Насловна / Вести / Chat GPT-5 ги разочара корисниците

Chat GPT-5 ги разочара корисниците

Кога OpenAI ја претстави најновата верзија на својот чет-бот, ChatGPT-5, очекувањата беа големи. Сем Алтман, извршен директор и мајстор за реклама и публицитет, вети „бот кој знае сè како доктор на науки“, револуционерна алатка способна да одговори на секое прашање од која било област. Сепак, реалноста беше далеку од ветената. Новиот модел доби поконцизна, поограничена личност, која не можеше веродостојно да одговори дури ни на основните прашања. Корисниците брзо ги забележаа грешките.

На пример, новинарот Тим Барки изјави на Bluesky дека побарал од GPT-5 да ги прикаже првите 12 претседатели на САД со слика и име под сликата. Резултатот бил серија од девет луѓе, со многу правописни грешки во имињата. Слична ситуација се случила и со последните 12 претседатели – прикажани се две верзии на Џорџ Буш и неговиот син, од кои втората изгледала како случајна личност.

Покрај неточните одговори, корисниците ги вознемири промената на самата личноста на новиот модел. Со воведувањето на GPT-5, OpenAI практично ги пензионираше претходните модели, вклучувајќи го и популарниот GPT-4o, поради што многумина кои ја сакаа старата верзија го изгубија пристапот, пренесува CNN.

Повеќе од 4.000 луѓе потпишаа петиција на Change.org со која бараат враќање на постарите модели.

Еден корисник на Reddit напиша: „GPT-5 е надвор од контрола“, објаснувајќи како моделот бришел задачи и ги поместувал роковите, додека претходната верзија правела сè без проблем.

Сем Алтман бил принуден да реагира – во рок од 24 часа од лансирањето, тој го најави враќање на GPT-4o за претплатниците и серија ажурирања што треба да ја поправат ситуацијата.

Критичарите истакнуваат дека фијаското на GPT-5 е уште еден доказ за предизвиците со кои се соочува индустријата за вештачка интелигенција: создавање производи што функционираат во реалниот свет, а не само во лабораториски тестови.

Гари Маркус, истакнат истражувач и критичар на вештачката интелигенција, нагласи дека во „рационален свет“ таков неуспех би влијаел негативно на проценката на вредност OpenAI, компанија која сè уште не остварила профит и чија вредност е проценета на 500 милијарди долари.

Додека светот на вештачката интелигенција балансира помеѓу ветувањата за машини што можат да решат глобални проблеми и реалноста на ограничените чет-ботови што грешат, јазот помеѓу ветувањето и реалноста само се проширува со секој нов модел.

Испрати коментар

Scroll To Top