Насловна / Вести / Италија гради нов светски рекорд: Висечки мост долг 3.666 метри (ВИДЕО)

Италија гради нов светски рекорд: Висечки мост долг 3.666 метри (ВИДЕО)

Неостварена желба уште од римско време, а плански разгледувана дури кон крајот на 1960-тите, проектот за мост што ќе ја поврзе Сицилија со континентална Италија е започнуван неколку пати во овој век, а потоа стопиран од различни причини (рецесија, корона), за да пред две години премиерката Џорџа Мелони повторно вдахне живот во овој амбициозен потфат.

Според најновите најави, проектот го развива конзорциум предводен од италијанската градежна компанија Webuild, и доколку се изгради, планираната структура со должина од 3.666 метри ќе биде најдолгиот висечки мост во светот, надминувајќи го моменталниот рекордер во оваа категорија – мостот Чанаккале 1915 во Турција.

Како што наведуваат од компанијата Stretto di Messina, завршувањето на работите се очекува во 2032 година, а се проценува дека изградбата на мостот ќе чини 13,5 милијарди евра. Главниот распон од 3.300 метри ќе го преминува Месинскиот теснец и ќе овозможи сообраќај и за патнички возила и за железница.

Челични столбови високи 399 метри

Според Webuild, мостот го претставува „срцето“ на поголем инфраструктурен план кој вклучува повеќе од 40 километри нови патишта и железници, три подземни станици и десет вијадукти ширум Сицилија и Калабрија.

Планираната конструкција ќе се состои од два челични столба високи 399 метри со систем на висечки кабли со дијаметар од 1,26 метри и должина од 5.320 метри, проект кој ќе биде „прв пат виден во историјата на инженерството“.

Мостот широк 60 метри, ќе има шест ленти за возила и два железнички колосека во двата правци, со капацитет од 6.000 возила во тек на еден час и 200 возови дневно. Според Webuild, мостот ќе биде проектиран да издржи земјотреси и екстремни ветрови, и ќе биде изграден „во согласност со највисоките меѓународни инженерски стандарди“.

Одобрение за проектот издал италјанскиот Меѓуминистерскиот совет за економско планирање и одржлив развој (CIPESS) на Италија, по децениско доцнење поради еколошки и финансиски проблеми. Имено, плановите за мостот првпат се разгледувани кон крајот на 1960-тите, а официјално се претставени и одобрени во принцип во 1998 година.

Еден од најпредизвикувачките проекти во светот

„Мостот ќе донесе голем инфраструктурен зафат што ќе се одвива истовремено на многу градилишта. Ќе го стимулира растот, вработувањето и законитоста низ цела јужна Италија“, рече извршниот директор на Webuild, Пјетро Салини.

„Талентираните италијански инженери, менаџери и работници од секторот конечно ќе имаат можност да работат во својата земја на еден од најпредизвикувачките проекти во светот“, додаде на крајот Салини.

Испрати коментар

Scroll To Top