Насловна / Арт и дизајн / CH07 Shell Chair на Ханс Вегнер

CH07 Shell Chair на Ханс Вегнер

Ханс Вегнер (1914–2007) е дански дизајнер роден во Копенхаген. Во својот роден град студирал дизајн на мебел на Колеџот за уметност и занаети, каде што подоцна (1946–1953) и самиот бил професор. Во 1943 година, тој го основал своето дизајнерско студио во Гентофте, каде што дизајнирал мебел и ламби, дрвени и сребрени предмети како и ѕидни тапети.

Набрзо станал консултант на бројни фирми за внатрешен дизајн. Неговите столици (особено оние базирани на кинески модели) станале многу популарни. Користејќи материјали од врвен квалитет со врвна изработка и препознатлив дизајн, Вегнер станал синоним за данскиот „добар дизајн“. Соработувал со најпознатите имиња на данскиот дизај на мебел и ентериер, како и со фирми кои ја ширеле славата на данскиот мебел низ целиот свет. Имал многу долга и богата кариера.

Кралското Здружение за уметност во Лондон му ја доделило на Ханс Вегнер титулата почесен кралски индустриски дизајнер на тоа престижно здружение. Столиците на Вегнер се синтеза на прецизна конструкција, имагинација и материјали, од кои на прво место секогаш било дрвото.

Најголем дел од неговите столици се карактеризираат со едноставност, леснотија и прилагоденост на сериско производство.

Негово архитектонско ремек-дело се смета столицата CH07 Shell Chair. Кога Вегнер го претставил дизајнот на Shell Chair во 1963 година, многу критичари го обожавале авангардниот изглед, но пошироката јавност не сакала да го прифати неговиот препознатлив израз.

Поделените критики во 1960-тите, заедно со помалку развиените техники на производство од тоа време, резултирале со многу ограничено производство. Кога Carl Hansen & Søn повторно ја претставиле Shell Chair во 1998 година, речиси веднаш се здобила со восхит од широката јавност поради интересот на новата генерација.

Лебдечката леснотија на дизајнот се постигнува преку крилестото седиште и закривениот потпирач за грб што се држи од рамка со три заоблени ногарки. Препознатливото седиште и потпирачот за грб на столицата направени се од тапациран фурнир, пружајќи на корисникот голема удобност. Ламинираните ногарки се направени од неколку слоеви фурнир, а двете предни ногарки се направени од еден елемент, што резултира со единствена и стабилна форма. Shell Chair е јасна манифестација на уверувањето на Вегнер дека столица секогаш треба да биде удобна, да нема задна страна и треба да биде убава од сите страни и агли.

Испрати коментар

Scroll To Top