски кои замижале пред пропустите.

Целата сторија можете да ја прочитате на „Само прашај“.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top